Патувачки дневник: Мароко - Казабланка



Види претходно: Рабат

Стигнавме доцна вечер во белиот град. Хотелот ни беше буквално на 5 минути пешки. Меѓутоа ние бевме многу уморни од цел ден шетање и мафтање по возови и решивме да фатиме такси. Возењето во такси до хотел траеше, без претерување 45 минути. Таксистот сврте 8 круга низ градот, отиде до околните предградија и ги запре сите други таксисти да ги праша каде е дотичниот хотел.
Шефе, океј е, немаш појма, дај само врати не на железничка, од таму ќе се снајдеме ние блиску е.
Не не не, знам каде е, готово. Знам!

На следниот семафор отвара прозорот и го прашува таксистот до него: Хотел Централ?
Абе нели знаеше кај е хотелов?
Да да, знам, готово. Знам!

На следниот семафор отвара прозорот и го прашува таксистот до него: Хотел Централ?

И така 45 минути.

На крај го најде хотелот што беше на 5 минути од железничката. Му ја плативме договорената сума од претходно и влеговме во хотелот. Бело здание, стара градба со високи плафони. Прекрасноќа. Рецепционерот ко нас цел ден да не чекал. Ние уште не сме стигнале: Здраво, имаме резервација, тој извади мапа и почна да ни објаснува што каде е… Нејсе легнавме.

Утрински видик од тераса над Каса Порт – пристаништето во Казабланка. Цигарата никогаш не ми била послатка. Сакав никогаш да не се мрднам од терасата.





Меѓутоа имавме агенда пред нас. Дестинејшн број еден: Рикс кафе! Се дотеравме (колку што можевме да се дотераме од широката палета на облеки што ги носевме во рачниот багаж) и правац во потрага по Хемфри. (За тие што не знаат, главното место каде што се одвива дејството во филмот Казабланка)



Рикс кафе е класична туристичка дестинација.. Германци во сандали и чорапи ручаат морски плодови, а цените се напумпани до плафон. Рикс кафе беше единственото место каде што во Мароко начекавме да се служи алкохол. Искрено, го замислував поголемо. Во филмот оддава впечаток на голем ресторан. А не е. Пијаното каде што свири Сем е таму, црно белите плочки на подот се исто таму. А во една од собите горе врти филмот.



Сето тоа отмено однесување додека си во полупарталава туристичка облека, на келнерите им е многу симпатично. Гледаат такви по стотици на ден.

После Рикс кафе се упативме кон Hassan mosque. Hassan mosque е една од најголемите џамии во светот. И е поприлично нова. Ја изградил Хасан втори, по кого е и нели крстена, и е завршена во деведесетите години. За Рамазан се собираат 25.000 луѓе внатре, и уште 80.000 луѓе надвор кога е време за молитва. Лудило.




Целата џамија е направена во стилот: Јас сум цар, имам многу пари, и немам како да ги потрошам. Од францускиот архитект кој што бил најмен да ја проектира, од скапиот марокански мермер кој што бил користен за да се изгради до мурано стаклото кое што виси од лустерите.




Во џамијата има и хамам, нешто што не е нормално, меѓутоа for the sake of tourism, се решиле и хамам да направат. Никогаш не е искористен до сега, и служи исклучиво за фотографирање.

Се на се луксуз и раскош, каков што само може да се сретне во арапска земја. (Океј, мароканците не се арапи, бербери се, ама тоа е друга тема)




На крајот од турата водичот ни даде до знаење дека таа не работела за плата, туку за бакшиш. Yeah right. Но добро, нејзино беше да си побара, наше беше да не и дадеме. Влезницата беше доволно скапа.

После Hassan Mosque, следуваше ручање на обалата на Казабланка, јадење кое што повторно мојот стомак нејќеше да го прифати. Многу ми беше гајле. Јас битно јадев риба во Казабланка. Тоа што ја повратив после 10 минути ама воопшто не ми беше гајле. А ветарот дуваше ли дуваше. Главите тапан.




Вечерта повторно one on one комуникација со нападните мароканските мажи, интеракција која што за Буце беше премногу. Седнати на едно ќоше, 5-6 души, и како што поминуваме ние, почнуваат да се дерат, ама да се дерат ко улави. Ола чикааааа, ола гуапааааа, бонсуар мадмоазеееееел, уауауаууууууууу, олалалаааааааааа, ке линдааааааа…. Ама се дерат, се натпреваруваат кој ќе биде погласен, ко шлакнати. Мене ми падна сето тоа многу смешно, и откако веќе ги имавме одминато, се свртев газејќи се од смеење и со гестикулација им дадов знак: Добро е дечки, ве регистриравме, океј е, може да прекинете да се дерете. Буце излезе вон себе.
ЈОВАНА ПРЕКИНИ ДА КОМУНИЦИРАШ СО СЕКОГО НА УЛИЦА!
Ама буце, овие само седат и лаат. Кучиња што лаат не касаат. Башка смешно беше!
ЈОВАНА РЕКОВ ПРЕКИНИ ДА КОМУНИЦИРАШ СО СЕКОГО НА УЛИЦА!

Мене уште посмешно, Буце уште поуплашена бидејќи не ја сфаќам сериозно. Казабланка беше едноставно прекрасна.

Цеден сок од портокал од 20 центи за пред спиење и правац во белиот хотел. Утредента не чекаше повторно патување. Хемфри не го најдовме. Не се заљубивме. Ниедна од нас. Следниот пат.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top