Вевчански карневал 2013 - или сагата на едно "јанесуодавде" скопјанче во бел капут

Ми рекоа после ова ќе се вратиш оштетена во умот. Ми рекоа ај утре со лесно. Ми рекоа дека вакво нешто не сум видела во животот. Мислев претеруваа. А тие ни приближно не ми доловија што ме чека - неговото височество Вевчански Карневал.

Не знам од каде да почнам. Обично викаат почни од почеток, ама импресиите уште долго нема да ми се средени, се ми е бучкуруш во главата. 13-ти и 14-ти Јануари се денови кога во Вевчани е дозволено се. Буквално се. И кога викам буквално, стварно мислам на буквално. Бев директен сведок како еден тип со прачка во панталоните меѓу нозе "изненадуваше" од позади луѓе на секои 2-3 минути. А едниот од кутрите изненадени тивко прокоментира: Абе, ова мене ми влезе едно 2-3 сантиметри, го осетив. И со едната рака натегајќи ја 1.5 литарската флаша од пелистерка полна со домашно црвено вино, а со другата рака држејќи се за задникот, продолжи да оди во поворката.

Глупи августи и ѓаволи со одрани свински кожи и опаши од коњи/магариња/телиња/шоидае во рацете се валкаат и тркалаат по улица низ кал и маваат со горенаведените реквизити по улицата. 




Страшни се. Леле колку се проклето страшни, се ежам додека го пишувам ова, флешеви ме маваат. Неретко (впрочем не само неретко, туку напротив - често) маваат и по оние што не учествуваат во карневалот. Едно кутро човече, туристички скроз дојден за карневал, го застанаа на сред улица, му се качија на хауба и шовершајбната со свинска кожа му ја избришаа. Чистење колата на свети никад. А и јас на своја кожа ги осетив. Глупи Августи ме пернаа по газ по белиот капут со гнасна каллива смрдлива свинска кожа. Вториот пат сакаа да ми ја опнат преку глава. Почнав да цимолам ко мало дете: Жити бога, бел ми е капутот, веќе еднаш ме мавнаа со кожите, те молам аман заман. Таман ми се смилуваа, одозгора се зададе еден ѓаол со вила во раката. Кога рече ме бркааааа, кога реков бегааааам.... цимолење немаше да помогне во случајов, ќе ме наденеше на вилата, око немаше да му трепне.

Ќеси од инфузија, полни со вино, пикнати во џеб... кога имаат маска што не дозволува пиење од чаша/шише  

А поворката додека оди, локалците што не се маскирани се грижат случајно на некој да не му снема за пиење. Пред секоја куќа стои човек со бокал домашно вино. Кој како помине, ако му ја видат чашата полу-празна, му дотураат. А неретко пијат и директ од централа.

Сум била на карневали во Шпанија (канарски острови) и во Германија (Франкфурт и Фулда). Овие првиве се хепи пипл, карневалот им трае месец дена (!!!) и по цели денови и ноќи играат салса и пијат сангрија. Овие вториве, ќе се начукаат уште посабајлечки до состојба полусмрт и веќе 6-7 попладнето се е завршено. Овие во вевчани 3 дена и 3 ноќи непрекинато... ма нема збор. Не е пиење тоа, не е лумпување. Збеснување е премлако за да се опише.

Сред село кога ќе се сретнат двете поворки (едната од горе надоле, другата обратно), е тука веќе збудалуваат. Тука сакаше да ме надене ѓаолот на вила.

Имаш поворка, панихида, годишнина од погребот на грција. ЦЕЛ ГРОБ направиле. Со делење блага пченица, со поп со кандило со се... А овој на сликава, цееееел ден седеше, менуваше локации чат пат и просеше. Некоја од минатите години бил маскиран во кипот на слободата. Стоел сред село со крената рака и факел во неа 15 саати... 



Таму други се маскирале во Алкохомат. Како кафемат, само место кафе дава топла ракија. Да, екшуали дава топла ракија тоа чудото, човек има внатре во него. Арно ама од време на време се расипуваше алкохоматот. Доаѓа мајстор со Фонко одело и штрафцигер, и го поправа, а во исто време поп со кандило го пее и осветува алкоматот. Пред него лежи на земја пијаница, а до него медицинска сестра му дава инфузија.

Трети се маскирале во Сител телевизија. Рамка од телевизор, Ивона Талевска со микрофонот што ЕКСКЛУЗИВНО ги најавуваше новостите од вевчанскиот карневал и секако неодминливиот Латас со Прес картичка. Еве сум, се сликав со Латас. Сакаа и да ме качат на него, ама ги разубедив дека не е добра идеја.  


Четврти извадил цел кауч пред порта, со телевизор. Лежи на каучот, на телевизорот Сител. Што си бе ти, жити се? - Гастарбајтер, вратен од странство, на одмор сум.


Петти беа Гангнам стајл. Зошто во невестински носии не ми е јасно. Мислам дека и тие не знаат.



Шести беа Адамс фемили. Со The Thing во кафез. И носеа котел со вода. И оган, вистински оган под котелот. И фрлаа со брашно наоколу. И дур збеснуваа, батлерот со бришач за прашина ги чистеше.

Вечерта се докусурува, се пие, се лока, се јаде, се што се стигне. БУКВАЛНО СЕ! Една особа, да не ја именувам и компромитирам, изеде цела роденденска торта СОСЕ роденденските свеќи. А уз тоа мезеше колбасица.

Утредента станав асиметрична во лицето. А утредента се палат маските. Се собираат пак горна и долна маала, сред село. Глупите августи и ѓаволите збеснуваат. Плашат народ насобран во круг дури чекаат да почне церемонијата на палење маски. Мафтаат со кожите и произведуваат еден тоооооолку страшен звук, ко гаврани гракаат, ти доаѓаат до пред лице, ти вриштат во фаца и мафтаат со кожите и опашите. Значи страшно е. СТРАШ-НО! А најголема клетва било: Да даде Господ, детето од василичари да ти се плачи. Од мали ги јачаат. На крај кога ќе се соберат сите василичари сред село играат оро, палат оган, и ги палат маските. (не само што ги палат маските, и тие се фрлаат во огнот)


Целата атмосфера ни приближно не се опишува со зборови. Еве како изгледа.


CONVERSATION

1 comments:

Ljuben Sara said...

Благодарам Јована!
Сликовито до бескрај!
Впечатокот е ист како јас да сум бил таму, ама не како наденат детал на ѓаволовиот тророжец! :-)
Прекрасно!
Секое добро! :-)

Back
to top