Интересни факти за Атина

Калимера!
Грција сите ја знаеме ко Грција – лошите дечки што не ни даваат да си се викаме по уставно име, не тераат да правиме склекови на граница и дужни се ко – па да, ко Грчка. Меѓутоа факт е дека 80% од нас ја немаме прошетано Грција пошироко од Солун, Халкидики и стандардните миконос-закинтос-макинтос, па кога одиме таму забораваме дека таа земја е многу повеќе од Икеа шопинг дестинација каде што ем ги оставаме парите, ем ги пцуеме колку се никакви.
Пиј си кафе, пиј си тутун, азното само ќе си дојде
Атина годишно ја посетуваат 17 милиони туристи. Се-дум-на-е-сет-ми-ли-о-ни!!! Сега јасно ви е зошто грците никако да банкротираат?
Колевка на цивилизацијата
Атина ги има пројдено сите фази на општествено уредување – робовладетелство, демократија, капитализам, социјализам, комунизам, феудализам… сите! Градот е континуирано населен и жив повеќе од 3000 години. Тоа не е малку. Не само што не е малку, туку е и еден од најстарите живи градови на светов.
Партенон е некомплетно ремек дело заради вечните колонизатори – Англија
Во 1800 година, додека Атина уште била под Отоманската империја, некое бате Lord Elgin, кој што бил амбасадор на Обединетото Кралство во Константинопол, добил контроверзен фирман од турците со кој што му се дало дозвола да изнесува статуи од Партенонот. И така, тоа бате ги има отстрането, натоварено на бродови и транспортирано до Англија скоро сите скулптури, вазни и секакви други транспортабилни монументи од Партенонот. После тоа фино културно Британската Влада си го откупила сето тоа од него и сега сите тие скулптури се изложени во British Museum во Лондон, и Англија не ни помислува на нивно враќање, и покрај тоа што Грција еден куп пати покренала секакви иницијативи и имаат спор на темава што трае и ден денес. (Фан факт 2 на темава: Тие дури имаат и олеснувач во целиот процес на преговарање за скуплтурите, исто како ние со грците <3 span="">
Острацизам – старите грци знаеле како
Во антички времиња, Атина имала нешто што се вика острацизам. Секоја година во собранието се гласало дали да има острацизам, и мнозинството ако одлучело да, 2 месеци после тоа се одржувал истоимениот. Што е острацизмот всушност? Референдум. За тоа кој да се протера од градот! И така народот си гласал доколку не сакал некого, сметал дека некој е тиранин, или е закана за државата, или по било кој основ не сакал да биде во Атина, можел да си гласа таа личност да биде протерана. Најлегитимно. Замислете во денешно време ова, а?
Првите олимписки игри биле одржани само 2 години откако Грција банкротирала
На 10 Декември 1893 Грција банкротира. (да, земјата има долга традиција на банкротирање). Две и пол години подоцна, летото 1896та во Атина се одржуваат првите модерни олимписки игри после 1500 години. Како успеала една банкротирана земја да најде пари и да огранизира олимписки игри? Од донации. Или по модерно од фандрејзинг. Грција одбила странска помош, и ниту еден цент странски пари не смеел да влезе во фондот потребен за спремање на олимписките игри. Се лансирала огромна кампања и населението било буквално мобилизирано да донира. Во еден месец се собрале 130.000 драхми. Не знам преведено во денешна вредност на тогашните пари колку би било тоа, меѓутоа сигурно многу. Во меѓувреме некој многу богат грк од Александрија, Египет се понудил да го реставрира на свој трошок стадионот Панатенаикос. И откако се објавило ова, следела уште поголема лавина на донации од грчка дијаспора, од попови од света гора, од трговци, од обичен народ, донации стигале од секаде. Грција дополнително заработила од олимписката поштенска марка и од влезниците, при што на крајот собрала вкулно 1.5 милиони драхми. Ете така драги мои се организираат олимписки игри кога си банкротиран. Се што е потребно е да имаш дарежлив сиромашен народ со силно чувство на колективна општествена одговорност и еден многу дарежлив богаташ.
Тргам утре, со репортажи од главниот град на нашиот јужен сосед ви се јавувам наредната недела.
Сага по
Ваша Јована

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top