Се уште

Вчера поминаа 30 дена откако беше убиен Мартин Нешкоски. Блогов, кој што првично беше наменет да содржи работи кои што се поврзани со мои случки и доживувања во Германија, го оптеретив максимално со темата протести. И ќе ми простите, на некои од вас можеби им е здосадено, можеби ми се смеете додека го читате ова прашувајќи се како може се уште да постојат идеалисти во овој валкан свет со кој што парите владеат, но каква сум таква сум. И не можам поинаку. И знам дека ќе е грешно да пробам поинаку. Исто како што и оние кои индиферентно гледаат на нас од страна кои што трошиме време и енергија викајќи во празно знаат колку е грешно да го пратат целиот случај од фотеља.

По не знам кој пат, ќе потсетам дека:

  • Се уште не се знае кој е докторот кој што дал лажен наод дека нема траги од насилство
  • Се уште не се знае кои се лажните сведоци кои што за полицијата изјавиле дека виделе момче на кое што му се слошило
  • Се уште не се знае кои се соучесниците кои што помогнале да се премести телото и не го пријавиле злосторот во полиција
  • Се уште не се знае како информациите за убиството не стигнале до портпаролот и каде настанал прекинот во синџирот на пренос на информации
  • Се уште не е разјаснето дали навистина отишле луѓе кај Мартин дома кои што ги убедувале неговите родители да не даваат изјави во јавност
  • Се уште не е дадено одговор на прашањето што правел Спасов во блиско опкружување на премиерот после полноќ

И да ви кажам искрено се надевам дека кои и да се тие монструми кои што се соучесници во овој злостор (директни и индиректни), за нивно добро, ќе одвојат 10 минути за да се присетат на средношколските денови кога нѐ тераа да читаме лектири. Дека ќе одвојат 10 минути да се присетат на Родион Раскољников. Зошто ако не го сторат тоа, ќе ги стигнат неговите страдања кај и да е. А тоа е многу полоша казна од онаа која што може да ти ја пресуди судот за соучество во убиство. Размислете си господо, кои и да сте, каде и да сте. Имате уште малку време пред да почнете од нигде никаде да се тетеравите сред бел ден облеани во ладна пот. Тогаш сите валиуми, сите антидепресанти, сите дроги на светов, легални и нелегани, нема да ви се доволни за да се вратите во нормала. Не сум побожна ич, ама ич! Но сепак ќе ви кажам: Господ нека ви е на помош.

CONVERSATION

1 comments:

Anonymous said...

Да имаше ефект совеста, немаше да има потреба од правен систем. Многу им е гајле за психолошката болка, ќе си ги бројат парите, ќе им помине ко на кутре.

Back
to top