Првомајски #Наточак - Тур де Треска

Традиционално, како и велигденските празници, секоја година ги користиме и првомајските празници во форма на продолжени викенди #НаТочак за да ги дооткриеме сите неоткриени ќошиња на нашата прекрасна земја.


Истата екипа од велигденската тура, минус Sуљо, пустиот не можеше да најде бејбиситер за Гаја. (Гаја е најпрекрасниот, најпитомиот и најпаметниот голден ритривер што сте го виделе во животот).


Уште од самиот старт проблеми. Апарентли, утринскиот воз Скопје - Кичево бил укинат уште од Нова Година, без разлика што тоа не е ажурирано на веб сајтот. Стоиме ние така со точаците пред железничка, ранците полни сендвичи и алишта за 3 дена. Во гради сонце за три светови, ни се вози ни се плаче. И дур правевме разно разни комбинации како да изведеме план Б, Сандра најде некој чичко со комбе, кој што се сложи да не превезе нас и точаците до Кичево. А-ЈЕ!!!! Турата останува, се е по план, само доцниме саат два. Ништо страшно.


Дојде чичко Климе (погоди од кај е Климе), и откако ни ги натовари точаците во комбето, извади едно книжуле за да провери по прописи легално и законски, колку луѓе смеат да се возат во комбето позади. Откако студиозно го прочита книжулето дојде до заклучок дека позади смеат да се возат 5 души. Таман. Ни даде детални инструкции дека ако случајно не застане инспекција, полиција или било каков друг авторитетски ентитет, ќе одговориме со: НИЕ СМЕ ЗА ИСТОВАР!


Се накрцавме во комбето, саат и кусур подоцна бевме во Кичево.


Во Кичево на кратко застанавме на кафе кај Ели, и накај 1-2 саат конечно тргнавме да возиме.


Ден 1. Кичево - Македонски Брод - Белица


Првиот ден вожњата беше поприлично лесна. Од Кичево до село Белица, преку Македонски брод цело време по течението на реката Треска. Поприлично убави пејзажи и поприлично бизи регионален пат. Од овој ден, би го издвоила застанувањето кај пештерата Пешна. Нешто за што последен пат имав чуено по географија во 8мо одделение, и го имав заборавено дека постои во нашава земја. Тргајќи го настрана фактот дека тоа е излетничко место и дека таму првомајски се дешаваа турбофолк скараџиски фешти, глетката беше феноменална. Се испосликавме сите до еден, и тргнавме накај Белица.



Белица е едно прекрасно село за кое што немав чуено до сега. Спиевме на крајот од селото, па уште малку погоре, па уште малку во шумата, тука скоро кај волците. во една куќа - соба, сите заедно. Ни туш ни бутур. Хипици од 63-та.


Видео репортажа ден 1.



Ден 2. Белица - Требовле.


Утредента сабајлето ни помина во кратка прошетка по ридовите околу селото. Природата беше толку убава, што Дарко (и сега не ве лажам, ова стварно се случи) толку се возбуди, почна да трча бос по ливадата како улав, и во еден момент се затрча накај мене, направи колут напред, ме крена во раце и ме тресна од земја. Не знам како да ви опишам, на кечерска сцена изгледаше сето тоа. Сите наоколу плачат од смеење, ја како издишана мушмула лежам на земја и не ми е јасно што се случи. И тогаш си реков: Јована, мора да го преиспиташ начинот на кој што ги бираш луѓето со кои што се дружиш.



(Дарко во моментите на екстаза, трчајќи низ поле)




(Јас медитирам откако Дарко ме фрли на земја, да се соберам малце од малце)


Вториот ден почнаа сериозните подвизи. Патот Белица - Требовле води покрај Беличка река, која што се влева во реката Треска, и се вози цело време покрај реката Треска, која што во даден момент преминува во езеро Козјак. Патот е тампон, и е истиот оној пат, што ако продолжиш да го возиш ќе завршиш во Јасен. Ние не завршивме во Јасен туку на еден мост свртевме лево и преминавме од другата страна на езерото.
Селото Требовле се наоѓа отаде планината. Требаше значи од скроз доле до езерото да се качиме до врвот на планината, да го преминеме превојот и да се спуштиме троа надоле. Идемо. На Дарко му се дупна гума, па ги оставивме машките назад да лепат гуми, ние тргнавме нагоре кроце кроце. Времето беше прекрасно, пејзажите беа лудница, а ние го имавме цел ден пред нас па не се потресувавме да стигнеме нешто многу брзо. А и фативме некој шорткат нагоре, кој што на моменти беше стрмничок и со многу чакал. Па се буткаше на дел од патот. Не бевме нешто адреналински расположени. Природата си го направи своето. Не шашардиса.


