Патувачки дневник: Мароко - Шефшауен

Станавме рано сабајлето во ријадот во Фез, и откако доручкувавме, се упативме накај автобуската станица да фатиме автобус накај Шефшауен.


Шефшауен е оддалечен околу 200 километри од Фез. Прашавме колку време ќе трае вожњата - пааааааа околу 3-4 саати. Ме облеа ладна пот, почнаа да ме маваат флешеви од Камбоџа каде што 200 километри ги возевме 8 саати. Си реков доброоо, колку се толку се, ќе стигнеме.


Шефшауен е мало планинско градче, и за да се стигне до него не се оди по автопат, па кривините, угорниците и удолниците што ги јадевме, почнаа да ни го матат желудникот. Се клацкавме се клацкавме се клацкавме и стигнавме во плавиот град таман пред да дојде нож до коска работава.


Во плавиот град и немавме многу чувство дека сме во Мароко. Планинската поставеност на градчето ни даваше некако чувство дека сме во планинско градче во западна европа. 



Мртви гладни решивме да седнеме прво да јадеме па после се останато. Кога во некој град си многу кратко немаш време да експериментираш и да откриваш, па седнавме во најтуристичките ресторани - оние што се стално на плоштад.


Откако се најадовме, почна мојата голгота во Мароко. Пребледев, и прекинав да зборувам. По 10 минути само осетив нагон, и се стрчав кон вецето, кое што бај д веј не беше во ресторанот туку беше јавно веце, 100 метри од плоштадот, па со рака преку уста трчав низ туристи и водичи, да не направам куршлус.


Од тој ден па натаму, јас регуларно и прописно си повраќав минимум еднаш, а некогаш и по два пати на ден. Што ми беше не знам, дали некој од тие зачините ми ги помати сметките, дали фатив некое тровање, не знам, ама јас 10 дена повраќав се што ќе изедев.


На менито на денот беше да се изгубиме низ плавите улички. И тоа и го направивме. А разликата од Фез беше далеку од очигледна. Никој не не влечеше за рака да ни покаже што е кај е. Како луѓе бевме оставени на раат да се изгубиме и сами да си го најдеме патот. Луѓето се толку фини и покрај тоа што им е многу смешна фасцинацијата на туристите од плавилото околу нив. 



Дозволуваат да им влезеш по дворови, да се сликаш на нивните тремови, а неретко канат и да влезеш дома кај нив. 



Девојчињата низ сокаците се закачаат со туристите на најнаивен и најискрен детски начин, а не бараат пари бидејќи ги сликаш. О каква промена беше ова за разлика од Фез.




Шефшауен освен плавилото е познат и по уште нешто. Пола од светскиот хашиш потекнува од Мароко. А во Шефшауен, односно околината, се наоѓаат наголемите фабрики за хашиш во Мароко, и најголемиот дел од мароканскиот хашиш се произведува токму таму. Хашишот во Мароко е малтене легален. Не е легален е меѓутоа толку е чест и толку го има насекаде околу тебе, што имаш чувство како да е легален. Не знам точни бројки, меѓутоа на многу луѓе егзистенцијата им зависи од производството на тој хашиш. Нешто како коката во Боливија.




Хашишот го пушат локалци нон стоп, го пушат рамо до рамо со нив и туристи нон стоп, го пушат дури продавачи на пазар на тезга. Додека продаваат. А се продава насекаде, се нуди насекаде, и не се кријат нешто многу многу, нити па пробуваат да бидат дискретни додека го продаваат. Нешто како кај нас петарди ко што се продаваат.


Имав желба да отидам на малку поегзотичен туризам и да ги посетам тие “фабрики” за хашиш. Читав блогови и колумни пред да тргнеме за Мароко дека влегувањето во тој “андерграунд” свет не е воопшто толку тешко и дека со малку распрашување и за малку пари може да се најде човек што ќе те однесе таму. Меѓутоа со оглед на луѓето со кои што бев отидена и со оглед на тоа што во Шефшауен бевме само неколку саати, решив тој предлог воопшто да не го ставам на маса.




Попладнето фативме автобус, и после многу кривини, удолници, угорници, лошења и матења, стигнавме во вечерните саати во Танжир.



Здраво Танжир!

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top