Избори – чисто за споредба

Ама не знаете колку ми е ќеиф што не сум во Македонија во моментов. После еден куп разменети изјави, кои што иако беа конзумирани од моја страна само по пат на интернет ме доведоа до раб на повраќање, ете конечно падна договор меѓу партиите, ќе имало предвремени избори. Најкоњак од сите ми е последната изјава на Црвенковски: “Ако има и едно фалсификувано ливче и Тунис и Египет ќе му бидат тесни на Груевски.” Леее си викам, со ваква изјава, Енио Мориконе во позадина и мамузи на ципелите тесен ти е Холивуд на тебе!!

Нејсе, да се вратам на темава. Јухуууууууууу, избори, а јас не сум таму! Ќе пукнам од среќа!!! Нит ќе ми се јавува некој на телефон наредниве 2 месеци да ме прашува за кого ќе гласам, нит ќе гледам партиски постери на секој чекор, нити ќе бидам приморана да гледам Weatherchannel во отсуство на друга опција поради ППП на сите други канали, нема да ми поминуваат камиони со разглас “Мижи Асан да ти баам” под прозор, а најмногу од се ме радува фактот што нема да гледам како моите пријатели и познаници се претвораат во мувлосана маса дремејќи пред партиски штабови. Ќе го задржам високото мислење што го имам за нив свесно игнорирајќи го фактот дека во следниве два месеци некому константно ќе му го бришат газот.

Имаше и тука избори пред некој ден. Локални. Знаете како разбрав за нив? Се шетав една сабота низ град, и гледам мајка и татко буткаат дете во количка, а на количката од едната страна заврзан балон на кој што пишува SPD, а на другата рачка заврзан балон на кој што пишува CDU. (сфатете ги SPD и CDU како нашите ВМРО и СДСМ). Насмеани и двајцата буткаат количката, а детето со сокче во раце. Стигам до плоштадот, што да видам. Митинг!!! Наредени 3-4 куќарки една до друга, секоја офарбана во својата партиска боја, делат балони на кои што е испишано името на нивната партија и сокчиња за децата. Во позадина германска поп музика, од типот на 99 Luftballons.

Постери во градов имаше вкупно 4: За секоја партија по еден! И откако завршија изборите, одма ги тргнаа, нема да седат како кај нас уште 2 години.

Брејјј си викам, да ти е ќеиф на гласање да одиш, со мерак избори да дочекаш. Кога ќе дочекаме ние таква политичка култура??

P.S. BTW Најголема фама не се крена дека во одредени покраини партијата на Меркел изгубила, туку што во одредени покраини значителен процент има освоено партијата на пиратите. Па сега вие видете!

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top