Бурек


Си се враќам ја така вчера од Таксират пешки преку оној мостот што прави “блага кривина” заради куќата покрај која се прави благата кривина од Саем накај Аеродром, и си викаме со другарка ми дај по едно бурече во 5 сабајле да мавнеме, да ја испоштуваме до коски старата скопска традиција на јадење бурек после град. Влегуваме во Шехерезада, онаа кај Нова Железничка, ја викам четврт со сирење и јогурт, другарка ми четврт пица бурек и јогурт а продавачката на нас: Вкупно 165 денари. Пица бурек и јогурт 90 денари!!! Четврт со сирење и јогурт 75 денари!!! Сакав шеќер и вода да и кажам на продавачката да ми даде, за да се спастрам од шлогот што го добив, ама откако ми текна дека и за тоа може еден тинејџерски џепарац да ми наплати, се предомислив.




Скопје радост ти ќе бидеш. Чим стигнаа бурекџилници да се курназат со цени, ќе дојде денот кај и да е кога ќе почнат дечковци да канат девојки на состанок на по еден четврт со јогурт. Сериозно. Онака, ти доаѓа те зема од дома, те прашува дали си гладна, и кога ќе му дадеш потврден одговор ти вика: I know just the place! И пичи накај Шехерезада, ти отвара врата на влегување, а внатре елита скопска собрана, политичари, уметници, глумци… се стои по страните се чека ред, а он ко прав скопски мангуп и иде на тетката што го сече бурекот, бидејќи му е комшика од маало, и и вика: Тетка Светле, ај жити се среди една маса, со девојче сум, молим те. Средува тетка Светле набрзина маса една, и додека останатите обични смртници се бунат што ко права скопска шмизла фаќаш маса во бурекџилница преку ред, он фраерски и вика на тетка Светле: Донеси два четврта пица бурек и литро од тој јогуртот… знаеш за кој ти зборам, тој специјалниот што не го давате на секого. Тебе ти паѓа едно незгодно, кај на бурек те носи, па и јогурт нарача, ќе го ошуриш кутриот. Ама па после ко ќе им кажуваш на другарките дека те однел на бурек, има главна цура во маало да бидат. Дури и таа најзгодната и најубавата во маало, онаа по која што паѓаат сите машки – дури и тие што бендисуваат кељави девојки, ќе ти љубомори до даске, бидејќи најмногу што она добила на состанок е еклер и боза. А типот има хациенда на водно.


И ќе им раскажуваш на другарките како е да се оди на бурек, каков вкус има бурекот и која е разликата меѓу бурек и јогурт и бурек без. А тие додека едната ти ја чешла косата, а другата ти прави плетенка за вториот состанок со типот, на кој што ќе јадете бурек со месо (!), ќе можат само да те слушаат и да си мечтаат дека и тие еден ден ќе сретнат право скопско фраериште кое што не само што ќе има пари да ги изведе на бурек, туку ќе има и врски да потегне да резервира маса, за да не го јадат бурекот одпростум како обичната раја, туку седеечки, како права госпожа.

CONVERSATION

4 comments:

Новица said...

burek eaters (мада на италјански) http://www.myboite.it/burekeaters/

Careca said...

цените на услугите ги диктира цената на изнајмениот простор. Оди во друг град, цените се смешни. Плус се оди на картата дека Скопје има економска моќ да плати повеќе. Прост пример: оди во пристојна пицерија во Скопје како пар и нарачај храна за двајцата по една пијачка и кафе или десерт, сигурно ќе платиш 1000ка. Во Битола во нај фенси местото, со најдобра храна и услуга истото ке те чини 600 со сила, плус не штедат на мастраф или квалитет. тоа е тоа!!! Огрих е слично како Скопје ...високи цени потпросечна услуга.

Јована Тозија said...

Ма по една воспитна на сите. Не смее да се дозволи бурекот да стане привилегија на богатите. Кроасани со чоколадо, или пица на парче нека продаваат по колку сакаат. Не е тоа традиционално јадење. Ама бурекот е институција бре! Со кој памет му ставаат такви цени, не се нормални.

Anonymous said...

и толку?
после ќе се чудиме зошто бил бурекот скап, па кога се бунат само два-тројца, а другите послушно си плаќаат, тоа ти е!
инаку не е само бурекот, има цени во Скопје кои не се реални во поголеми размери, три, четири, па и пет пати, од реалниот трошок, па што и да е внесено внатре како трошок. Кирија, суровини, труд на вработените. Ама тоа само скопјани си знаат зошто!

Back
to top