Дифтари

Мене уште од мала моите ми попуваа за пристојното однесување (барем се трудеа, не знам колку успеаа, нека кажат тие). Убаво однесување, пристојно однесување, бонтон, наречете го како сакате, во светот владеат некои генерални правила за тоа како треба и како не треба човек да се однесува. На пример, при влегување во просторија или средба со луѓе се вика добар ден, добро вечер, здраво…. при напуштање на просторија или друштво се вика пријатно, довидување, чао… во ситуација кога си со две или повеќе лица кои меѓусебно не се знаат задолжително претстави ги и запознај ги меѓусебно…. итн. Значи генерални одлики на едно пристојно однесување.

Понекогаш добивам чувство дека овој народ туку што се симнал од планина. Особено младината. Постарите прошетале повеќе, виделе, споредиле па и попримиле по нешто. Овде е тотално е нормално кога некој од страна (пријател на пријател) ќе се приклучи во друштвото и да не каже здраво, тотално е нормално, зошто не кажал ни здраво да не каже чао, тотално е нормално твојот пријател да налета на некого на улица, да се замуабети со персоната и притоа да не ве запознае меѓусебно.  

Баш вчера бев со колега еден на ручек. Ми вика ќе собереме уште еден мој другар по пат и ќе јадеме во Бургер Кинг. Ок. Застана со колата, пушти трепкачите и по 2-3 минути се појави тој лепотанот од некаде. Влезе во кола и ко шумски некој продолжи да ја куца СМС пораката што ја беше започнал. Нит здраво, нит бутур. Му промрља нешто колегава мој, разменија два три збора муабет, но фактот што има непозната особа во кола и што можеби треба да се претстави и да каже здраво не го тангираше ама уопште. Колегава мој такуѓере. Не му дојде ни на крај памет да не запознае.

Во Бургер Кинг целиот муабет што го направи дечково со мене беше: Имаш пенкало? И тоа откако го праша другар му и доби негативен одговор по истото прашање, доби препорака да ме праша мене, па дури тогаш му текна да оствари контакт.

На враќање го оставивме каде што го собравме, на колегава му пружи рака и му рече чао се слушаме после, ја отвори вратата и излезе. Како да не бев присутна целото тоа време таму, а пенкалото како да го позајмил од некој си случано што се нашол таму на исто место во исто време.

Еднаш дури и доживеав да сум на гости кај другарка дома и да не бидам поздравена од татко и при влегувањето дома. Влезе во просторијата, го прашаа дали сака да јаде, кажа да, и се изгуби. Дојде по 10 минути, си ја зема чинијата, пак се изгуби и не се врати повторно. И поцрвенеа образите како патлиџани кога примети колку сме забезекнати од таквото дијвачко однесување, па почна да ни објаснува дека многу работел, дека бил уморен, дека тинтири минтири…. Не знам типот колку беше уморен, ама знам дека татко ми и од трчање маратон да се врати дома, прво ќе ги поздрави гостите па после ќе се повлече да одмара. Ма нема ни да се повлече да одмара. Но тоа е веќе табиет  Smile

На почетокот многу лично ги сфаќав овие работи, сега со тек на време, само можам да констатирам дека се социјални дивјаци. Ништо повеќе. Рака на срце има исклучоци, ама и тие самите признаваат дека не се горди на својот сој.  

CONVERSATION

1 comments:

Ivka said...

Koga ti gi citam desavkive od Nemacko, abe istoto mi se slucuvase i vo Liechtenstein, isto takov nekoj Germanski soj.... ufff ja edvaj 6 meseci preziveav tamu, nemozev...cudni lugje, ne gi varam

Back
to top