Патувачки дневник: Мароко - Фез


Пред да почнам да ви раскажувам и да ви пишувам одделно за моето патешествие низ Мароко, дозволете да ја претставам екипата со која што патував: Ивана - тушла, Буце - принцеза. Едната гори луѓе со цигари кога е лута, другата кога ја бркаат полицајци со кола, им отвара прозор и им вика: чичко полицаец, онде подоле живеам на 500 метри, да не застанувам сега тука сред улица за џабе.

Е со овие две, со кои што сум тотална спротивност и кои што ми се две многу многу драги и блиски другарки, отидов на друг континент. Психички спремна за она што ме чека, и со нив двете и со арапите, тргнавме од Скопје рано сабајле, бидејќи летавме од Софија.

Од Софија, преку Милано, слетавме попладнето во Фез.



Не чекаше некој Абдула, такси превоз од аеродромот што ни го организираше хостелот. Одма почна. Ако сакате овде, ако сакате вака, ако сакате така… јавете ми се, еве ви број, дајте ми број, организирам екскурзии, тинтири минтири. Чекај човек полека, само што слетавме.

Не однесе до градот, каде што не чекаше дечко што треба да не однесе до хостелот. Нема да спиете во хостелот што го букиравте, бидејќи е преполн, ќе ве однесам во друг хостел. Мене мува не ме лази, Ивана се буни како тоа е преполн кога ние букиравме онлајн пред 2 месеци, а Буце е уште во шок.

Стигаме до една мини вратичка сред медината, Ивана влезе внатре, Буце застана стаписана пред мене: ЈАС ОВДЕ НЕ ВЛЕГУВАМ!  Од позади само ја бутнав низ вратата и влеговме внатре во ријадот. Ријади се традиционални марокански куќи, со фонтани и тремови на средина. За Ивана беше битно вецето да е чисто. А Буце едноставно ќутеше.

Првиот ден во Фез немавме многу што да правиме. Беше доцна вечер, излеговме да јадеме, се вративме дома да се наспиеме за утредента да бидеме одморени.

Утредента фативме прво да одиме накај кожарите. Задолжително место за посета во Фез. Беше недела, па имавме малку среќа што немаше толку гужва. Кожарите мирисаат прилично лошо и интензивно. Влеговме во една од продавниците од каде што се гледаат кожарите. На влез ни дадоа гранче од нане, за да го мирисаме и неутрализираме лошиот мирис. Генијално. Ге-ни-јал-но.




После малку ценкање си купив кожна јакна каква што замислував и отидовме да се освежиме на по еден чај.



Следно на распоредот беше кралската палата и еврејското маало. Кралската палата - разочарување. Не само што не може да се влезе, туку не смееш ни да ја сликаш од надвор. Стојат тие смешно облечените паљачовци и само се дерат по туристи. Дури ни за телефонот не смееш да се фатиш, мислат дека сликаш.

На пат накај еврејското маало веќе почнавме да го осеќаме вистинското Мароко. Војници свиркаат, дедовци ѕиркаат, а ние не се смешкавме. Стануваше се понепријатно и понепријатно. Луѓе не влечат по улица. Не следат на секој чекор. Каде одите? Кај синагогата? Елате јас ќе ви покажам каде се наоѓа. Аман човеку остави ме да се изгубам по маливе улички. Таман ќе се отарасиш од еден, ќе ти се прилепи друг.

Ја најдовме проклетата синагога, влеговме внатре и тој рабинот ни испораскажа таму дека е градена од пари на овој и оној, дека била заштитена од УНЕСКО и слично. Искрено, сум видела многу поубави и постари синагоги, но добро. Ајде да се качиме на кровот. Ни отвори едни порти кон едни стрмни скали и почна да збори нешто: ферме ферме. (што на француски значи затворено). Ивана истрипа дека откако ќе се качиме по скалите, рабинот ќе ни ја затвори вратата кон скалите и дека ќе останеме заклучени на кровот на синагогата засекогаш. А тој само ни кажуваше дека вратата кон терасата горе е заклучена и дека треба да ја отклучиме.



Дечките што не донесоа до синагогата уредно си чекаа надвор за да не вратат назад. Ама неееееее, оставете ме да шетам самааааа. Намерно скршнуваш по улици од каде што не одат они, не бе брате - пијавици. На крајот им дадовме нешто ситно - кога се навредијаааааа, каа се налутееее, избачен из логор јесеновац због недисциплине работава. Ми ги врати парите назад во рака, и навреден си отиде. Си викам добро дечко, твој проблем.



Продолживме да шетаме по еден пазар што наликуваше на битпазар, и кога некој од таму ти довикува: Ај кен мејк ју хепи ај хев а биг снејк ин мај пентс. Океј, ова беше премногу. Се сложивме дека местово не е турист френдли и си се вративме назад во близина на нашето маало. А таму се случуваше попладневен панаѓур.



Легнавме рано, утредента не чекаше многу патување.

Следно: До Танжир преку Шефшауен.

CONVERSATION

2 comments:

Ana said...

Сакав да те прашам...како средивте за виза? Оти гледам треба виза за таму :) тенкс!

Јована Тозија said...

Визата ја средивме преку агенција. Иначе можеш и сама да отидеш до софија и да ја извадиш сама во амбасадата, меѓутоа во недостиг на слободни денови, ние извадивме преку агенција.

Back
to top