(Овој блог пост претходно е објавен на Џабест)
Една од убавите работи сo овие југоисточни азиски земји е што за голем дел од нив бирократијата за визи е сведена на чиста формалност. Сe аплицира онлајн, после два дена ти ја одобруваат апликацијата, ти ја праќаат по мејл, ти ја принташ, и со тоа пусулче одиш на шалтерот на граница во дотичната земја. Милина.
Слетавме во Хо Ши Мин, ги предадовме пасошите со испринтаните одобренија за виза, и застанавме во ред. Саат време подоцна, излеговме од аеродромот. МИЉАРДА ЛУЃЕ имаше надвор. Ни се нафрлија таксисти ко хиени на ранета газела. Мадам таксииииии, такси мадаааааааам.
Се качивме во такси и тргнавме да се возиме низ џунглата од скутери. Фаците - Алиса во земјата на чудата. Како кучиња ги имавме извадено главите од прозор и ги сликавме моторите што не одминуваа. Таксистот ни се газеше од смеење. А моторите си поминуваа ли си поминуваа. Кој со саксија мандарини на него, кој со 4 члено семејство, кој со дупли душек од брачен кревет….
Кога се претекнува некого - се свири. Кога се поминува раскрсница се свири. Тоа е една џунгла од скутери што свират. На раскрсница нема правила и предност. Сите тргаат во исто време, се судираат на средина на раскрсницата, и после се распрскуваат секој на своја страна. И тука брате гледаш теорија на хаос во живо: Ни куршлус, ни сообраќајка, ни судар, ни викотници. Совршен хаос.
Таксито не истовари карши хотелот. Му плативме и останавме да стоиме. Требаше да преминеме улица. Mission impossible. Ирина крои планови како да прелетаме, Тамара стои збунета и стаписана со фаца несуодавде, а јас на истата страна од улицата бирам клупи на кои што ќе преспиеме вечерта, бидејќи да се премине улица е НЕ-ВОЗ-МОЖ-НО. Откако ни се изнасмеа, таксистот се смилува и не пренесе преку улица. Санаваган. Оооокеј, што и да има да се гледа во Хо Ши Мин, ќе го гледаме само ако е од оваа страна на улицата, се што е од другата страна бриши од список.
Откако ги соблековме кондурите пред врата, се сместивме во хотелчето. Објаснувањето со сопственикот беше посебна приказна.
- Мадам папо?
- ???
- Па по!
- ???
- ПА-ПО!!!
- Ааааа, паспорт?
- Јес, папо!
Изговараат 50% од буквите во еден збор. Некогаш се разбира, некогаш не… Зависи од буквите што ги изговараат.
Хотелот се наоѓаше во едно уличе, кое по европски критериуми не би ни влегло во категорија уличе. Во Џенова нема толку тесни улички. Собираше еден и пол човек. По виетнамски критериуми од друга страна, ова си е сосема нормална и легитимна улица. Во неа ресторани, со извадени маси надвор, се разминуваат точаци, скутери…
Вечерта се упативме кон Ho Chi Minh night market. Успеавме некако да ја преминеме улицата од претпладнето. А таму ова.
Цвеќиња, саксии со dragon fruit и дрва со мандарини до недоглед. ДО НЕДОГЛЕД. И тие се продаваат таму 24/7. Продавачите спијат тука меѓу цвеќињата. Заедно со стаорците.
Ноќниот пазар нудеше се она што еден туриста сака да го купи. Прекрасни сувенири, феноменално спакувани стапчиња за јадење, шалвари во 1001 боја, куфери, тањири… И додека ти безгрижно, фер и демократски си се шеташ, во првиот момент кога само ќе погледнеш нешто ти се фрлаат продавачките: Мадаааааааам, ју лаааааааајк. Онли фајв долааааааааааа. Бат ај гив дискаууууууууууун. Хау мач кен ју баааааааај мадаааааам?
И додека ти продолжуваш да одиш, гласот нејзин се намалува во интензитет, и таман кога завршила, ја слушаш како одново и го повторува истото на следната жртва.
Следниот ден рано сабајле се одчекиравме од хотелот, и се качивме на автобус. Автобусот перверзија. Со потпирачи за нозете напред, со многу простор, седиштата се симнуваа скоро до полулежечка состојба. This is going to be a comfortable trip. Аха, нема проблем. Прво, ни требаа 2 саати да излеземе од Хо Ши Мин. Не претерувам, гледав на саат. И кога излеговме од Хо Ши Мин почна хоророт.
Хо Ши Мин - Пном Пен е околу 250 километри. Се возевме 8 и кусур саати. (Мислев дека тоа беше мојата најлоша вожња со автобус, но згешив, следат и полоши во следните блог постови).
3 саати саати откако тргннавме стигнавме на граница. Ааааааааајде истовар. Влеговме внатре во административната зграда, и застанавме во еден ред во кој не се знае кој пие кој плаќа, и додека се потевме чекавме да ни го кажат името на разглас, за да си го земеме пасошот и да поминеме граница. Меѓутоа со виетнамски акцент, секое изговорено име ти личи на твоето. Они викаат Абдурахман Алити, а ти се преиспитуваш: Јована рекоа?
После саат време напрегање на ушните сетила ја поминавме виетнамската граница. Си викам оууу је, готово. Влеговме во автобус, 50 метри подоцна аааааајде истовар, камбоџанска граница. Демит, заборавив на тој дел. Ооокеј.
Влеговме во административната зграда. А вие со електронските визи застанете овде. Океј. А не, застанете на овој шалтер. Океј. А не, дојдете во соба 2. Океј. После неколку маткања, конечно застанавме пред вистинскиот шалтер. Кога дојдов на ред и го предадов пасошот, службеникот толку се возбуди, што мислам дека ќе се помочаше во гаќи од радост. Егзотика таква не беше видел во животот свој. Го листа ли го листа пасошот, ептен малку му фалеше да извади телефонот да го слика. Со осмех фаца ти љубим:
- Madam, your country?
- Macedonia.
- (го проширува осмехот и клима потврдно со главата) YEEEEEEEEEES!!
Пауза
- Where it is?
- Europe.
- Ok madam, thank you.
Се натоваривме во автобус. Океј, поминавме граница, ајде да стигнеме побрзо во Пном Пен. 50 метри понатаму автобусот кочи. Аааааааајде истовар. Време за ручек.
Ок, ајде да одиме да јадеме јадења што не знаеме како се викаат.
Здраво Камбоџа.
0 comments:
Post a Comment