Есента во мојот град

Есента во мојот град е името на насловот што 8 години по ред го добивавме како тема за писмена работа по македонски јазик. И 8 години по ред бубалиците и примерните девојчиња со сите петки пишуваа за златно-жолтите лисја кои што ги газиме по тротоарите. А ние не така надарените за уметничко изразување пишувавме за тоа дека есента епостудена од летото, но потопла од зимата. И на крај пак сите имавме петки.

                                                                                                                                                                                (превземено од овде)

Есента во мојот град е волшебна. Кога е вистинска есен. Кога од сандали се пикаме директ во капути народот незадоволно констатира дека за жал толку омразените летни горештини се поминати. Но кога температурите полека се спуштаат и ние спонтано приметуваме дека навечер треба да си земеме џемперче, есента прави невиден ќеиф. Со задоволство се вадат од шкаф штофованите сукњи, се врзуваат марами околу врат, се комбинираат мантилчиња со чизми и сета таа појава целодневно ја красат наочари за сонце, чиниш пукнало сонцето високо над хоризонтот, не можеш во него да погледнеш. А тоа пустото заоѓа во 6 попладне.

Заладува сѐ повеќе. Радијаторите ладни. Додека масовно на цело Скопје се пцуе Топлификација, вработените и нивните роднини до трето колено, на вести три дена по ред како расипана грамофонска плоча се повторуваат известувања одТоплификација дека за да се пушти парно треба три дена по ред температурите да паднат под… дрн дрн… И тоа им е на сите јасно. Сеедно. Вработените и роднините нивни сепак биваат испцуени.

На плоштад насекаде се печат костени. Нема шанси да поминеш покрај нив и да не купиш барем 100 грама. А така се стратешки наместени, за кога таман си ги изел 100-те грама да ти се појави нов продавач со поголеми и поубаво испечени костени.

Низ дворовите на она што остана од скопските маала со куќи масовно се прави ајвар. Влезеш ли во некоја помала уличка, мирисот на печени пиперки ти ги стимулира плунковите жлезди, а стомакот ти лачи сокови и гласно се буни, што крчењето негово го слушаат дури и комшиите.

Домаќинките разменуваат рецепти за зимници. Пиперки на илјада и еден начин. Се чистат бурињата за кисела зелка и туршија. Фамилијата едногласно договара оваа година да се стави повеќе рен во туршијата, бидејќи минатата година фатила цут.

Станува се пооблачно. Почнува да врне скоро секој ден. Низ скопските улици се прави невиден метеж. Секогаш кога ќе заврне макар и три капки дожд, сите превозни средства се палат во истиот момент и нурнуваат во џунглата наречена скопски сообраќај. И преку улица по леб дури се оди со кола. Никако пешки. Евентуално со такси. Од автобусите висат луѓе од прозори од што е гужва. Ако случајно се најдеш сред тој метеж пешки, цапаш низ вирови од вода и биваш испрскан од глава до пети (некогаш намерно, некогаш не) на сред пешачки, на кој што секако немаш предност.

Се пцујат градските татковци, мајки, политичари, премиери, претседатели, нивните жени, роднини, пријатели и комшии. На собиранки се дискутира кој каде во поголема гужва заглавил и каде имало поголеми вирови. Скоро стално за тронот се борат подвожњакот кај МВР, кружниот тек кај хотел Континентал и некоја си црнаточка во Автокоманда.

Жолтите лисја паѓаат на земја, и додека не почнала сезоната на врнење тие претставуваат вистинска глетка како од сликовница. Целосно прекриени жолти пешачки патеки,малите деца радосно ги шутираат лисјата лево десно. На пољаните се тркалаат во нив. А кога ќе падне првиот дожд, сето тоа се претвора во една гомновидна смеса достојна само за рибарски чизми. А такви нема секој.

И секој пат кога ќе се спомнат жолти лисја, мене ми текнува на онаа од Жак Превер “Uvelo lisce slaze se po zemlji, a ja te jos nisam zaboravila”. Прекрасна љубовна песна. Таков е и овој пост. Љубовен. Посветен на некој со кој што радо цапам во гомновидните смеси по Скопските улици наречени неисчистени жолти лисја.

CONVERSATION

2 comments:

ribaro said...

твојата 5-ка била заслужена :)

debarmaalka said...

:)) Убаво, баш убаво :)

Back
to top