Патувачки дневник: Мароко - Танжир


Во Танжир дојдоа и првите сообраќајни гужви и првите разочарувања со смештајот во Мароко. Откако успеавме да фатиме такси (стигнавме во Сабота навечер, по улиците беше толку гужва што 45 минути чекавме да најдеме слободно такси што ќе не однесе до центарот за пристојна цена), се симнавме во центарот и почнавме да одиме пешки по малите улички низ медината за да го најдеме хотелот. Без С. Хотел.

Хотелчето изгледаше сосема фино и пристојно, на 5 минути од морето, во центарот на медината. Не примија и покрај тоа што се чекиравме толку доцна. Се раскомотивме, се уверивме дека собата е чиста пристојна… се се се. И кога првата од нас реши да оди во ВЦ - хоп, немаме веце во собата. Има туш, има умивалник, нема шоља. What? Како некој воопшто прави веце со туш и умивалник без шоља???

Мене тоа не ми правеше некоја разлика, меѓутоа на другите две особи ова им беше битно. Нејсе. Се помиривме дека нема да имаме веце во собата бидејќи такви соби не постоеја, а беше многу доцна и бевме многу уморни за да бараме нов хотел.

Танжир се наоѓа на северот на Мароко, на Гибралтар. Следствено на тоа, моравме да се пребациме од француски на шпански. Француски учев 2 години, а од шпански имам базични познавања. Ивана малку подобобра од мене и во двете. Буце не разбира ни адиос ни мерси, и на секоја втора реченица не прашува: ШТО РЕКОА, ШТО РЕКОА?

Доручкувавме некои марокански палачинки, а Буце трет ден по ред јадеше омлет бидејќи не сакаше да проба НИШТО локално. Запомнете го омлетов, не го спомнувам за џабе. На крајот од серијалов за Мароко ќе видите и зошто.  

Денот го поминавме шуњајќи се низ малите улички низ Танжир. Секоја со своите преференци. Буце сликаше како шлакната, Ивана збудалуваше по кожните папучи, а јас по кожните ташни. Се шашардисавме тотално. Цел ден ни отиде по уличките со тракатанци, кожи и разни зачини.



Попладнето кога се враќавме од железничката, каде бевме да си купиме карти за утредента за накај Рабат, таксистот ни кажа дека во близина на главниот плоштад имало театар посветен на Сервантес. Опа, некој си ја немаше завршено домашната добро. Се скапавме од барање на интернет кои се локациите каде што се снимал Only lovers left alive, меѓутоа никоја од нас немаше налетано на информација дека во Танжир има театар посветен на Сервантес. И тоа порано театаров бил биг дил. Сега е во малку кутра состојба. Падна едно обавезно кадро на борење со ветерници (ова всушност траеше некое време, позерајов не успеа од прва, бидејќи тоа малото уличе испадна да е прилично фреквентно, а на никој од тие што поминуваа не им беше јасно што правиме - или не знаат за Дон Кихот, или едноставно не им бевме интересни, па не одминуваа ноншалантно) и продолживме повторно накај центарот да вечераме.



А таму во истиот момент кога застанавме пред неколкуте ресторанчиња, како хиени ни се фрлија 18 келнери влечејќи ја секоја од нас во различен ресторан. Пред фаца ни се мафтаа 800 менија, и несинхронизирани машки гласови кои што на арапски викаа елате елате свежи лигњи. Ивана и Буце се напнаа миљон, а јас почнав да се церам од смеење на цел глас. Оваа слика за посматрање од страна беше филмска. А јас учествував во неа. Нејсе, ни се одјаде во истиот момент.

Најдовме некое ресторанче на врв на една зграда со поглед на плоштадот, и таму атмосферата беше по-европска. Плоштадот одозгора изгледаше магично. Земавме здив. Трет ден, а арапиве веќе ни беа мошне напорни, и потребна беше МНОГУ енергија за да не се изнервираш, и да се справиш со нив. Јас додуше уживав во сето тоа, меѓутоа другиве две нот соу мач.



Си легнавме рано во собата без ВЦ. Следниот ден повторно не чекаше пат.

Проксима парада: Рабат и Казабланка.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top