Патувачки дневник: Камбоџа - До Сием Рип преку Пном Пен

(Овој блог пост претходно е објавен на Џабест)

Разликите меѓу Виетнам и Камбоџа беа воочливи веднаш откако преминавме граница. Трошни куќички на колци од бамбус, инфраструктура што е малтене без асфалт и луѓе на сите страни што нудат да ви купат/проддат долари.


Патувањето продолжи во автобусот после паузата за ручек, продолживме да се клацкаме по нерамните патишта, овој пат со полни стомаци. Сонцето беше високо над хоризонтот, температурата околу 30 степени.

Куќичките на колци, колку и да изгледаат трошни и сиромашни, сепак имаат некој шарм, стоејќи така сред палми покрај патот, секоја од нив со мини пагода во дворот. Се мислев долго зошто се сите куќи на колци, па ми текна после дека кај овие луѓе 6 месеци врне и дека тоа е сосема логично. На момент добив и желба да преспијам во една таква.



Патувањето ми се чинеше цела вечност. После не знам колку време стигнавме во некое населено место. Се помолив на боговите на туризмот да е тоа Пном Пен. И додека се молев, приметив дека автобусот чека ред за на траект. Пред нас беше реката Меконг.

Морам да признаам дека колку и да сум авантуриста, ова ми беше така малце непријатно искуство, бидејќи на “траектот” се натоваривме сигурно едно 5 пати повеќе од дозволената тежина, а некако не ми се умираше давејќи се во река во сред Камбоџа. Абтобуси, коли, рикши, мотори, пешаци, точаци. СЕ. Дури и улични продавачи на храна.


За чудо ја преминавме реката без влакно да ни фали на косата, и го продолживме патот. Повторно тумби румби, повторни трошни куќички на колци, повторно 30 степени. Околу 4 саат попладнето, конечно стигнавме во Пном Пен. Патот траеше околу 8 саати. 250 километри. Ќе збудалевме од тоа колку не имаше фатено сафра.

Фативме тук тук (рикша) до центарот на градот, и откако увидовме дека немаме веднаш директна автобуска конекција за Сием Рип, решивме да патуваме ноќта, а попладнето и вечерта да ги поминеме во главниот град. Испотени, уморни и небањати седнавме на по едно пиво од 50 центи, да се договориме што ќе правиме во остатокот од денот.

Остатокот од денот, непланирано, се претвори во вечера и шопинг во Пном Пен најт маркет. Додека ние пиевме пиво, тие ги распослале теписите по земја, ги распалиле скарите и почнале да печат. Немаше дилема, ќе вечераме тука, на пазар, на тепих, на земја.


Храната варираше, од канџи од петел, до превкусна морска свежа храна.


Секако дека земавме од се по едно (канџите ги прерипавме), а господинот што работеше на тезгата од каде што купувавме, љубезно ни го покажа патот и не однесе до нашето ќоше на тепихот. Да да, келнер ни ја донесе храната.



Непланираното попладне/вечер во Пном Пен испадна еден од најубавите спонтани денови во досегашниот тек на патувањето. Вечерта ја поминавме на пиво во елитен ресторан покрај реката Меконг. Фламбирани школки, ракови на шар и виножита од овошја фрштеа на сите страни. Ние се уште испотени и небањати уживавме во ладното пивце и во ветрето што полека почнуваше да пирка. Комарците напаѓаа на големо.

На полноќ се упативме кон нашиот автобус, да го продолжиме патувањето.

Автобусите, како што напоменав и претходно се посебно искуство. Ноќните автобуси имаат редови на два спрата и седиштата се во полулегната позиција. Ако не си некој пребирлив, може да се спие поприлично комотно. Во автобусот се влегува исклучиво бос и во автобусот мириса на мешавина од чорапи, патики и немиени нозе. Како сите така и ние. По некое време се навикнуваш на миризбата и не ја ни осеќаш.


Тргна автобусот, и по нецели 5 минути имав прилика да го посведочам за најголемото клише за жените од југоисточна азија: Фелацио сред автобус, на седиштата веднаш позади мене. Сочно и гласно. Двајца американци, им било досадно, па си зеле придружба за по пат. За жал нашле само една девојка. Другарка и во последен момент се предомислила и не дошла. Едниот од нив си зема single seat, другиот got lucky вечерта.

Се растажив некако многу, колку и да не се обидував да погледнам посуштински и подлабоко во работите. Таа девојка ја имаше продадено целата нејзина гордост и самопочит за автобуска карта и 3 дена шетња со белиот човек од Америка. И додека фелациото стануваше се погласно и погласно, одеднаш БАААААААААМ. Почна да се слуша шуштење, автобусот се накриви и почна да кочи. Застанавме на сред некоја пустелија. Прст пред око не се гледаше, беше 2 сабајле.

Излегов надвор драги мои, за да констатирам не дека се дупнала гума, туку се СКРШИЛА ОСОВИНАТА!!!!!



Мда. Тоа БАААААМ од претходно лесно можеше да биде сообраќајка со фатален крај. Колку и да ми беше смешно што стојам сред ноќ сред камбоџа пред автобус навален за 45 степени, сепак им се заблагодарив на боговите на патувањето што сум се уште жива.

После 2 саати дојде нов автобус. Со тесни седишта за седење. Остатокот од патот не спиевме многу.

Сабајлето стигнавме во некој град што наликуваше на предградие во Пакистан. Не бев воодушевена, но тоа ќе се сменеше за не многу долго.

Здраво Сием Рип.




CONVERSATION

0 comments:

Back
to top