Патувачки дневник: Гуангжу

Се истоварив на паркингот пред Гарден хотел. Насекаде околу мене булевари со 5 ленти во насока. Галама, бучава и многу смог. А небото сиво.


Моето инсистирање сестра ми да ми ја каже адресата и јас да си фатам такси до таму беше неуспешно. “Јована, нема да се снајдеш.” Доживеав и тоа, мојата помала сестра да ми вика дека нема да се снајдам. Нејсе. Mе пречекаа, ме ставија во такси и се упативме накај станот. Во тој момент, сконтав дека навистина немаше да се снајдам сама. Таксистите едноставно не застануваат ако си бел човек. А и ако ти застанат по грешка, не те качуваат во такси ако не знаеш кинески.


Влеговме во такси. Прв впечаток - возачките таму им се малку со други стандарди. Не е битно дали одиш лево, десно или право, секогаш се престројуваш во лентата со најмалку гужва. Е сега ако се погоди да треба да вртиш лево, а лентата со најмалку гужва е најдесно, твоја среќа.


Градот е ужасно прљав, и покрај тоа што се се чисти нон стоп, ужасно загаден, ужасно голем, со булевари со 6 ленти во една насока, со стаорци насекаде и многу многу многу гужва, нон стоп. Меѓутоа во сето тоа, едно нешто не прекина да ме изненадува - има толку многу зеленило што не ја ни приметуваш целата гнасотија околу тебе. Дрвореди во буквално секоја улица - од мали тесни еднонасочни улици до булевари со 12 ленти. Сите сите сите имаат дрвореди. Големи огромни дрва со големи огромни крошни, сенка и ледовина насекаде сред бетонското лудило. На секој мост жардиниери, буквално секое слободно ќоше е искористено да се посади зеленило. Грутка осетив во градите.

Периодот во кој што бев во Кина беше периодот пред кинеската нова година, па буквално се беше накитено со црвени лантерни и црвени честитки за нова година. Пазари по улица каде што се купуваат дрангулии, и стебла од мандарини што се продаваат во саксии, бидејќи тоа се кити кај нив. Не елка. Мандарини.


И додека се шетав низ кинескиот битпазар и купував оригинал кинеска чкарт роба, на сестра ми и зовриваа нервите. Не беше Тамара родена за тие пусти пазари… Повторно ја осетив дискриминацијата на белиот човек сред кинески битпазар. Луѓето едноставно НЕ САКААТ да ти продадат роба. Ти може да стоиш на глава, да извадиш долари, да се соблечеш гол, или да им понудиш камили за размена, ако не зборуваш кинески не можеш да купиш ништо. Немаат продавачите време за губење. Позади тебе има уште 198.302 кинези што чекаат во ред да ги купат истите тие дрангулии.

Направивме разумен компромис, се собравме сите македонци во Гуангжу и пошироко, и отидовме на вечера. Здраво, добар ден, маса за 7 луѓе? - Почекајте надвор. Не седнаа на минијатурни црвени пластични столчиња и ни дадоа да грицкаме - wait for it…. - СЕМКИ!!! Дури чекаме ред да се ослободи маса. Жими сите пожари во Понди Панди, ја погенијален концепт не сум сретнала во животот мој.


Од рубриката не знам што јадам, издвојуваме:





Да се разбереме, не јадев премногу екстравагантна храна. Не јадев свилени буби на жар, не јадев канџи од петли, не јадев бубашваби. Ама они сето тоа фер и демократски си го јадат.

Од рубриката македонци ушли у Гуангжу, издвојуваме:



А од рубриката напрегни го целото твое тело, употреби максимална концентрација и умори се од јадење уште пред да се најадеш, издвојуваме


Првата вечер ја поминавме пред една од најголемите знаменитости на Гуангжу - Canton tower. Облакодер, кој што пред три четири години бил највисоката зграда во светот. Мирна и опуштена атмосфера, поприлично празен плоштад, преубаво осветлен предел, тук там по некој стаорец и македонци на клупа со пиво што праат галама за сите пари.




Втората вечер ја поминавме пиејќи многу пиво во омилениот клуб на сестра ми, каде што и свиреше омилениот бенд. Мамурни утредента, секоја со пола литро тејкавеј кафе во рака, се упативме кон аеродромот. Се вивнавме високо над густиот смог и 3 саати подоцна слетавме. Прољече је тринаестог децембра!? Ма надвор беше ЛЕТО. Вистинско топло лето. А ние со капутите во рака.

Здраво Виетнам.


Следно: Патувачки дневник - Виетнам, дел 1


CONVERSATION

0 comments:

Back
to top