Протести и контрапротести

Читам весници, гледам вести и не ми се верува! И вернициве почнале да тепаат низ градов. Со клоци, со шамари, со тупаници... А одсекогаш мислев дека оние што се верници веруваат дека со разговор се решаваат проблеми.

Се собра група на млади архитекти да протестираат против црква на плоштад. И јас иако неприсутна таму, им ја давам целата моја поддршка. Не се гради црква туку така кај ке се стигне. Имале сите градови цркви на плоштадите, па ајде и ние. Прво тие цркви биле изградени, а после плоштадите околу нив, не обратно. Но нејсе, не сум јас толку елоквентна да зборувам за тоа.

Од другата страна се собрале "свештеници и свештени лица" да ја одбранат честа на Исус. Добро. Како едните, така и другите имаат право на јавно изразување на својот став. Тој принцип на контрапротести е многу популарен овде во Германија. Секогаш кога нацистите сакаат да протестираат, целиот град излегува надвор, и го зазема просторот, за да нема каде овие гадовиве да се стационираат и да се дерат. Сето тоа се прави цивилизирано, и покрај тоа што се работи за нацисти! Нормалниве луѓе организираат локални концерти, паради, хепенинзи... се пие пиво, се печат колбаси, локални звезди пеат некои си глупави германски народни песни... и кога ке дојдат нацистиве и ке видат дека нема место кај да стапнат, како посрани си ги виткаат опашките и си одат дома. А остатокот среќен и горд дека повел уште една победа над фашизмот, слави до сабајле.

Што се случи кај нас? Решиле вернициве да прават контрапротест. Еден ушлак со неготински акцент, кој што ама баш ич не треба да му е гајле дали во Скопје ке има црква или не - дека воопшто не е ни од Скопје, им образложува на новинарите дека се дојдени во името на Исус да ја одбранат неговата чест. Еден Рамбо со 3 кила злато околу вратот излегува надвор од толпата и се дере на цел глас: Исус! Исус! Исус! Мислиш на фудбалски натпревар е. На една девојка од позади и улетува еден мајмун, и го зема плакатот од разе и и мава клоца со тоа што ја легнува на земја. Свештеникот пред камери невино тврди: "Ние дојдовме да го одбраниме Исус... овај... да ... нели... кој тоа таму се испотепал не знам". Џани на прес конференција мрчи: "Е да беееее, не испотепаааааа". Бичиклиски возврака: "Јас може сум продавал јадици на топ шоп за лебот сушен, ама државата не сум ја продал. А да... и ова со протестот, ние немаме врска со тоа". Грујо тврди се ова било масло на СДСМ-овски архитект. И архитектите, ако не сте знаеле, се делат на лоши и добри архитекти, зависно од тоа дали се во позиција и опозиција.

Добро бе мајко му стара! До кога бе? До кога? Партиската жичка е евидентна тука, но нема да го коментирам тоа. Едните ги обвинуваат другите и обратно, а кај што има чад има и оган. Ама еве, нека има вклучено политички струи и во двете страни. Нели изборите супер ги организиравме? Изборите беа на територија на цела Република Македонија. Протестов е на 5 метри квадратни. Толку не можеа да влијаат на 5 метри квадратни да не земат да се испотепаат и човечки сето тоа да се изведе???

Се е документирано на видео. Како што би рекол другар ми Џими, сега треба сместа да се најдат сите тие идиоти, да им се поклони по една овца и да се протераат за Австралија. Нека работат на зголемување на бројот на овци по жител во Австралија. Ама не сум сигурна дека и таа една овца, како почетен капитал ја заслужуваат.

За крај ке го цитирам Едо Маајка.

Brdjani postaju gradjani,
do jucer svjetla gasili sjekirama,
a sad su u odjelima.


Мислам дека овие стихови одлично се вклопуваат во нашата метрополска анархија.

CONVERSATION

1 comments:

Darko said...

Mise, teraj si so blogerstvo, ali ne mi se dopagja slikata sto si ja stavila na profil. Vidi tamu...

Back
to top