У Скопљу проблеми. Здраво!

Вака турбулентен ден не памтам не знам од кога. А замислете, ситуацијата ја пратам само преку социјални медиуми, и тук там по некој медиум. Тук там, зошто bandwidth-oт на сите македонски онлајн портали, весници и телевизии е несоодветен за толкава побарувачка по информации, каква што имаше денес. Ваков крах на онлајн медиумите се нема случено од смртта на Тоше.

Како прво, ВМРО победи. Точка. Сите лавови, статуи, куполи и колонади сега се легитимни, повторно им дадовме право да го планираат и трошат буџетот на РМ, и сега не ни останува ништо друго туку да си ќутиме. Сите утешувачки коментари на СДСМ-овци дека направиле супер резултат се излишни, зошто стварно треба да си коњ, покрај толкаво незадовоство на народот да не успееш да ја симнеш власта. Искрено, мое лично субјективно мислење е дека пресуден беше моментот, кога се отвори Бранко во врска со жените на стечајците. Тогаш СДСМ ги загуби сите оние кои што ќе гласаа за нив, само за инает на ВМРО.

Како второ, Љубе уапсен. Фатен со 100.000 Евра во кеш. Во сред град, во сред центар, на сред бел ден. И додека Сител не пропушти да каже дека “после дознавање на веста за апсењето, голем дел од членството на Обединети за Македонија побарало да премине во ВМРО”, СДСМ-овци кукаат од страна, демек тражили сте, гледајте. Престанете да поддржувате се живо што е против власта. Тоа е истиот оној налудничав Брат Љубе со шешир на главата што пред неколку години од небрежност застрела новинарка. Бивш министер за внатрешни, фатен со сто кила кеш мито. Ако бивш министер не знае како функционираат тајни служби и дозволи да биде наместен, ич ама ич не го жалам. Не се бунете за тоа кого уапсиле. Бунете се за тоа кого НЕ уапсиле. Ален Зекиров се уште слободен се шета низ град. А Ален не беше фатен со еден куп кеш во раце. Ален на сред бел ден со 160 км/час прегази човек на пешачки. Да повторам, лично немам ништо против човекот, нит го знам нит го познавам. И знам дека може и да го јадам некој ден што волку многу бабури јавно јадам за него, но сакам правда. Не може за мито да се лежи затвор, а за убивање човек не! Не мора да лежи затвор. Нека му опнат казна месец дена да превезува стари лица преку пешачки, душата ќе би биде мирна, и ќе знам дека каква таква правда е задоволена. Зошто секој пат кога ќе го превезува старото лице преку пешачкиот, ќе мора да си повтори дека на пешачки премин пешаците имаат предност.

И како трето, момче убиено од страна на Алфите во сред центар. Сите молчат. МВР молчи, суд молчи, провладини телевизии молчат, антивладини телевизии пуштаат снимки од очевидци, млади луѓе се собираат во сред центар, ќе кампуваат таму цела ноќ, улици затворени… Се работи за човечки живот. Не сакам да шпекулирам, но нити негови другари, познаници, роднини, родители не се огласија во јавноста. Или се ќути заради страв, или ова е морбиден обид на извесни структури за правење нереди. Не знам од овие две зла кое е помалото. Ќе потсетам само дека пред година-две братска Грција гореше заради ваков случај. И тоа немаше врска нити со позиција, нити со опозиција, нити со корупција. Имаше врска со бруталноста на полицијата, која што кај нашите Алфи не е за потценување. Јавна тајна е дека алфите се збирштина од бивши робијаши, криминалци и слично. И како такви за фаќање и гонење на сличните на нив се супер. Но, бесно куче кога ќе го пуштиш од ланец, не бира кого ќе касне. Или поголема контрола, или распуштање. Зошто, ако се продолжи вака, матрикс ефект не ни бега.

-----------------------------------------------------------------------------------------

07.06.2011

Фејсбук страната “Стоп за полициската бруталност” е скината. Недоволна причина за сомнеж? Фактот дека провладините медиуми не објавуваат ништо, или нафрлаат во 3 реченици дека само е починато момче на плоштадот, но не и убиено е недоволна причина за сомнеж? Пред неколку години Сител успеа да се сопне на класична интернет мамка и објави дека Анџелина Џоли починала во Сен Тропе (или Кан, или не знам кај беше). Значи до брејкинг њуз знаат да стигнат, макар биле и лажни. Од се срце посакувам ова да е намештаљка. Зошто ако не е намештаљка, Сомалија не ни е рамна. А со Сомалија владеат пирати.

Ова не е тажен ден за демократијата, за човековите права, за слободата. Ова е тажен ден за новинарството во Македонија. Имам право да бидам информирана, а од лавината на различни информации кои што стигаат од секаде, не знам на што да поверувам. 

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top