Југо журка

Ете се случи и тоа, бев на Југо журка. Газдата на еден кафич овде, за кој случајно пред година дена дознав дека е Македонец, не покани на Балкан Парти во средата вечер. Ќе имало и специјален диџеј од Франкфурт….

Се нацртавме таму јас и другачка ми Инес од Русија во 10 и кусур. Стоиме надвор да извидиме ситуација, и слушам ја внатре пичи “Тек је 12 сати”. Леее си викам, песме моје младости, ајде да влегуваме. Таман да влеземе, таа калешот на врата ни вика: 5 Евра влез.   Добро, кад се мора мора се. Додека да извадиме парите и платиме, заврши песната. Само што влеговме, и ете ти ја Весна Змијанац пее за јорговани. Мене уште одма почна да ми смрди и веќе 100 пати се имав покајано за 5-те Евра што ги дадов, но налет. Што е тука е.

Навлегуваме едно цели два до три чекори подлабоко во кафичот, и сите што беа таму како да ни го пратеа секој наш чекор. Нови фаци меѓу сталните гости. Инес уште од одма ја баталија, не им беше интересна, ја намирисаа дека не е балканка. Погледот нејзин ала Алиса во земјата на чудата кажуваше се. Јас се уште им бев привлечна. Од каде ли е, од кога е тука, зошто не сме ја виделе порано… такви мисли мора да им се вртеа во глава. И додека Инес се уште се трудеше да ги класифицира гласовните фреквенции на Змијанац, јас го здогледав диџејот од Франкфурт – еден младич кој што се наоѓаше во екот на неговиот пубертет. Јас да одам до шанк да земам пиво, а Инес веќе видно уплашена ми вика: Јована, не ме оставај сама! И викам, ова завивачкиве фреквенции нека не те плашат во позадина, то су све фини поштени људи. Дојдоа по некое време и едни пријателчиња мои Бугари, кои што меѓу другото си ја испеаа Цеца од А до Ш. Тоа е многу порно глетка морам да ви признаам, да гледате како бугари пеат српски турбофолк. Има нешто перверзно и еротично во тоа, не знам…. На Лепи громе мој ја стиша диџејот музиката, и рикна цел кафич на глас, а Инес збунето стоеше до мене. Ми вика: Што се случи? А јас и викам: Не се секирај се ближиме кон кулминацијата. Едни маж и жена десно од мене си се гушкаат и си пеат ли пеат, со еден мерак голем колку Шар Планина, а од лево едни копиљаци со сто кила злато на вратот се дерат: Брате Србинеееееееееее!!!!

Ок, време е да одпаузираме, да одмориме уши. Правац надвор, а надвор збирштина од Руси од Казахстан. Другари и другарки на вратарот. Сите кој од кој, жив доказ за Дарвинова теорија. Кога ги слушна Инес што муабет прават, ми рече: Батали, не можам ова да го слушам, подобро беше завивањето внатре. Влегуваме внатре и сада - спектакл. Свако вече црно мече пичи во сред Фулда!!! Ја слушам песнава, и ми се враќа филмот 4 години уназад на новогодишната забава на Сивус, кога Зоки му го утрапи цедето со дотичната песна на диџејот, а овој со цел памет ја пушти. И не смееше да ја прекине песната додека не заврши. Кога ме фати една носталгијаааааа, па после 2 минути кога ми текна дека тригерот за носталгијава е турбофолк, си ги собравме парталите и се упативме накај дома. Дома си пуштив една доза од Секс Пистолс, чисто да се деконтаминирам….

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top