Зимата дојде во мојот град

Им се изнарадував на моите есенски капути, си реков ете ќе ги прошеташ низ Фулда, да видат и тие свет, арно ама времево е толку факинг ладно, што кутрите мои мантили нема да ја добијат таа шанса. И официјално овде е зима. Сабајлево беше -1. Испонастинав, полна сум со мрсули, пијам чаеви како арап, парното го цедам до даска и оставам тенџериња со зовриена вода да испаруваат, како би можела да дишам навечер, нели!

Германциве, од друга страна немаат и некој многу голем проблем со хладноќава. Денеска на факултет една типка се шеташе со ниски All Star патики, БЕЗ ЧОРАПИ! Ми се смрзна крвта кога ја видов. Јакоб излегува на тераса да пуши со мокра коса. Но најдобар од сите е Војта. Тоа е мојот нов комшија, по потекло од некое си село од Чешка. Типот вчера дојде од факултет дома и пиздеше како можел да излезе надвор со долги панталони, затоа што се испрепотил 3 пати до факултет и назад. И мртов ладен, си облече шорцеви, и повторно излезе.

Веќе напоменав имам нови комшии и цимери. Една цимерка всушност – Турчинка. Јас до сега Турците ги сметав за комуникативен и пријателски настроен народ, но цимеркава некако не ми се вклопува во таа шема. Ај што седи заклучена во соба цело време, ја заклучува собата и кога оди до ВЦ! За здраво и чао да не правиме муабет. Војта, веќе го спомнав, вика дека е Чех, но јас сум сигурна дека лаже и типувам на Лапонија. Шарлоте, исто така нова комшика, е ултракомуникативна и многу симпатична Германка. Секако како и сите други Германци мрази телесен контакт со други луѓе, дури и со мајка и (така кажа самата), но е многу пријатна личност и супер е за муабетење. Другото е се по старо. Сасан се уште не ја луфтира неговата соба, Милена се уште има цело време нешто за учење и константно некаде доцни, Надеж се уште готви радиоактивни манџи од кои што паѓаат трепки, Јакоб е константно на телефон а Георги се уште готви. Всушност готви вечера за нас во моментов. На западу ништa ново!

До следниот пост – добар апетит!

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top