Патувачки дневник: Осло (дел 2)
Види претходно: Осло ноќен живот
Станавме поприлично доцна во однос на она што го имавме испланирано. Ама секогаш е така. Кога планираш да бидеш примерен туриста со набиена агенда стално ти излегуваат некои пива непланирани и сè се изместува.
Доручкувавме некои типични норвешки вафли кои што ни ги спреми Васе (фала Васе!) и толку беа вкусни се прејадовме како прасиња, не ни се мрдаше од дома. Ама надвор времето беше убаво (хм… убаво, видиш како одма ти паѓаат стандарди) а ние не сакавме од три дена еден да преседиме дома. Прва дестинација беше скокалницата Холменколен.
Скокалница ко скокалница, арно ама ова западниве народи со претприемачки дух ја направиле да биде атрактивна 365 дена во годината, а не само кога има ски скокови. Zip-Lining, лифт до горе, симулатор на спуштање со 120 км на час, ски музеј… комплетен пакет. Сакавме да се качиме до горе, да направиме едно селфије со поглед на вју, ама редот што се чекаше беше многу долг а ние веќе доцневме како и да е, наместо тоа се прошетавме само низ музејот со скии.
Во музејот освен трофеи и слични модерни работи имаше изложено и дрвени скии и везови од пред неколку стотици години при што стварно ти станува јасно дека кога немало патишта авиони и возови, луѓето така си патувале од куќа до куќа, така оделе на лов, така оделе секаде. Со скии.
После скокалницата решивме да направиме нискобуџетен ручек составен од глобализација, конзумеризам, монсанто и сè друго што не е во ред со денешниот свет и отидовме во Мекдоналдс. Времето беше многу убаво па решивме да си земеме ланч пакети и да го поминеме ручекот на клупа во паркот на скулптурите. Испадна многу поубаво отколку што очекувавме. Паркот е многу мирен и покрај многуте туристи, а есенските бои на лисјата… уште љиљакова фалеше.
Паркот на скулптурите е парк на норвешкиот скулптор Густав Викеланд. И јас обично не се разбирам од уметност, од концептуална па ич, ама ова чудо е малку поинакво, да не речам луцидно. Прилично е туристичко, ама го препорачувам на секој што ќе отиде таму. Нема да раскажувам многу околу скулптурите, ќе оставам сликите да го кажат своето.
Последната дестинација беше операта. Операта во Осло е модерна градба која што многу потсеќа на Македонската Опера и Балет. Од она што можевме да го заклучиме е дека норвежаните кога одат на опера, тоа им е цело излегување кое што вклучува одење на опера 2 саати порано, пиење вино, наоѓање со пријатели и познати, некои од нив дури одат и на вечера во ресторанот во операта пред настап. Баш фин концепт. Кај нас никогаш не би можело тоа да се изведе…. Ние никогаш нема да научиме да доаѓаме пола саат порано. Нејсе, не ми се размислуваше за тоа нити па ми се правеа компарации.
Уморот не стигаше, недостатокот на сон исто така, па решивме да го заокружиме целото ова патување со кафе во хипстерски кафе локал. За последен пат ги измеркавме викинзите од глава до пети и си отидовме дома.
Си легнавме рано, и со нас си земавме настинки и кивавици. Лекција научена: Никогаш повеќе не патувам во северна земја во зима. Норге, до следниот пат, кога денот ќе ти трае 23 саати <3 div="">3>
0 comments:
Post a Comment