Патувачки дневник: Патувањето

(овој блог пост првично беше објавен на Џабест)

Ова е еден од низата блог постови кои ќе следат посветени на моето скорашно патување низ југоисточна Азија. Се решив на самото патување до таму да му посветам посебен блог пост, бидејќи само по себе си заслужува посебен текст.

Дојде и денот, конечно тргнав на пат да го истражувам далечниот исток. Спакував огромниот ранец, отидов на автобуска, и се качив во комбето кое што го возеше тип кој ги имаше сите клише квалификации на бугарски шофер: Фармерки со висок струк, џемпер во риги, џигерици со локни и сребрена менѓуша на која виси крст.

Тргнавме, и јас таман да затворам очи да дремнам неколку саати, ги увидов сопатниците во комбето: Двајца Кинези кои што уста не отворија и тројца Шпанци кои што уста не затворија. Ohhh sweet music to my ears. Око не затворив, меѓутоа се изнаслушав шпански.

Стигнавме во Софија рано сабајле, околу 5 саат беше, уште темница. А таму снег. А јас во патичина и шалварчина. Ладно, ќумрам. Ми пропадна планот да дремам на автобуска додека да почне денот и да возат автобуси, па си реков, ајде, кад је гроф био циција, ќе одам на аеродром со такси. Се најде тука човек еден до мене:


  • Извинете, отприлика колку чини такси до аеродром?
  • Какво?
  • До аерогарата. Такси до аерогарата, колку пари е?
  • Аааа, еми кам 15 лева, аз сега дојох од там.
    Супер, може. Отидов пред автобуската, и влегов во едно од оние официјалните таксиња што стојат баш пред автобуската. Добар ден, добар ден, до аерогатата, терминал 2.

    И дури се возиме низ снежната софија, го прашувам таксистот: Извинете, отприлика колку пари чини превозот до аеродром. – Аааа не знам, тоа по таксиметар. – Е добро де, отприлика…. – Еми кам 20 – 25 лева. Океј, си реков ќе ме репне малце, 5 сабајле е, во ред е.
    Стигаме, таксиметарот покажува 37 лева. Ми зовре главата, ми се крена притисокот. Еми девојче, толку покажува… Му викам, имам 20 лева, другите пари ми се во евра, уште колку евра да ти дадам. Вика: Еми 5 евра се 7 лева, израчунај…. Аииииии мајката, од кај мислиш ти дека сум јас бе! Извадив 20 лева и 5 евра, му реков и ова ти е многу, му ги тупнав во раце и со грб свртена накај него урлајќи: “20 години ништо не ви се сменило, уште за 2 червени се продавате” влегов во аеродромот и го оставив таксистот да стои со парите во раце сред празен паркинг.

    Доброооо лама лама лама, ајде Јована немој сега да си го почнуваш патувањето вака… немој да бидеш ограничена и тесногледа, ти се погодил див таксист, не го вреѓај цел народ…
    Седнав на едно столче и почнав да бројам секунди. Мозокот не ми функционираше да читам книга, до музика не ми беше ич. Како поминуваше времето, така почна аеродромот да се полни. Влегоа прво една група Италијани. Сите скоцкани од глава до пети, мислиш од каталог излегле, и сите до еден со наочари на глава. А сонце ни за леб. Влегоа едниот на едниот крај од аеродромот, а другиот на другиот крај од аеродромот, и почнаа да се довикуваат еден со друг преку цел аеродром, кај им бил шалтерот за чекин.

    А по нив почнаа да доаѓаат Русите, кои што летаа со истиот авион како и мене. Апарентли, Бугарија е топ дестинација за скијање за среднокласни/богати руси. Сите со скиите спакувани во багаж и сите со бизнис класа карти, се натопорија сите на шалтерот на чекин. Стигнав и јас на ред. Ви текнува ли на вицот со Македонец кога отишол во Софија со кола, ја паркирал и си напишал на ливче: Не пљачкај, нема внатре ништо вредно?

