Гастарбајтер без ронка среќа

Ништо не ми оди од рака неделава. Ама баш ништо.

Како што може да приметите од насловот, најдов работа. Не е некоја интелигентна работа да бидам искрена, ама ја плаќа киријата. Но тоа не е проблемот. Проблемот е што фирмава е во едно градче блиску до Франкфурт и што Дојче Бан ми го свирнува секое сабајле. Да појаснам - менувам воз во Франкфурт. И бидејќи возовите каснат по ни помалку ни повеќе 5 минути, јас го пропуштам вториот воз и каснам секое сабајле по пола саат на работа! Ама буквално како на филм пред нос ми кидаат, а јас како будала трчам по ескалаторот нагоре, буткам луѓе лево десно за на крај кога ќе се искачам, проклетиот воз да тргне.

Фирмава е иначе супер. Кога стигнав првиот ден, мислев дека ќе дојдам само да потпишам договор и толку. Тие одма ми средија компјутер, акаунт, емаил, биро, телефон, ме сликаа и ја бапнаа сликата на интранет за да ги известат сите кој е нов во фирма... А вработена сум како студент!!! Германска работа бе. Прв пат кога го отворив маилот веќе ми имаа стигнато маилови со задачи. Се е мирно и тивко, само една французинка со ептен јак француски акцент дрдори на телефон нон стоп. Еднаш по грешка заѕвонеа неколку телефони во исто време, почнаа неколку луѓе одеднаш да зборуваат и јас ја кренав главата да видам што се случува - да не пропуштам нешто битно. А колешката од карши ми се смешка и ми вика: Како што можеш да видиш, овде кај нас е малку напнато. Си викам јас, сестрооооооооооо, ти не знаеш што е напнато. А на нејзе само и се насмеав и не и искоментирав ништо.

Компјутерот ми се кочи секој пат кога ќе вклучам Интернет Експлорер. Друг пребарувач немам и не ни смеам да инсталирам. А добивам прилично малку задачи во текот на денот (или јас сум па многу добра и ги завршувам за кратко време - сфатете го ова како сакате) па ем немам што да работам, ем не можам да сурфам и блеам како теле во таван додека да ми стигне нов маил.

Почнав да работам - редно е да си легнувам порано. Ни тоа не ми оди како што треба, од проста причина што цела Фулда се собира кај мене во стан. А ако не се собира кај мене, се собира кај Ѓорѓи каде што мора да сум присутна бидејќи Ѓорѓи ќе продолжи да звони на моето ѕвонче додека не им отидам на гости.

Ни возачите на автобуси не ме сакаат многу деновиве. Излегов од работа и трчав да фатам автобус до Желечничка. Му викам на возачот: Одите во правец на железничка? Тој ми вика не! Качете се од другата страна на улицата. Добро. Преминав од другата страна и му викам на еден дечко: Автобусот овде оди накај железничка, така? А тој вика не! Од другата страна!!! Проклетиот возач на автобус ме излажа!!! Не знам зошто - не мирисав, убаво бев облечена, нашминкана, дотерана... стварно не ми е јасно.

Трета недела по ред не успевам да се договорам со професорот да се најдеме. Или јас сум болна, или тој е болен, или е во гужва, или јас на работа... Ајде со господ на помош утре можеби ќе седнеме на маса.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top