Плусчиња

Обично не пишувам вакви постови, бар не во последно време, блогирам претежно на тема патување, ама па одамна не сум блогирала на рандом тема, и некако добив желба, а богами и инспирација…


Бев вчера во супермаркет да испазарам, и меѓу другото идам да купам јогурт. Јогурт ко јогурт. Ладен. Кисел. Не премногу. Јогурт. И идам да купам јогурт, обично купувам битолски, оној розевион, и таман да посегнам по јогуртот, ја здогледувам следнава слика:




Не дека мене нешто ми пречи и ме тангира, ја и понатаму ќе купувам од битолскиот розевиот пошто ми е најубав, освен ако не се решат го расипат па да морам да се префрлам на друг јогурт, ама ако едниве се крстиле Баланс Плус, мора ли бе другиве да се прекрстиле во Здравје Плус? На прво место неприкосновени по некреативност се рекламите и целиот брендинг за прашоци за перење, тука не може да им парира никој. Ама мислам дека Здравје плус го заслужуваат второто сребрено место. Не знам еве, ја не сум маркетинг брендинг експерт некој, ама мислам дека ако веќе ребрендираш или вадиш нов производ на пазар, треба да гледаш да си уникатен, а не копија. (Тука сеа Кина не би се сложила баш додуше, ама добро…). Сега да не грешам душа, може немале таква намера овие вториве, од кај да знам, ама па така изгледа - уште еден јогурт со плусче во името и зелено бела кутија или уште едно млеко со битолското чупе со плетенки на сликата. Има бе креативни дечки, ќе осмислат супер концепт, и дизајн, и све, дајте им шанса, дај некако да излеземе од тие рамки дека реклама за прашок за перење мора да има домаќинка во неа, дека млеко мора да има девојче со плетенки на амбалажата…  

Иначе јогурт е супер ствар. Со бурек иде многу добро.

_________________________________________________________________________

После блог постов добив порака од една другарка која ми пренесе реакција од креативците кои стојат зад брендингот.  Искрено жалам, мојата намера не беше ниту да навредам ниту да омаловажам некого лично. 

Кога ќе размислам подобро, веројатно тоа ни е одлика како народ, сите го правиме тоа. Работите и што треба и што не треба си ги сфаќаме лично. Јас тргам од себе. И колку и да сум свесна дека не треба, пак доживувам лично секакви критики. А не треба. Критиката, особено кога е добронамерна и конструктивна не треба да биде ништо друго освен поттик да бидеме подобри во она што го правиме. Па ете, се надевам дека овој блог пост од лична навреда ќе се претвори во поттик, не само за креативците што стојат зад јогуртите туку за сите што го прочитале блог постов, во секое поле да бидеме подобри, поуспешни, покреативни :)

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top