Германците и писмата

Е не ги можам. Со сета почит, тука живеам моментално, студирам, од време на време подработувам и ги уживам сите благодети на оваа развиена западноевропска држава. Се е супер организирано, на време, без грешка... ама сепак, НЕ ГИ МОЖАМ!!!

Една работа им фали на овие луѓе, а тоа им се гледа од изразот на фаците, жими се. Им фали комуникација. Не фејсбук, не телефон, не емаил... човечка лице во лице комуникација. И тоа ме излудува. До даска.

Работам како тутор на студентскиот дом во кој што живеам. И во склоп на она што треба да го работам, е да им организирам на студентиве тука разни типови на забави, пошто многу многу самите не знаат да се забавуваат. Супер. Организирав журка во саботата како прв проект за подобро запознавање на студентите меѓу себе. Дојдоа околу 60-ина луѓе, што и не е така лошо. На почетокот малку срамежливи, стојат на страна, ама после 2-3 пива сите се отворија, почнаа да играат, да пеат, да се социјализираат, да се пуштаат по дечковци/девојки... и така замислете до 7 сабајле!!! Не сите секако, само најхрабрите!

Среќна и задоволна јас од мојот прв успешен проект, утредента се лечев со јогурти и цедени портокали и да ви кажам и покрај тоа што имав презентација за испит за два дена, се ми беше рамно, дека ептен супер си поминавме претходната вечер. Си кулирам јас така цел ден, се додека во 8 саат вечерта... тииииннннгггг... ми светнува сандачето, имам нов маил. Отварам маилот, што да видам.

Извесна особа ХХХ ми пишала на мене, како организатор на забавата, едно многу убаво формулирано писмо, во кое се издвојуваат 3 точки:

1. Бидејќи забавата не се одвивала до нормални вечерни часови, туку до рано сабајле, госпоѓицата не можела да спие и била приморана да викне полиција
2. Ме известува дека утредента ќе се жалела во управата на студентскиот дом да ми прателе опомена
3. Ако ова уште еднаш се случело (да не можела да спие)... WAIT FOR IT... HERE IT COMES... ќе ме тужела официјално и персонално мене!!!

Викнала полиција!!! Ајде, нејсе. Ма да никако не можам да разберам зошто едноставно не се симна доле да ме испцуе, ќе намалевме музиката, и се ќе беше супер. Е тоа и е малку, па додатно на тоа ќе се жалела на управата! Полиција малку и е. И шлаг, ако се повторела ситуацијата, ни помалку ни повеќе ќе ме тужи. Чим овде луѓе се спремни да се маткаат по судови и со адвокати заради галама од журка, не ни сакам да помислам на што се се спремни, ако не дај боже, на пример, вербално ги навредиш.

Уште како мала, додека учев во германското школо знаев дека германциве многу сакаат да праќаат писма. Секој ден кога ќе се вратев од школо, на мајка ми и носев по едно писмо: известување за дрн дрн, опомена за цр вр, пофалба за бр бр... секој ден по едно писмо. Арно ама јас мислев дека тоа е заради нивниот многу добро развиен систем. Не дека тоа го прават од љубов. Е, изгледа не сум била во право. Кога му го раскажав сето ова на мојот цимер од Германија, неговата прва реакција беше: Ах да, ние германците многу сакаме да пишуваме писма... посебно кога се жалиме за нешто.

И после ме прават будала, кога ќе им кажам на луѓето дека после мастеров сакам да се вратам назад во Македонија. Епа извиниете, јас со моите комшии цел живот со писма преку разноразни институции да се разбирам немам намера. Повеќе преферирам да ме испцујат во фаца. Поќеиф ми е.

П.С. На крајот на емаилот, онака ептен школски стоеше "Срдечен поздрав"
П.П.С. Кога му го покажав писмото на комшијата Ѓорѓи од Бугарија, прва и единствена реакција му беше: Де бе, дај да ја најдеме која е оваа, мамата да и ја ебеме... мамката нејзина...

Хехехе... ах, балкане мој...

CONVERSATION

2 comments:

Bojan said...

hahahaha abre jovana me iznasmea.. mene mi se desi nesto slicno.. pfingsten(duhovden katolicki), ja si kosam treva u dvor dur ziveev kaj rodninite u lünen i mi doagja komshija ljut ljut so da ti kazuvam.. pocnuva da mi se dere kako jas sum smeel na praznik da kosam treva.. ja cel zbunet mu vikam "pa ja ne sum katolik, pravoslaven sum, mene ne mi e praznik" ovoj neke ni da cue pocnuva da go bara mobilniot da vrti vo policija.. uste pozbunet ja izgasiv kosilkata i si otidov doma.. posle doznav deka pravenje vreva na praznici, nedeli, nokno vreme i za vreme na popladnevna pauza od 13-15h e zakonski zabraneto vo germanija :)))) duri ni peralna ne smees da pustis ako mnogu glasno centrifugira :))) jbg toa e toa.. vo germanija zakonot e zakon i site se isti pred nego.. se pomiriv so ova odamna :D

pozdrav,
bojan aus düsseldorf

ribaro said...

си уживав дури ги читав постовите. освежително блогче, ептен!
RIBARO

Back
to top