Без разлика дали е рибарење, пентарење по карпи, скијање, гроздобер, садење марули или возење точак, контактот со природата дава посебен внатрешен мир, кој не може да се замени со ниеден фенси ручек и денска кафе шема во бетонското лудило. Минатиот пат возевме низ североисточна Македонија, овој пат на репертоарот беше југоистокот. Истражи ја Македонија на точак, vol. 2.
4-цата јавачи на апокалипсата Сандра, Шенте, Горан и Аце - кој слободен ументник, кој со вишок слободни денови, решија да возат 4 дена место 3. Ние што бевме скржави да земеме слободен ден од работа, киднавме саат два порано од работа, се најдовме на железничка и се натоваривме на возот за Кочани. Ко деца помочани. Од радост. Тие видно уморени после 125 километри довозеа, ние видно одморени и возбудени се доклацкавме, се најдовме сите во Кочани и се упативме накај барокниот хотел Шагал, кој се наоѓа негде у сред оризови полиња, меѓу Кочани и Виница.
А во возот, во купето со нас дете бесно, мислиш цел живот во синџири го држеле.
Марко: Зошто не се работи денес?
Јас: Зошто е ден на народноослободителната војна на Македонија. Сме се кренале на бунт против фашистите. Првата пушка пукнала во Прилеп и Куманово.
Марко: А каде пукнала втората?
ТОНЧ!
Ден 1. Кочани - Берово
Утрото тмурно, а во нас сонце за три светови. И да врне и да вее и бура да коси.
Во Виница ни се придружија Ацо и Дејан. Ги предупредивме одма дека ова не е сериозна бајкерска тура, дека не сме од оние со скапи точаци и фенси точкарски аксесоари, туку дека сме таму за провод и за да уживаме во природата.
Угорниците ништо посебно, една стрмничка километар - километар и пол угорничка и тоа е тоа, во Берово стигнавме во 3 саат, и чудно ни беше што го имаме цел ден пред нас. Се сместивме, направивме ѓезме и вечерта отидовме до Беровско езеро. На влезот од Аурора спа центарот еден транзициски богаташ со мерцедес џип и точаци натоварени на гепекот ни се расвире на нашето такси дека сме му го блокирале влезот за во хотелот. Се брза дечкото за у сауна ме разбираш, нема време за чекање. Дечко, ти си ги натоварил точаците на гепек. Ние довозевме до тука со точак. Имај малку респект.
Ноќна прошетка околу езерото и браната, враќање пешки накај берово низ шума на месечева светлина, без на никој да му текне дека постојат суштества како волци и мечки.
Ден 2. Берово - Струмица
Додека на терасата кркавме кришки еурокрем, сонцето полека се издигаше на хоризонтот во Берово. Радост на нашите лица, ќе пука сонце. И таман сменивме долгите тренерки и дуксери со шорцеви и маички по кратки - куршлус број еден. Дупната гума. Моја. 3 саати се врткав дур тргнеме, точакот не го проверив. Превртевме точакот (рака на срце, ја као Мерлин Монро стоев од страна, џентлмените средија тоа се), арно ама нешто не ни се погодуваше тркалото на крај, кочницата фаќаше. Помина еден чичко - извинете, да не знаете каде има точкар во Берово? - Дајте јас ќе ви го направам. Од сите луѓе што поминаа, баш тој чичко се погоди да биде точкар. Good things happen to good people. Ми идеше да го гушнам целиот универзум.
Негде сред шумите на Огражден, куршлус број два. Таман си помислив да им кажам да искулираме под некоја сенка покрај реката, Дарко се пожали на набабрената надворешна гума. Беше готова пред расцветување. Сликата подоле кажува се. Кој точи света вода, кој полугол медитирал покрај река, кој сече внатрешни гуми за да лепи надворешни... а реката жубори ли жубори, ветрето вее ли вее. Сегде божева је хубавина.
50 километри до Струмица, 25 угорница, 25 удолница. Ништо страшно. Си мислевме. Прво една угорничка 8%. Па следна 9%. И на крај последната 11%, за која што еден чичко бесрамно не излажа дека е долга 200 метри, а беше долга 3 километри. Дарко: „Ехеее, со добар залет, таа и без педлање ќе ја искачам.“ И на секоја наредна кривина си викаш уште ова е! И гледаш дека абер нема од превој. И си викаш уште оваа кривина. И пак абер нема. И ти не се откажуваш. Шентевски стои од страна, прави пауза и ти нуди тазе набрани дренки. Ти ко идиот - дехидриран до даска, земаш од дренките уз вожња и дури ти се собира устата од кисело си викаш: Јованоооо, каде бе со дренкиве кадееее? И однекаде се појавува еден дечко од сред шумата, најверојатно дрвокрадец. ДЕЧКО КАЖИ МИ ДЕКА ПОСЛЕ ОВАА КРИВИНА НЕМА ВЕЌЕ УГОРНИЦИ ИЛИ ЌЕ ЗАЖАЛИШ ШТО СИ СЕ РОДИЛ! - Потврден одговор. И одеднаш се најдов на врв на Огражден. Со точак. И одеднаш сите пцовки што ми се мотааа во глава исчезнаа. Остана само прекраснотијата од чувство - I DID IT! Единаесче - ис-ка-че-но!
