Лажги со опашки

Кога бев мала ми викаа дека кој лаже, тој и краде. А кој краде има вошки и спие на таван. Дали госпоѓо министерке вие крадете не знам, а уште помалку знам дали имате вошки или спиете на таван. Но едно знам: ЛАЖЕТЕ! Лажете безобразно дрско, лицемерно и без ронка образ. Лажете цела една нација гледајќи ја директно во очи.

Бевте вчера гостинка на една телевизија, чиешто име не ни заслужува да биде спомнато, говоревте за регионалната соработка на министерствата за внатрешни од регионов (соработка што не ја спорам – кај и да е ќе патуваме во Србија само со лични карти, дај боже да биде така и со другите земји) и притоа го изјавивте следново: Ние, министерствата за внатрешни мора да ја тргнеме политиката на страна и да ги заштитиме граѓаните.

Лажете госпоѓо министерке, лажете! Нити ја тргате политиката на страна, а уште помалку ги штитите граѓаните!!!

Ако се ставате во функција на граѓаните објаснете ве молам како тоа човек со поствоен синдром беше вработен во елитна полициска единица и служеше како телохранител на премиерот!

Објаснете ве молам госпоѓо министерке како тоа дозволивте припадник на МВР да убие човек!

Објаснете ве молам како тоа ги штитите граѓаните кога соучесниците во тоа убиство и ден денес не се познати!

Објаснете ве молам зошто МВР (барем процедурално) не се залага за истите да бидат најдени!

Објаснете зошто инсистиравте на тоа дека случајот за МВР е завршен, кога има сведоци дека имало соучесници во убиството!

Објаснете зошто никаде не се спомнува лекарот што изјава дека на телото од претепаниот Мартин Нешковски нема видливи траги на насилство!

Објаснете ни на нас граѓаните што 4 месеци протеситраме дека грешиме, дека МВР за да нѐ заштити ќе ја тргне политиката на страна и ќе ги гони до последен сите учесници во убиството, директни и индиректни, без разлика дали станува збор за обични полицајци, специјалци, обезбедувачи или телохранители. Покажете ни дека правото владее во оваа држава и дека сите инволвирани ќе одговараат за своите постапки.

Објаснете ни зошто провладините медиуми нѐ игнорираат!

Објаснете ѝ на фамилијата Нешковски што сѐ се случуваше тие 2 дена додека да биде обелоденето убиството. Објаснете им како и покрај извештајот од аутопсијата, вие немавте сознанија за момче кое што починало од насилна смрт.

Имате многу нешта за објаснување госпоѓо министерке. А можевте да бидете национален херој! Ќе ви направевме восочна фигура и ќе ја изложевме во музејот на македонската борба. Ќе бевте запаметена како министер со мадиња поголеми од сите ваши претходници. Ќе се пишуваше за вас во книги и учебници. Ќе бевте пример за тоа како политичар се става во функција на својот народ, а не во функција на својот бизнис, својата партија, својот премиер и оние што го обезбедуваат. Ќе ве почитуваа и најголемите хејтери, опозиционери и анархисти. Ќе ви викав добар ден и ќе ви се насмевнував секој пат кога ќе ве сретнував на улица. Ќе им раскажував на моите деца за првиот некорумпиран политичар во независна Република Македонија. Ќе си гризеа од газот сите ваши претходници пукајќи од мака зошто немале мадиња како вашите.

Еххх да беше баба дедо… Наместо тоа вие сега мора да се појавувате како гостин во квазивести кај квазиуредник во квазителевизија, смешкајќи се под тазе издепилираниот брк и со горчина во устата што од месечината се гледа лицемерно и безобразно да нѐ лажете.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top