Зошто го сакам Скопје

Да се разбереме, Скопје не е убав град. Дури и е прилично грд.
Но, Скопје е мој град, град во кој израснав. Не може да не го сакам. Се сеќавам кога бев мала, едни двајца дечки се качија на шупата кај дедо ми во двор за да крадат цреши. Ај што не украдоа цреши, одозгора на се шупата му ја скршија. Кога ги виде дедо ми како лежат во сред шупата како партали меѓу бурињата за вино, место да земе да ги тепа и да викне полиција, тој викна брза помош, за да се увери дека не скршиле некое ребро случајно, а додека да стигнат тие, им набра една кеса со цреши и им рече: “Друг пат кога ќе сакате цреши, само заѕвонете ми на врата, ќе ви дадам скала. Мене сам, цело дрво ми е многу.“
Многу сакав да одам кај дедо ми на гости. Тој во сред целото сивило на Скопје, имаше направено една мала џунгла во својот двор. Во таа џунгла растеа патлиџани, краставици, пиперки, јагоди, праски, кајсии, сливи, цреши, вишни, смокви, јапонски јаболка, јаболка, круши, дуњи, тикви, капини, грозје, лешници, ореви и што уште не. Јадејќи од праските и бркајќи се околу бараката со мојот комшија се мавнав од една ролетна и си ја скршив главата. После тоа морав 2 недели да одам со чалма на главата. Но јас и понатаму одев кај дедо ми на гости. И понатаму ги јадев праските и се бркав со комшијата.
Дедо ми е одамна починат, а дупката на кровот од таа шупа уште стои. И не верувам дека некој ќе ја поправи.

Скопје е град во кој како мала константно се пржев од коприви. Врескајќи доаѓав дома и откако ќе натопев една крпа во ладна вода и ќе ја врзев околу испрженото место, повторно ќе излезев надвор, за да ја доиграм партијата џамија.

Скопје е град во кој што ги гледавме локалните фраери како играат кошарка во маало. А тие не гледаа нас и се перчеа како пауни, горди на тоа дека девојки дошле да ги гледаат нивните кошаркарски финти. Тие се глупираа, а ние им се воодушевувавме.

Скопје е град во кој ја доживеав првата љубов. И како секоја тинејџерска љубов, оваа љубов беше љубовта на мојот живот. Толку беше голема, што дури целиот наставнички колегиум знаеше за тоа.
Скопје е град во кој го доживеав и моето прво љубовно разочарување. Стефан никако не сакаше да се заљуби во мене.
Скопје е град во кој ја доживеав и втората голема љубов и второто љубовно разочарување. Секако нели, и тоа беше љубовта на мојот живот, па и нејзиното раѓање и умирање беа прилично драматични. Следните љубови веќе не беа љубови на мојот живот.

Скопје е градот на шмизлите. А една од нив бев и јас. Барем се трудев да бидам. Толку се трудев, што една вечер излегов во град (тоа беа времиња кога мобилен телефон беше мисловна именка) и за да бидам забележана ставив пластичен мобилен телефон на маса. После 10 минути секако сфатив дека мојот идиотизам се граничи со лудило, па го пикнав телефонот во чанта, го испив пијалакот набрзина и посрана од срам отидов дома. Срам од самата себеси. Од тој ден натаму веќе не се трудев да бидам шмизла. Станав андерграунд. Андерграунд шмизла. Андерграунд заради музиката што ја слушав, а шмизла заради етикетата залепена од порано. Одев на Форум, ама не пиев бамбус. Старите добри времиња кога литар вино чинеше 50 денари.

Скопје е град во кој прв пат запалив цигара. Толку се чувствував важна, што го испрчив колкот на десно а со левата нога потцупнував . Димот во моите бели дробови ми даваше чувство дека некој ми го ренда душникот со гребло, но тоа никако не смееше да излезе на виделина. Стискав заби и се смешкав наоколу, а од болка во градите дури и една солза се слеа по мојот образ.

Скопје е град во кој што само клупите и темните улички знаат некои од моите најдлабоки тајни. И со мирна душа спијам навечер зошто знам дека никогаш нема да ги издадат.

Скопје е град во кој што важни госпоѓи ми префрлаат во кафана дека сум била многу гласна. Но Скопје е и град во кој што газдите ги бркаат таквите госпоѓи од сопствената кафана. Ако сакала тишина, слободно можела да оди во библиотека. Нити се знам со газдата, нити сум редовен муштерија. Но тоа е кафанче во мое маало, а скопските газди знаат колку треба да се почитуваат маалските муштерии. И горда сум на мојот град. Горда сум што маалските муштерии се уште имаат предност пред важните госпоѓи кои се спремни да остават многу повеќе пари од мене.

