Патувачки дневник: Сием Рип

(Овој блог пост претходно е објавен на Џабест)

Стигнавме сабајлето во нешто што наликуваше на предградие во Пакистан. Времето уште пожешко, ние уште понебањати. Се качивме на тук тук, и се упативме кон нашиот хостел.

Беше ужасно жешко, а возачот појма немаше каде оди. Застана на три различни краја од градот, и на крај некако во едно мало забутано уличе ни го најде хостелот. Соба за десет души, што малку мириска на патики - за 5 долари од вечер, супер. Budget travelling е најдобрата работа што може да ја направите додека патувате млади, сингл, без посебни потреби за кичмата и без алергиски реакции од туѓи перници.

Се истуширавме. О боже колку добро ни дојде тој туш, 2 дена небањати по автобуси, не знам како воопшто не примија во хостелот, не ги задоволувавме основните хигиенски стандарди.

Првиот ден го поминавме во градот. Излеговме надвор од хостелот и по принцип на еци пеци пец, одлучивме да тргнеме лево. 200 метри подоцна, Бред Пит и Анџелина Џоли ни честитаа среќна кинеска нова година.


Во градот има комплекс на пагоди, манастири, конаци и слични институции од будистичка вероисповест. Беше тотално кул да се гледаат будистички монаси во живо. Веројатно и нив им е исто толку кул да гледаат наши монаси кога посетуваат наши манастири.

Ја посетивме и кралската палата. За разлика од делот каде што не остави автобусот што личеше на пакистанско предградие, ова беше дел од градот што се наоѓа покрај река, со многу убаво уреден кеј, многу зеленило, убаво уредени градини и будистички храмови во кои што се влегува исклучиво бос. Фативме време на молитва.


Времето беше ужасно жешко, локалците си се ладат со тоа што со голи кичми спијат по мермерите во нивните духовни храмови



А ние странците се ладевме со тоа што на секои 15 минути си купувавме свежо исецкан ананас


Следниот ден беше резервиран за Ангкор Ват. Ангкор Ват за тие што не знаат е комплекс на храмови и е најголемиот комплекс на храмови во светот. Изграден е во 11-12 век и се наоѓа во некогашната престолнина на кмерските кралеви и цареви. Чудото е огромно, и ви требаат отприлика три дена за да го видите цело. Ние за жал имавме само пола ден. Конкурирале и за светско чудо, но не знам од кои причини не го избрале.


Станавме сабајлето, изнајмивме точаци и се упативме накај комплексот, кој што се наоѓа околу 8 километри надвор од градот.


На мојата среќа и немаше крај. Возев точак сред Камбоџа. Прво нешто што ќе направам кога ќе се вратам дома, ќе си го вметнам ова достигнување во CV, си реков.


Патот до Ангкор Ват води низ шума по релативно нефреквентен пат. Сето некако ми се чинеше нереално. Возам точак низ шума во Камбоџа. И кога одеднаш стигнавме и почнаа да се наѕираат камените градби, почнавме да забележуваме див свет околу нас. Мајмуни на сите страни.


Нема да ви пишувам многу околу грандиозноста на градбите, и фасцинацијата како пред 1000 години луѓето можеле да изградат такво нешто. Само најтопло ќе ви препорачам да рипнете три одмори во Грција и да ги замените со еден одмор во Камбоџа.


Времето беше ужасно жешко, ни се слеваа капки пот по ‘рбетот, а сонцето печеше толку силно, што никаков заштитен фактор не ни ги штитеше кожите. Туристите со по литро и пол вода во ранците шетаа по комплексот како шлакнати, а камбоџанците си уживаа во стојата пладневна сиеста во нишалките инсталирани во тук туковите (не знам дали е ова правилна форма од множина на тук тук, ама вака ми звучи најнормално).

За прв пат во животот решив да го пробам она топол напиток сред жештина, и за ручек си нарачав жешка супа. Можам да потврдам дека делува. Телото ми се стабилизираше по некоја минута, почнав повторно да гледам бистро. А и вентилаторите што дуваа насекаде наоколу завршија работа.

Попладнето беше резервирано за јавање слонови и гледање на едно од најспектакуларните зајдисонца во нашиот живот.



Враќањето од Ангкор Ват беше посебно доживување. Илјадници и илјадници туристи, сите на точаци или со тук тукс, по полутемен пат низ шума, возат буквално без никаков ред и дисциплина. Се претицува од лево, се претицува од десно, се застанува сред пат… Во градот кога стигнавме ноќниот маркет беше веќе наголемо почнат, и ионака тесните улички се имаа претворено во еден голем Битпазар, па возењето беше речиси невозможно. Поминување раскрсница е активност што со зборови не се опишува. Јас уживав, Ирина беше далеку пред нас, а сестра ми станата од точакот, умрена од страв, си избутка добри 3 километри додека да стигнеме на местото каде што требаше да ги вратиме точаците.


Вечерта тргнавме накај Сиханук. Овој пат си купивме карти за хотел бус. Кревети во автобусот во кои комплетно можеш да легнеш, со испружени нозе. Класа. Видно расположени од многу подобрата состојба на сегашниот автобус од претходниот, се запознавме со едни тројца Австралијанци кои седеа т.е. лежеа на следните кревети. Едната се замуабети со едниот, другата се замуабети со другиот, не ми преостана мене ништо друго освен да се замуабетам и јас со третиот дечко.


  • Јована сакаш да видиш нешто интересно?
  • СЕКОГАШ!!!

Го извади типчето телефонот и почна да ми покажува слики од него и неговите две другарчиња. Они биле група која што правела перформанси на фрик шоуа, каде што им збрцуваат куки (дада, куки, како на капетан кука) во телата, под кожите, и после на тие куки закачуваат синџири, и они висат после така на куките во воздух. Задоволството, наводно било исто како и при обавување физички активности - се лачел ендорфин и тоа било многу јако, и секој пат си сакал се повеќе и повеќе.

И таман кога пробав да се штипнам дали сето ова реално ми се случува и слушам и гледам добро, автобусот застана. Пауза. Фала му на бога. Едвај чекав да им кажам на Ирина и Тамара со какви фрикови се возиме. И пред да успееме да ги облечеме патиките БААААААААМ. Експлодираше моторот. Почна автобусот да се полни со чад. Во паника истрчавме надвор боси и почнавме да му се смееме на нашиов к’смет што не пратеше со автобусите.

Камбоџанците фино лепо го кренаа автобусот на дигалка, ги извадија гумите, ги проверија да не се дупнати, и после ги вратија назад. Ама дечки….. не беше гумата проблем, моторот експлодираше прееска…. Се е океј, проверивме, влегувајте во автобус. Повторно се помолив на боговите на патувањето да останам жива и здрава бидејќи не ми се умираше сред Камбоџа. Во продолжетокот на патувањето автобусот почна уште еднаш да мириса на горена гума. Возачот повторно излезе надвор да ги провери гумите, и откако востанови дека ниедна не е дупната, го продолжи патот. Око не склопив.

12 саати подоцна, стигнавме. Температурата беше уште пожешка. А возачи на тук тук повторно ни се нафрлија ко хиени.

Здраво Сиханук. Здраво море. Здраво океану.

П.С.  Дечките со куките од Австралија испаднаа скроз океј и со нив поминавме голем дел од остатокот од одморот. Наравоучение: Не одредувај со кого ќе пиеш пиво врз основа на тоа дали човекот виси на кука или не.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top