Патување со автобуси беше минато. Ги поминавме брдата, ги поминавме планините, ни претстоеја рамни дестинации покрај море и низ пустини.
Се качивме рано сабајле на воз за Рабат. Железницата во Мароко е под ингеренции на француското SNCF, па така можете да претпоставите само какви им се возовите и инфраструктурата: бесшумни возови, без доцнење, најава на секоја станица… како во секоја западноевропска држава. Еееее црна Јовано, дојде во Мароко и им завидуваш на железницата, до кое дереџе дојдовме. Нејсе.
Тргнавме за Рабат. И после едно саат и пол – два, влеговме во некое поголемо населено место. Ни мирисаше на главен град. Почнавме да стануваме внимателни и да читаме и слушаме на секоја станица. Сепак си реков, Рабат е главен град, кога ќе застане таму на главната железничка ќе урлаат со 9 мегафони, ќе пишува насекаде, ќе направи возот поголема пауза. Ок. Стигна возот на некоја станица Рабат нешто, а нас ни требаше Рабат Вил, главната. Не е таа. Идемо даље. Продолжи возов да застанува на други станици што не се викаа Рабат, и после едно 15 минути излезе од населеново место и продолжи да фура покрај море накај Казабланка.
Да. Ја промашивме главната железничка станица во Рабат, главниот град на Мароко. Туфли.
Се договоривме дека мора дента да одиме во Рабат и да си го следиме испланираниот распоред. Се симнавме од воз во мароканското Богданци, си купивме нови карти и отидовме на пругите од карши. После некое време дојде возот за накај Рабат.
Овој не беше така пријатен. Поприлично смрдкаше, а и поприлично имаше гужва во него, а и присутните поприлично недискретно зјапаа во нас. Ми дојде преку глава и почнав да си играм чикен со еден Ахмед, и да го зјапам и јас директно во очи. Ќе му стане на Ахмед незгодно, ќе тргне поглед, после минута два ќе се сврти пак, јас уште зјапам во него и му зборам во фаца на македонски: Ајде да видиме кој е појак, ајде! Ахмед по некое време се откажа. Мала слатка победа.
Влеговме пак во Рабат. Поучени од минатиот пат дека ете може да се утне и главна железничка станица на главен град, на секое застанување прашувавме: Рабат Вил? Не, за 3 станици. Ок. Рабат Вил? Не за 2 станици. Рабат Вил? Не, следната станица. Рабат вил? Да да, ова е тоа.
Се симнавме, нигде ни знак ни бутур дека е тоа Рабат Вил. Само горе на зградата со огромни букви: Rabat Ville. Ама што ќе ми се тие огромни букви, кога тоа од возот не може да се види!!! Ги изнапцувме дека не ги бива, и повторно си ја вративме самодовербата на искусни патувачи. Сепак не сме биле туфли.
Пораз број два во Рабат:
Добар ден, каде се наоѓаат локерите во железничкава ви станица?
Немаме локери.
Како тоа немате локери?
Немаме локери.
Мора да сте грешка. Не се разбираме. Локери. Онакво за заклучување багаж.
Немаме локери.
АМА ОВА Е ГЛАВНА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА НА ГЛАВЕН ГРАД! MOРА ДА ИМАТЕ ЛОКЕРИ
НЕ-МА-МЕ-ЛО-КЕ-РИ!!!
Подвиткавме опашките. Ништо, со куферите ќе се шетаме низ Рабат. Јас со ранец бев, немав гајле, Ивана и Буце, нот соу мач. Ама што е тука е.
Откако се најадовме и се напивме, се упативме кон најпознатата туристичка атракција во Рабат: Hassan Tower и мавзолејот на Мохамед Петти, кои што се наоѓаат едно спроти друго.
Hassan Tower е всушност минаре на неизградена џамија и требало да биде највисокото минаре на светот. Почнале да ја градат, и не знам зошто прекинале, и џамијата останала неизградена, а и минарето до пола.
Мавзолејот на Мохамед Петти е – мда, гробница. Каде што почива Мохамед Петти, нели. Ја чува кралска гарда, смешно облечена, како што се смешни секаде во свет. Со таа разлика што овие кога проаѓаш покрај нив и им викаш добар ден, они ти викаат исто добар ден, и ти се насмевнуваат. Сонциња.
Мохамед Петти бил крал на Мароко од почетокот на 20ти век, кој што французите во 1953та година го прогониле, бидејќи го окупирале Мароко. Видиш јас немав појма дека после втората светска војна светов имал продолжено со класични и конвенционални мерки на освојување туѓи територии и водење војни. Поготово не дека ги воделе земји кои што во втората светска војна биле на страната на добрите. Проклет колонијализам. И истиот тој Мохамед Петти, после две години се вратил во Мароко, и ја договорил со французите независноста на Мароко. Еј, Мароко стекнува независност 11 години после втора светска војна! Не можев да прекинам да се чудам. И да се згрозувам од колонијалците.
Имавме поприлично време па на ширинката со стопбови меѓу Мавзолејот и недовршеното минаре удривме една фотосесија. Со позирање, со бидување откачени, со све.
За да ги испробаме сите превозни средства во Мароко, назад накај железничка станица фативме метро. Немавме време за жал да ја прошетаме медината на Рабат. Меѓутоа, пошто секој град има медина, си рековме океј, од 10 една може да пропуштиме.
Mедината на Рабат во позадина
Се качивме на воз, 20 минути подоцна бевме во Белиот Град. Здраво Казабланка. Здраво Хемфри.
0 comments:
Post a Comment