Скопје е град во кој што прв пат се вратив дома пијана. И откако не успеав да сокријам дека сум пијана, морав да ги убедувам моите родители дека моето пијанство се должи на ни помалку ни повеќе 2 чаши вино. А после тоа морав да трпам лекција дека најсрамно нешто на светот е да ги лажеш родителите. А навистина беа 2 чаши вино.

Скопје е град во кој што дипломирав. Само масите во читалната на ЕТФ знаат колку партии бриџ имам изиграно на нив додека да положам Физика 2. Сега во читалната на ЕТФ не се игра веќе бриџ. Не може. Има компјутери на масите.

Скопје е град во кој што го прославив моето дипломирање. А после прославувањето со Џими и Ирина дојдов дома да се отрезнам. Не успеавме да влеземе во станот како нормални луѓе, и затоа заедно сосе поклоните се струполивме на земја во претсобјето. Сето тоа ги разбуди моите родители кои со смеа на лицата се понудија да ни сварат кафе да се отрезниме. Но Џими инсистираше да пие ракија со татко ми. Татко ми виде не виде, стави по една чаша, и откако ја испи отиде да си легне. Сфати дека не постои кафе на светот што во тој момент нас ќе не отрезни. А ние останавме да седиме на терасата и да им се смееме на колите што ја заобиколуваа колата на Џими. Ја имаше оставено отворена, со вклучени 4 жмигавци на сред улица.

Скопје е град на романтиката. Позади католичка црква има еден графит. Гласи вака: Лела мандарините поскапеа, а ти се уште си ми лута. Јас гласам овој графит да се прогласи за културно наследство на Скопје и секој пат кога ќе поминам покрај него се надевам дека Лела веќе не му е лута.

Скопје е град на пијаниците. Особа А неизмерно многу пијана се обидуваше да вози багер во 7 саат сабајле. Тоа не им пречеше на ранобудниците што ги мочаа кучињата во локалниот парк. Си фаќаа сеир. И јас се трудев да фаќам сеир, но не можев. И јас бев многу пијана. После пола саат Особа А се симна од багерот и мудро заклучи: "Не можам да го возам багерот. Ајде да си одиме дома!"

Скопје е град во кој што постоеше Зизи. Каде и да одев, на крај завршував во Зизи. А откако од таму ќе ме избркаа, одев во местото одма до Зизи - Жужу. А во Жужу јадев чоколаден кроасан целиот облеан со чоколадо. После тоа купував леб и јогурт од Жито Лукс, и си доаѓав дома. Сега Зизи не постои. На неговото место има еден селски кафич со уште поселска музика. А на местото на Жужу место кроасани со чоколадо се продаваат пици.

Скопје е град во кој што не живеам моментално. И ми недостига неизмерно многу. Затоа го сакам Скопје.

CONVERSATION

10 comments:

Royalgirl said...

неверојатно убаво опишано.

Unknown said...

zlatni bea tie vreminja koga igravme karti u citalna :)nema da se vratat :(

kyTpe said...

Зошто го сакам Скопје? ...
Убаво напишано еве ти мала дополна.

Скопје има Водно,Градски Парк, Стадион Каде што игра ВАрдар.. низ Скопје Тече Вардар, Скопје го има Чаир како нај фраерска населба... Скопје го има Владо Јаневски.

Скопје има ЈСП Автобуси, Во Скопје се прави СКОПСКО!
Скопје има Скопрска Црна Гора... Кеј ... Шема , Амерички Крофни на Плоштад ....

Само Скопје има Улици баш за мојте чекори. Скопје има СЕ!

Скопје те сакам !

Anonymous said...

ciao dall'italia

SKoPJe! said...

prekrasno devojce :)
ke go stavam na City of Skopje. ako ti preci, slobodno pisi mi, ke go trgnam. ama mislam deka zasluzuva :)

Viski said...

Preubav tekst... keep up the good work.

МАКЕДОНИЈА БЕЗ КОРУПЦИЈА said...

Blog postov e zakon! A btw...ja znam osobata A i za sluckata.....Se ostanato e istorija :)

Jofe said...

Прекрасен пост :)

Unknown said...

Ах, се подрасплакав =*

Anonymous said...

Сите ние заедно ја пишуваме историјата на градот. Записов е една страница од историјата на Скопје.

Back
to top