  • За каде летате?
  • За Хонг Конг, ве молам багажот за Хонг Конг да ми го чекирате, не за Москва.
  • Аха… Хонг Конг… а виза ви треба ли на вас Македонците за таму?
  • Не.
  • Извињавајте, ама аз сам должна да проверам.
  • Добро. провери.
    Проверуваше проверуваше проверуваше, никако Македонија да и излезе во системот. Русите сите ги чекираа, отидоа, останав последна на шалтер, оваа никако да ме провери. Аман жено, да ми требаше виза, немаше да летам преку свет без неа, не сум толку ненормална, не ми треба виза. За во Кина ми треба, ете ти ја во пасошот залепена. Се убедивме. Ми ги даде бординг пасовите, мерси мерси, довиждане, се качив на авион, летнавме за Москва.
    Аеродромот во Москва е поприлично тапа, скап, без интернет и без пушачка зона. Се закотвив на едни скали дур да ми дојде времето да летам.

    Овој вториот авион, коѓомити поголем, од оние што летаат на подолги дестинации, седиштата дизајнирани ко за пигмејци. Сва среќа не беше полн, па не седеше никој до мене, па можев да испружам нозе.

    3 филма и два оброци подоцна, слетавме во Хонг Конг. Го земав багажот, му пишав порака на каучсурферот дека за пола саат ќе сум на договореното место, и тргнав кон Nothing to declare. А таму 4-5 униформирани службеници и куче. Ме њушна кучето. Оп стоп. Madam, come this way please. Ох не….

    Каде патувате, од каде сте, што барате… океј, кам дис веј. Ме тргнаа на страна, и ми го отворија ранецот. Ми се крена притисокот. 2 саати диплев алишта за да можам да најдам се во рок од 2 секунди без да вадам ништо од ранецот, овој све тоа за 3 секунди уништи. И таман да вриснам: Ако ме распакуваш, има ти после да ме спакуваш, ми надвладеа разумот, си реков: Јована, Кинези се ова, ај мирна, ќе се спакуваш пак, големо чудо…

    И така додека тој вадеше маица по маица, гаќа по гаќа, прслук по прслук, јас мирно си седев на страна, а типот се нервираше што сум јас смирена. Отиде до негде. Се врати со некоја течност во рацете, ја натопи на памукче, и со памучето пројде по сите алишта. Па гледаше низ лупа. Па гледаше со ултравиолетова ламба. Па ми го раствори млекото за сончање во некоја течност.

    На крај поразен ми рече: I’m sorry for the inconvenience madam, you can go. Му реков: No problem, you’re just doing your job. Ми се заблагодари за разбирањето и почна да ми помага да се спакувам и да ми ги фрла алиштата во ранец. AAAAAA НЕ!!!! Јас имав трпение прееска и седев мирна, сега ти ќе почекаш батка. Му реков да си брка работа, и да ме остави да се спакувам на раат, немам намера да шетам низ Хонг Конг гужвана.
    И дур диплев блуза по блуза, ете ти го пак ми прави муабет.
Excuse me madam, do you have !@#$%?
!@#$%?
Yes, !@#$%?
What is !@#$%?
You know… !@#$%?
I don’t know !@#$%.
…. em !@#$%, do you carry !@#$%?
I DON’T KNOW WHAT IS !@#$%!!!!!
Cocain madam, do you have cocain?

Ја збунета, со фаца несуодавде.

  • Cocain, like the drugs cocain?
  • Yes.
  • No, I don’t have any cocain.
  • Ok madam, you can go.
Свашта. Излегов од аеродром, се качив на автобус и се упатив накај Хонг Конг. А таму ме чекаше Лео, мојот каучсурфер, 27 годишен дечко од Германија, биткоин гик, информатичар и твитерџија. За дивно чудо на Германец, се понуди да ми го носи 20 кила тешкиот ранец. Се насмевнав. This looks like the beginning of a beautiful friendship.
Здраво Хонг Конг.

(Таксињата се сите унифицирани, олдтајмерски Опели, и се вози по левата страна на улицата. Чисто да не се изгуби британскиот шмек на градот, и покрај тоа што му го вратија Хонг Конг на Кина)

Следно: Патувачки дневник - Хонг Конг

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top