Кога ќе останеш без зборови….

Како и секоја нација што не ја мириса својата дијаспора, и Германците не ги поднесуваат многу германските гастарбајтери. Арно ама имаат тие еден проблем со нив: германската дијаспора живее во Германија. Пишував во еден мој претходен пост за нив – руските Германци. Се населиле во Русија за време на Катерина Велика, а се враќаат неколку генерации потоа повторно во Германија - Германци по крв, Руси по менталитет.

Една од нив е и мојата шефица на работа. И седиме на ручек пред некој ден, и се отвара типкава и почнува да ни раскажува за нејзиното детство во Москва, за другарките, за што памти од комунизмот… и одеднаш вика:  “Ама мајка ми секогаш ми викаше дека сум разочарување, зошто нејзината крв е плава, а мојата валкана, заради татко ми, кој што е Русин по потекло. Јас додуше не го ни знам, а ни ни имав шанса да го запознаам, мајка ми 5 пати се мажеше.” Колегите Германци останаа со хамбургерите во уста, едниот за малку ќе се задавеше, јас пробувам да не реагирам, слушаат луѓе од страна не им се верува, а таа мртва ладна уште вика: “Мајка ми и не ми го повторуваше тоа толку често, ама баба ми…  таа и ден денес не може да ми прости што имам мешана крв.” Со каква леснотија го кажуваше тоа, не можам да ви опишам.

И вој тој момент си помислив: Фала ти Господе, што сум израсната во нормално семејство со нормални родители кои ме учеа на нормални вредности. Фала ти што немам такви трауми како нејзе поради кои што таа веројатно никогаш во животот нема да посака да има деца. Фала ти што знам што значи родителска љубов, грижа и нега. Фала ти што ме научија да ги вреднувам луѓето по нивниот акал а не боја на кожа. Фала ти што сум нормална личност!  

CONVERSATION

1 comments:

Tomi said...

Wow! Неверојатно..!

Back
to top