[Гостински пост] Отпор

Бев денес на нотар. Три девојки беа во канцеларијата, една помлада и две на средна возраст. Влегов насмеана и расположена. Само едната жена (нотарката) ме почести со кус, изнуден поздрав. Другите две не го ни кренаа погледот од компјутерот. Атмосферата ме потсети на чувството што го замислував додека ја читав „Пиреј“ – тежок, набиен воздух, мирис на трули тела без трошка живот и надеж и некој дух на несреќа кој ги фатил сите присутни за гуша, па ги лишува од и онака плиткиот здив. Додека сите работеа во густа тишина, младата девојка само ѝ дофрли на едната повозрасна : „Готов ти е изводот, ела зами си го!“ На крајот, во знак на неиздржлив очај, нотарката тресна на масата и извика: „Е, што мразам кога морам да станам да го земам печатот! Значи, не можам више!“

Не можам да заборавам што ми раскажа еден другар. Тој ми велеше: „Кога одам наутро на работа, си ги набљудувам луѓето на улица од автобус. Сите панично брзаат, сите свират нервозно на свирките.“ Сите брзаат по некој замислен успех, по некоја замислена цел што би требало да му донесе смисла на нашето животче. Како да сме подзаборавиле малку на приоритетите. Како целиот живот да е сведен на тоа да се стигне на состанокот на време.

Епа не!

Не верувам во ставот дека кариерата и работата треба да се стават на прво место. Не, не се обидувам да добијам грант од Владата на Република Македонија за текст којшто го поддржува повеќедетното семејство. Меѓутоа, како да забораваме дека работата само го пополнува времето, не и животот.

Не верувам во сериозни и несериозни луѓе, легнување рано и излегување само на after work забави бидејќи човек веќе треба да е сериозен на 25 години. Ако си ја работиш својата работа со љубов и посветеност, или како што би рекол мојот омилен професор „со љубов и во детаљ“, тогаш значи си сериозен. Лажењето дека не пиеш пиво од шише, туку само мартини или виски, или пак криењето на тетоважата додека си на работното место нема никаква врска со тоа.

Не верувам во пијани тетоважи. Не верувам ни во пијани мувања. Верувам дека зад секоја постапка има причина, која – сакале или не – излегла на површина на овој или оној начин. Пијаната тетоважа била направена заедно со најдобрите другари. Пијаното мување се случило со некого кој на некој начин нѐ привлекол. Во секоја наша постапка има некое скриено зракче љубов кое не сме сакале да го покажеме за да не покажеме слабост. Меѓутоа човекот е социјално суштество. И според Дарвин, и според Библијата, Куранот и сите други свети книги.

Не верувам во преболена љубов. Човек, којшто во еден момент си го погледнал и си почувствувал како го сакаш со сето свое битие, постоење, со секоја своја клетка, како љубовта го преполнува просторот измеѓу вас, човек кој кога ти го фаќа лицето во дланки и ти кажува колку те сака, светот околу тебе се претвора во матна слика и тапа бучава, човек кој кога излегол од твојот живот си се чувствувал како нешто буквално да ти било откорнато од градниот кош – кон тој човек не можеш да ги избришеш чувствата. Никогаш. Што не е лоша работа. Љубовта е прекрасно чувство и воопшто не е понижување или слабост. Напротив, треба да се величи, секој вид на љубов те прави само подобар и посреќен човек. Секоја поранешна љубов не треба да се толкува како болка, туку како спомен од среќа и исполнет живот.

Не верувам во мразење историја и традиција. Пред некоја година бев на свадба кај една другарка. Сакаше да ги испочитува сите „сељачки“ свадбени обичаи. Додека ги пеевме песните и ги игравме ората токму онака како што ги презентираме на сцена на концерти со играорна, се почувствував неверојатно гордо, исполнето и среќно. Бидејќи како да ми беа пред очи некои баби и дедовци како го прават истото, само пред многу години. Луѓе, кои од своето постоење во времето и просторот, од својата улога на создавачи на еда култура, нација и воопшто живот, издвоиле еден дел и ми го подариле мене. За да има место и за моето животче.

Не верувам дека светот е составен од бројки. Дека сѐ може да се сведе на цифри, на единици и нули. Кога некој едноставен мирис на стари, застоени теписи и мебел ќе ти врати спомени на неброени среќни мигови за време на заеднички ручеци за Велигден со целото пошироко семејство, на илјадници пискања и карања поради брзото трчање по скалите, кога една стара ролетна и шупа ќе те телепортира назад на безброј мајтапења за патувања на Бали и фрлање мали сестрички во река бидејќи „што ќе ни е бебето да го влечкаме, и така само вришти“, на тоа не може да се стави бројка. Не постои генијалец во светот што ќе успее тоа да го срочи во бројка или во единици и нули.

Јасно ми е дека сум непрактична. И знам дека оптимизмот ми се граничи со идиотизам. Ама се надевам дека сум во право за работиве во коишто верувам и не верувам. А исто така цврсто си верувам во поговорката „Ignorance is bliss. Ако случајно не сум во право, не ми е гајле. Не сакам да знам. Барем ќе бидам среќна дури живеам во заблуда.

(авторот на текстот е во роднинска, да не речам сестринска врска со сопственикот на блогот)

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top