Селото Требовле го замислував како село од ранг на Говрлево. А оно испадна Галичник. Се здруживме таму и со локалци - луѓе дојдени на викенд, комшии на Томи, пола од нас и преспавме кај нив.


Мала кратка видео репортажа од ден 2.




Ден 3. Требовле - Гургурница - Седларево - Скопје


Овој ден можам да го опишам само како Hells Bells. Пуста Мартина, која што прв пат вози на тура со нас, ме праша: Абе вас секогаш турите ви се вакви?





Тргнавме од Требовле. Го преминавме превојот од претходниот ден, и тргнавме надоле накај Козјак. Тука Јована го имаше својот прв посериозен пад од точак. (Ако не ги рачунаме оние од кога сум била копиљ, за што сведочат моите колена) Имаше една бара со песок, подзакочив два три пати, но не доволно, тркалото ми заринка во песокот и ме фрли напред, преку точак. Салто мортале, бам на глава, со точакот врз мене. Не носев кацигаааааааа. (Знам знам, немојте да ме распнувате, нема да ми се повтори никогаш). Се фатив за главата. Нема крв. ТООО!!!! Се видов од страна на раката, поприлично одрана. И кога сфатив дека сум океј и дека не ми е ништо, почна да ми надоаѓа адреналинот, да дишам забрзано, да мислам на тоа што можеше да биде. Другите веќе даааааалеку напред. Им се јавив на дечкиве, чекајте малце, јас треснав. Се качив пак на точакот и со минус 18 километри на саат почнав да се спуштам надоле.


Пусти адреналин, пусти страв, воланов едноставно ми шеташе лево десно, не можев ни правец да одржам ни ништо. Паднав уште еднаш. Не толку сериозно овој пат. Кога се најдов со останатите, ме преврзаа на рамото, ми дадоа шеќерна доза да се спастрам, и продолживме надоле.





Остатокот од офроудот надоле го поминав прилично трудно. Страв. Едноставно не можев да одржам правец. Стигнавме до доле до езерото. Тука не заврши пеколот, тука почна пеколот.


(Томи и Мартина, на пола пат од угорниците, во позадина селото Гургурница)


Такви угорници драги мои, ко што качувавме ние, не качуваат алпинисти кога се пентарат по карпи. Поголем дел од патот го поминавме буткајќи. А и тоа беше тешко. Супермени, со точаци во раце.




Кога стигнавме горе во Гургурница, ја мислев тоа е тоа. Наполнивме води, се освеживме, одморивме, и тргнавме. Каде? Пак нагоре. Океј.





Стигнавме до превојот. Тоа е тоа. Нема веќе. Изедовме сендвичите, се пресоблековме во сува облека, и тргнавме надоле.





После едно 10 минути вожња - стој. Сме го утнале патот. Враќај се назад. Каде? Пак нагоре. Океј.


После уште едно мини превојче и офроуд со чакал кој што секако го избуткав надоле, пошто нели страв, стигнавме во Седларевооооо.


Океј, сега каде? Се разбира. Нагоре. Почнав да си ја преиспитувам петката по географија и да се уверувам дека Скопје се наоѓа на врв на планина.


Откако стигнавме на превојот над Седларево, овој пат беше навистина крај. Нема веќе угорници, нема веќе превои. Облековме се што имавме рефлектирачко на нас, ги уклучивме сите ламби и светла и еден по еден кроце кроце, почнавме да се симнуваме накај групчин. Глетката беше фасцинантна. Ќе ми простат бајкерине од Водно, ама тоа ноќниот бајкснејк што го правеа лани, може вода да ни носи :)))


На секоја кривина од 180 степени првиот напред викаше КУРВАААААА  (lat. curva - кривина), и секој нареден го повторуваше истото. 7 души во сред планина на точаци на секоја минута до две се дереа КУРВААААААА.  Два три пати на тие дотични кривини начекавме и паркирани коли додуше, меѓутоа… сега тоа е…


Од Групчин натаму патот за Скопје го знаме мижеечки и без раце да го возиме, бидејќи сме го возеле сто пати.


Стигнавме во Скопје прилично доцна навечер и традиционално во Ѓорче бапнавме по едно трилече.


Видео репортажа од третиот ден, заради опишаните услови - нема. Еве ви едно бонус видео од Белица наместо тоа.





CONVERSATION

0 comments:

Back
to top