Многу од моите интернационални пријателчиња, кога видоа како спамирам на Фејсбук со линкови до сајтови со чудни букви и кога видоа дека си ја сменив сликата на профилот ме прашаа: Јована, што се слушува во Македонија? Накратко им ја објаснив случката со убиството на Мартин Нешковски. Ова се нивните реакции и моја лична анализа на нивните првични инстант реакции.
Русинка: Е добро де. Полицијата убила човек. Што се потресуваш толку. Ништо не им можеш.
Очигледно свеста за слобода на говор кај нив не е на највисоко ниво. Дали поради тоа што им е страв, или не е развиена не знам. Но тоа што знам е дека таму власта е прецентрализирана и на олигарсите не им може никој буквално ништо.
Иранец: Само еден е убиен?
Ова беше негова инстант реакција. Не му е лесно и на него. Видел многу полошо. Минатата година во зелената револуција во Иран власта убиваше млади деца, само заради тоа што Махмудинеџад не сакаше да го признае изборниот фалсификат. Протестираа еден куп млади прогресивни деца и не успеаа. Многу од нив беа убиени, а Махмудинеџад е се уште на власт.
Германка: Како тоа 2 дена не се знаело кое е момчето и случајот не бил пријавен?
Луѓето од оваа земја се научени институциите да им функционираат под дифолт. Нејзе не ја интересираше како можел полицаец припадник на специјалони единици да убие дете, туку ја интересираше како е можно ваков случај да се сопне низ институциите на системот.
Хрват: Jaooooo, policija ce nas u groblje otjerati
За ова немам коментар и не знам што да мислам. Излгеда е поборник на A.C.A.B теоријата
До кое ниво сме ние се уште не можам да диференцирам. Се изнаслушав секакви коментари деновиве, и позитивни, и негативни, и глупави, и паметни, и конструктивни и анархистички, и револуционерни, и конзервативни. Секакви. Едни ме убедуваа дека снимката со мајката на Мартин била спин, други ме наклеветија дека сум кодош на државата и ми залепија етикета опозиција (читај СДСМ), трети ми честитаат за упорноста и трудот што го вложувам, четврти негодуваат што се залагам и во странство да се дознае за случајот. Кој е соодносот на луѓето со вакви ставови не знам.
Денес се појави и Феjсбук настан кој што објавува дека во Сабота протестот ќе добие форма на СЛОБОДЕН КОНЦЕРТ. Моите чувства кон ова се измешани и некако не можам да заземам став. Од една страна целата сум лав, пис енд хепинес, имам дури и ѕвонарки и ленонки (жими се), но од друга страна да се организира концерт при случај на смрт некако ми е... Не знам. Одлучете си самите. Јас искрено став по ова не можам да заземам. Мозгав, мозгав и ништо...
Имав вчера и видео чет со продуцентка на шоу што се занимава со работи поврзани со социјални медиуми од Al Jazeera English. Случајно разбрала за Мартин Нешковски, не знам како налетала на мојот блог, го превела со Google Тranslate, и ме контактираше зошто сакаше да дознае повеќе информации. Ако случајот оди во емисијата ќе ве известам.
Имав и вчера мала дискусија на тема дали е во ред странските медиуми да дознаваат за тоа што ни се случува дома. Некои мислат дека си ја црниме државата со тоа. И ги разбирам. Не е убаво за една држава да се знае дека државниот апарат се труди да сокрие убиство. Целиот свет, и покрај ЕУ-НАТО интеграции не гледа како заостанато општество. Некои не знаат ни каде се наоѓаме. Ме имаат и дури прашано дали во Македонија имаме чоколадо. И јас како секој добар гастарбајтер се обидувам некогаш со тешки маки, некогаш иронично и со потсмевање (како на пример на прашањето со чоколадо) да им објаснам дека и ние сме модерно општество. Дека имаме и села што немаат канализација, ама дека не се тие одраз на целата држава.
Јас искрено мислам дека ширењето на веста дека прв пат во Македонија се случуваат протести кој што не ги организира никој - ака подигнато ниво на свест кај народот - ќе покаже дека имаме глави кои што не ни се само за на рамења и за фризури, туку дека знаеме да ги употребиме кога ќе ни затребаат. И покрај тоа што многу луѓе имаат предрасуди кон Арапите, нивниот став кон Тунис и Египет се смени после арапската пролет. Не сакам да се случи македонска пролет. Не сакам револуција. Сакам да им се смени мислењето за мојата држава. Сите оние со поинаков став имаат право да го имаат истиот. И го почитувам нивното мислење. Peace to you all!
П.С. Сакам јавно да упатам пофалби до @Vnukot кој што на неговиот блог објави фоторепортажи од протестите, какви што не направи ниеден весник, ниедна телевизија, ниеден онлајн портал. Македонска верзија и англиска верзија.
0 comments:
Post a Comment