Ставивме кацигите на глава, си рековме само се гледаме доле, Сандра свирна со свирчето и еден по еден ко од ланец пуштени - ИХААААААААААААА. Спустот во Струмичко поле беше од оние напорните - од 1100 метри надморска висина, за нецел пола саат се симнавме на 200. Кога се симнавме доле, само се свртев да го видам Огражден позади мене. Планиниште. Од возбуда ми идеше склекови да правам. Место тоа се сликав со камион.
Во Струмица се сместивме во манастирот Св. Петнаесет. Сликата беше малку како да си сред Бејрут. Некое ромско маало сред Струмица, луѓе по земја влечат вреќи со пиперки, од транзистор од 78-ма ечи шабанарија тешка, десно по улицата горе се наѕира минарето од џамијата во изградба, сред сето тоа манастиров со конаци, обколен со висок ѕид и електрична ограда над ѕидот. А во манастирскиот комплекс конаци од модерните (веце во секоја соба со Leov бојлери), галерија икони, манастирска кујна, насади од киви, и плејада на пауни, зајци, патки и желки.
Попот беше вистински домаќин, не пречека и ни посака добредојде на сите до еден. Не собра и сите заедно на вечера. Манастирските адети велеа дека пред вечерата треба да се помолиме. И додека попот ја кажуваше Оче наш, сите ние со неописливо лаком израз на лицето зјапавме во гравот и колбасицата пред нас. Многу бевме гладни. Амин. - Амин. 3,2,1, може. Гравот никогаш не бил повкусен.
Ден 3. Струмица - Гевгелија
Оригиналниот план беше да одиме до Демир Капија. Но бидејќи не знаевме колку време ќе ни треба да натовариме 7 точаци во воз, си рековме подобро да одиме во Гевгелија, таму е почетна станица, возот ќе стои подолго пред тргање.
11-те степени од претходниот ден си го направија своето. Мускуливе почнуваа да откажуваат. По Валандовско брдо се влечев како полжав на гранка. Во еден момент дури и мислев дека ќе почнам рикверц да одам. За сета среќа ми се најде некој сникерс во џеб, па ме опорави шеќерот малку. Аце и јас позади, другите далеку пред нас. Ни се јавија дека не чекаат во Костурино. Стигнавме во некое село. - Извинете, ова е Костурино? - Даааа, центарот на Европа!
И спустот по валандовско брдо беше од оние напорните, без лезет. Стрмни удолници, и нагли кривини. Се спуштавме така со камион еден позади друг, и кога стигнавме во Валандово осетивме вистинско лето. 30 степени. А само претходниот ден се покривав со два јоргана. Калинките како неизбежен дел од освежувачката пауза. Набрани на диво се разбира.
И после 3 дена континуирано испуштање гасови од страна на Дарко - во соба и на отворено, конечно се најдовме пред автознакот кој што на целата оваа држуба и возење и даде смисла и целина. Една заедничка, и една индивудуална. Стискање заби. Концентрација. 3-2-1 трт. Велелепно. Прдејци испоштовано. Гевгелија, here we come.
И стигаме ние во Гевгелија, идеме у кафана, не гледа келнерот и ни вика: Од каде идете? Ние гордо: Од Струмица. И он: Мене рекорд ми е 160 километри у еден ден. Гевгелија - Скопје. - Сам??? - Не, со Џими. Океј, се ни е јасно. Вие сте друга категорија. Ние сме ненормални, ама ти си луд. Донеси бокал ракија и тури еден вол на ражен. Ајде живели.
Дури се товаревме на возот, троа носталгично во глава си ги премотувавме последните три дена, тажни дека завршило, а среќни дека сме ги поминале, а уште посреќни дека следната тура веќе беше направена. Повардарие, доаѓаме на пролет.
П.С. Сте знаеле дека железничката пруга Скопје - Солун е пуштена 1873-та година!? Со букви ИЛЈАДАОСУМСТДОСЕДУМДЕСЕТИТРЕТА!!!!
0 comments:
Post a Comment