Нашето патување за Атина излезе сосема спонтано откако едно сабајле се разбудив, и на Твитер првиот твит што го прочитав беше дека во текот на денот – Black Friday – ќе имало огромни попусти на летовите на Рајанер. Неколку саати подоцна, имавме купено 4 повратни карти Солун – Атина за вкупно (!!!) 16 Евра. Да, карта во еден правец беше 2 евра.
Не ги знам пресметките за одење до Атина со кола, меѓутоа комбинацијата на возење до Солун и лет со Рајанер мислам дека е најисплатлива и најбрза (освен ако не патувате со луѓе како Ивана кои што инсистираат на аеродром да се два саати пред полетување). Под претпоставка дека патувате четврорица, математиката е следна:
- Пат до солун и назад – 500 денари
- Паркинг за колата по човек – 4 евра (околу аеродромот во Солун има еден куп паркинзи каде што за ефтини пари може да си ја оставите колата, на дел од нив може да резервирате и паркинг место онлајн)
- Повратен билет Солун – Атина – од 20 евра па нагоре
Стигнавме во Атина, беше попладне – приквечерина, и првото нешто што си го помисливме беше: Ахххххх, југ, види колку е топло. Марфи.
Уште вечерта другарка ми Олга, која што ја запознав лани во Камбоџа (патеписи од тоа патување има овде) и кај која што впрочем бевме отидени на гости, не однесе на пијачка во квартот Гази. Квартот Гази е бивш индустриски кварт, кој што е преполн со кафичи пабови и клубови и е местото кај што се искача во Атина. Уште првата вечер шашардисавме. Згмечени и потиштени од уништениот скопски ноќен живот, небаре не ни можевме да си замислиме како е да живееш во град во кој што имаш бескрајни можности за излегување, а не кул места што се бројат на прсти во кои што константно се движи истиот затворен круг на луѓе. Па после ни текна дека и кај нас едно време беше така, па не фати една носталгија… Тагата ја убивме со ракомело – греена ракија со мед. Многу поблага (и на вкус и по процент на алкохол) од нашава греена ракија. И за разлика од нашата која што се служи само во кафани, нивнава се служи секаде. И пак се навраќам на прашањето: Зошто турко кафе и ракија (она што што се пие во секое нормално македонско домаќинство) не се служи секаде, срамота е да се нарача и се смета за заостанато? Зошто бе не се служат шотови ракија во дискотеки? Зошто турско кафе не е специјалитетот што секој туриста ќе може да го проба во било кој локал каде што ќе седне? Нејсе….
Другата работа што многу ми се допадна е што во секој локал кафич паб ресторан кафана таверна при само седнување или доаѓање, ви се сервира мезе од куќата. А мезињата варираат од тенко сечени краставици, до двопек со намаз од маслинка, од маслинки до чипсови, од пуканки до помаранџи… Секаде на само седнување се сервира чаша вода и се носи мезе, па после да видиме дали ќе јадете пиете спиете, или што и да е. Го имаат угостителството измајсторисано до крај.
Наредниот ден имавме набиена агенда. Сабајлето се упативме кон Плака. Плака е стариот дел на градот што се наоѓа веднаш под Акропол. Мали тесни улички на брдо. Изграден од ѕидари кои што потекнуваат од островот Анафи и целиот стар град изгледа тој остров – мали бели куќарки, плава боја, многу скали и растенија насекаде. Погледот од горе врз Атина не е ништо спектакуларно.
Меѓутоа затоа прошетката низ малите тесни улички и безброј скали е многу романтична.
Стариот град го содржи и сето она што го содржи секој стар град во една туристичка дестинација – безброј мали продавници со дрангулии и сувенири, таверни со туристички цени, илегалци од блискиот исток што продаваат разгледници и сувенири…
и безброј симпатични и интимни мали кафулиња.
Саботата попладне ја искористив и за да отидеме кај братучетка ми на вечера на гости, која веќе некое време живее во Атина. Ги начекав двете дома како готват. Едната правеше вистинска супа, другата матеше брашно и вода <3 span="">3>
Дента во Атина дуваа такви ветришта, што по улиците имаше откорнати дрва. Меѓутоа тоа не не спречи во намерата да излеземе и да имаме a proper night out во Атина. Не, има да излеземе, па макар ни било последно! Ни се приклучи и братучетка ми. И повторно не фати лека депресија. Кој знае колку е прекрасно да живееш во град со бескрајни можности за ноќен живот. Бескрајно многу барови, пабови, клубови, мезе барчиња… Сите со убава музика и убав народ. Пак носталгија за старо Скопје, пак муабет ехеееее и кај нас беше вака порано…. па решивме дека нема смисла да кукаме и се оддадовме на алкохолот. Братучетка ми го пропушти последното метро за дома, па продолживме во атинскиот Балет – загушливо место каде што ги пуштаа ACDC и каде што висеа шанделиери од таванот :) Лонг стори шорт, 5 и 13 минути бевме во кревет.
Станавме утредента мамурни, со троа главоболка во главите, ама денот не смееше да се пропушти. Сонце пука, ветар нема, се лицнавме, и планот за денот беше: да се пие кафе покрај море. Толку. Никакви туристички активности, никакви музеи, никакви содржини од историско значење. Кафе. Море. Сонце. Ова последново од Октомври го немаме видено.
Се збравме, се качивме на трамвај правац море. (Иначе да, 4 дена во Атина карта за јавен превоз не плативме, мислам дека нашиот дел околу одмазда за неправдата со името е направен). Се симнавме на првата станица што излезе на море и се упативме покрај море правац пристаниште. Сигурно ќе има кафичи некои по пат. Аха да. Кафичи по пат немаше, ама затоа имаше разголени дечки што на 17ти Јануари боси по шорцеви играа фризби. 17 Јануари. Боси. Голи. Фризби.
Во Атина нема кафичи покрај море. We learned it the hard way. Има сигурно некаде, меѓутоа нема кафичи на кеј со маси со сонце со шема со наочари како што има во секој град што се наоѓа покрај вода. После многу шетање, барање и нервирање, најдовме еден кафич ресторан што не излегуваше баш на море, ама тука блиску беше. Дечко дај 4 кафиња жити бога. И еден чизкејк.
Следно: Атина (дел 2)
0 comments:
Post a Comment