Патувачки дневник: Атина (втор дел)

Види претходно: Патувачки дневник - Атина (дел 1)
Дојде попладне и ние бевме гладни. Па одбравме една фина таверничка со грчка музика во живо и како што е редот: Узо, цацики (знам знам, таратур де, знам, океј) суфлаки, муфлаки, рибици, гирици, ракчиња… Све со ред. Прв пат во животот пиев узо. И гајле ми беше дали ќе ми се свиѓа. Амбиентот едноставно си бараше узо. Малку се преценивме со храната, колку за 8 души нарачавме, ама па многу на душмани, што, једном се живи, а ние стрвни ни се пробуваше од се…
После тоа одбравме некој рандом бар. Френк Синатра или така нешто. Над кафичот натпис со цитат од Синатра: Ги сожалувам луѓето што не се пијани. Така? Океј, нема проблем. Фативме коктелите со ред. Ни се придружи и Олга и нејзиниот пријател кој што всушност ни се придружуваше во 80% од времето. Дури и најрандом бар во некое најглупо рандом време како 7-8 попладне/вечер во недела во Атина има луѓе, има музика, има гужва, има содржина.
Ни се придружија и една банда на итаљани, работеле во Атина, па само што им завршил договорот, се спремале за на роуд трип низ Грција. А Олга во меѓувреме не покани (сите сосе итаљаните!) кај некој си нејзин пријател дома кој што славел именден. На цурите не им се одеше по домашни журки и имендени, и ги оставив со итаљаните, а јас им се придружив на Олга и нејзиниот другар на журката, на која што требал наводно да биде и нејзиниот бивши дечко, па да ја држам за раче да не оди сама.
Требаше да биде наводно голема журка. Другарот на Олга отиде прво до дома да земе хард диск со музика. Си викам океј, сигурно ќе биде супер. Олга е супер, другар и е супер, опенмајндед луѓе, се надевам дека нема да има отоци што ќе ме замараат за името, дека веќе трети ден по нас трчаат луѓе и ни викаат Фиром Фиром, и после трети ден игнорирање и смеење на темата, почна да ни станува напорно.
Влегуваме на журката што да видам: Една голема соба претворена во хостел со три дупли кревети, мириса на мувла, спуштени ролетни и непроветреан воздух, 7 полупијани хипици и две кучиња. Ауууууу, си викам, журкава си грми. Ме извади од коктел бар каде што имаше коктели музика и итаљани и ме донесе во дувлово. Океј. Што е тука е. Се заправив муабет со сите по ред. Еден од нив Сириец. Ама не од овие тазе сиријциве, 15 години живеел во Атина. Другиот режисер. Аха, што режираш? – Па одамна не сум режирал за комерцијални цели. На третиот му викам што работиш, ми вика: I’m a spiritual seeker. Бате, убаво тоа, супер, браво за тебе, ама лебот од што го вадиш. Кога вистински си ја барал спиритуалноста, потребите ти се сведувале на минимум и си се задоволувал со многу малку. Океј, ја пак не разбрав лебот како го вади, ама прекинав да прашувам. Четвртиот ми вика: “Запознав еден многу фин пар од Македонија летоска на Лефкада. И кога ги прашав од каде сте, ми рекоа ние сме тие што вие ги викате Скопианс. И навистина е така, од цел свет само ние ве викаме така. Глупаво е.” О шуќур си реков конечно запознав и некој разумен што не те замара, макар било и неговото гледиште скроз спротивно на нашето.
И кога по 20 минути Олга ми вика: Ајде да си одиме. Ааааааааа, не. Не се договоривме така. Ја не си отидов од бар со журка со музика со коктели со све, за да дојдам да поседам во стан со 7 хипици и после да си отидам во 12 дома да си легнам. Ја ќе останам. Остана и другар и кој што после ме испрати до дома. Т.е. ме врати до дома. Со мотор. Прц. Сум се возела на мотор у Атина.
Понеделникот сабајле Олга мораше да се врати на својата секојдневна рутина, т.е. да оди на работа, а ние закажавме туристичко административни активности. Административни – да се упатиме кон филипинската амбасада да извадиме визи (да да, следните блог постови ќе бидат на тема патување на Филипините J ). Туристички – АКРОПОЛ! Ајде конечно да посетиме историски знаменитости и да направиме слики за на фејсбук. Имавме и селфи стик и све.
Мора да признаам дека Акропол воопшто не е така импресивен. За 12 Евра влезница па ич. Можам само да ви препорачам дека можете слободно да го рипнете Акропол. Освен ако не одите со туристички водич или пријател што ќе има да ви раскаже некои fun facts, бидејќи во спротивно се е само купови неимпресивни столбови и камења. Глетката од горе е исто така прилично неимпресивна. Музејот на Акропол содржи реплика од она што Акропол бил пред да го опљачкаат и да однесат се во Brittish Museum.
Вечерта се упативме кон Егзархија. Егзархија е населба во Атина каде што живеат/се движат анархистите и полиција буквално не влегува внатре. Дури имало и случаи каде невини граѓани имаат настрадано под сомнеж дека се полиција во цивилки. Има голем булевар на кој што се наредени редици и редици полициски комбиња. Од едната страна е најелитната населба во Атина. А на страна е Егзархија каде што не само улиците мирисаат на марихуана, туку во баровите се служи пица со марихуана. Не пробавме од пиците со марихуана, ама затоа во барот каде што седнавме на масата имаше две кила мандарини и ние лабаво една по една им ги изедовме сите.
Тоа излегување ме чинеше после лежење два дена болна дома, четвородневната изложеност на студ си ја доби црешата на шлагот, меѓутоа моравме со Егзархија да го заокружиме нашето кратко слатко патешествие.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top