Патувачки дневник: Хонг Конг

Овој блог пост претходно е објавен на Џабест.

Хонг Конг ме пречека со стандарден дневен метеж и пролетно летни температури. Воздухот поприлично влажен и загаден. Луѓето претежно насмеани.


На договореното место ме пречека Лео, 27 годишен дечко од Германија, што работи во Хонг Конг. Каучсурфер. (ви пишував еднаш за каучсурфинг, пак да ве потсетам: супер искуство е и му го препорачувам на секого) Твитерџија и биткоин гик. Светот е толку мал, што Лео се знае со другар на сестра ми од средно. И бил во Скопје претходно.

Станот во кој Лео живее со уште двајца цимери беше минијатурен. Кога велам минијатурен, мислам навистина минијатурен. 40-45  квадрати, стан со 3 соби. И генерално становите се сите толкави. Space is an issue.

Се истуширав и отидовме да јадеме. Нарачав некоја супа со говедско месо и со нудли.




Проблем.
  • кинеските стапчиња не знам да ги држам
  • ако јадам со лажица ја пијам само течноста, нудлите ми остануваат
  • ако јадам со вилушка, ги јадам само нудлите, течноста останува

Во мојата глава, јас во тој момент изгледав некако овака:


Го сакам каучсурфингот, бидејќи домаќините секогаш те носат на места што како стандарден туриста не би ги видел. После ручекот со Лео се прошетавме низ улиците на Mong Kok, каде што ноќе по нив се вози, а дење се претвораат во еден голем битпазар.



На пазарот во Монг Кок може да се купи од сушено говедско до полнач за ајфон, од антиквитети и стари монети до пластични лажици за готвење, БУКВАЛНО СЕ! Може да се купат дури и живи жаби, за да си ги зготвиш после.


После пазарот седнавме да одмориме на кафе. Во Хонг Конг е многу нормално да им седнеш на некои двајца на маса, ако нема слободна маса. Или некој друг да ти седне на тебе на маса, доколку нема ништо слободно. Како што реков, space is an issue. Едноставно луѓето немаат простор да направат големи кафичи со многу маси.

Следниот ден го имав сама за себе. Лео имаше некои обврски преку ден, па имав можност, сама со апаратот во раце да го истражам Хонг Конг. Како и секој добар туриста, се упатив кон туристичката атракција број еден во Хонг Конг - Викторија Пик. Викторија Пик се наоѓа на островот Хонг Конг, и е врв на едно брдо, каде што имаат изградено супер модерен шопинг центар и од каде што има неверојатен поглед врз Хонг Конг. Во еден од туристичките водичи што ги читав, за Викторија Пик стоеше следново:

Looking down at the city from this famous vantage point, you'll see one of the finest harbors on Earth and a skyline so improbable, audacious and lofty that Manhattan's looks provincial by comparison.

Погледот навистина беше, да се изразам како Берта Додевска, вчудоневидувачки. Облакодери, и облакодери, и облакодери…. и многу смог.


Се симнав од брдото со трамвај надоле, и тргнав да лутам без карта и со интуиција низ џунглата од облакодери, банки и луксузни продавници. Контрастите се многу интересни. Луксуз, двокатни шарени трамваи и кондураџија, сето тоа на само неколку десетици метри едно од друго.



Вечерта требаше да се најдам со Лео и неговите пријатели на вечера. Додека се шетав низ квартот каде што требаше да се најдеме, наидов на многу мали бутки што продаваат улична храна. Стрвноста не ми даде да не пробам, купив нешто што не знаев што е. Толку беше вкусно и толку беше луто, што одев по улица, јадев и плачев. Крокодилски солзи ронев, и на крај повеќе од пола го фрлив. Продолжив да се шетам низ уличките каде што мачки се шетаат врз зеленчуците, продавачите го игнорираат тоа, а случајните минувачи ги галат мачките и ги купуваат истите тие зеленчуци.



Со Лео и неговите пријатели се најдовме подоцна и отидовме во некој индиски ресторан на вечера. Повторно не знаев што јадам. Меѓутоа овој пат храната (зачудувачки) не беше лута, и многу беше вкусна. Индискиот ресторан функционираше на тој начин што храната беше open buffet, јадеш што сакаш и колку сакаш, и на крај плаќаш колку сакаш. Сакав да изиграм една македонштина, и да им оставам 50 денари, ама ми надвладеа разумот.

Вечерта отидовме на пиво со Лео во локално пабче блиску до неговиот стан. Таму се сретнавме со други негови пријатели. Кој што прави, сите само за Твитер зборуваат. По некое време сконтав дека се наоѓам на дружба со малата твитер заедница на Хонг Конг, луѓе меѓу 25 и 30 години, кои што активно учествуваат на протестите за демократија во Хонг Конг. О боже, бев меѓу своите! Се испозаследивме на твитер одма, што се покажа како многу паметно, бидејќи на враќање од одморот, престојував една вечер кај еден од протестирачите.




Утредента се качив на автобус и се упатив кон Кина. Што би рекле Хонгконгжаните - The Mainland. Пред да влезам во автобус ми залепија една налепница на рамо. После ми стана јасно зошто е налепницата. Тргнавме кон Кина. Целиот тој предел од Хонг Конг до Гуангжу е едно големо мочуриште, и луѓево место да трасираат пат, едноставно изградиле мост врз мочуриштето. 100 км мост.

Стигнавме на граница. Автобусот се паркираше на паркинг, а човекот кажа нешто на кинески и ги отвори вратите. Почнаа сите да излегуваат. Океј, каде сите, таму и јас. Границата меѓу Хонг Конг и Кина се поминува пешки без исклучок за никого. Редот од Галичник до Река. Си застанав фер и демократски во ред и едно 45 минути подоцна стигнав на ред. Кутрата службеничка на шалтер. Ја фати паника кога ми го виде пасошот, откако прво ми ја провери сликата едно 187 пати, после и ми го провери името, буква по буква. Се беше во ред. Повелете. Welcome to China.

Излегов од другата страна на границата. Океј, сега уште да си го најдам автобусот меѓу џунглата од паркирани автобуси, и на коњ сум. Тргнав од автобус до автобус да прашувам дали тој автобус оди за Гуангжу. Ми дојде еден човек по некое време. Гуангжу? - Гуангжу!!! - Кам дис веј. Ме упати кон еден автобус. Ама, дечко, ова не е мојот автобус, овде седиштата се зелени, во мојот беа кафеави… Абе влегувај не ми се прави паметна. Влегов. Си викам, што ми е гајле, се дур автобусов ме носи во точниот град, не ми е гајле дали е истиот на кој што сум се качила. Почнаа да се качуваат и други патници од претходно во автобусот. Добро е, не сум сама. После некое време ми светна. Автобусите никогаш не ја ни преминуваат границата. Се возиш со еден автобус, пешки преминуваш граница, се качуваш на друг. Затоа и налепницата, за да те распознаат кој за каде е. Ааааааааа, enlightenment!

Тргна автобусот, продолживме да возиме по мостот над мочуриштата и да навлегуваме се подлабоко во смогот. Саат време подоцна, се истоварив пред Гарден Хотел. 

Здраво Кина.

Следно: Патувачки дневник - Гуангжу

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top