Не
се сметам себеси ниту за експерт за социјални мрежи, а уште помалку па за
маркетинг специјалист. Меѓутоа како (сеуште) страствен корисник на социјалните
мрежи, не можам а да не напишам збор два за она што се случуваше вчера.
#ТвитерАјвар
се покажа како одличен пример за тоа како една фирма треба да ги користи
социјалните мрежи за промоција на своите производи/услуги.
Како прво, настанот покрај предвидените мезалуци, беше опремен со 3 –4 лаптопи на кои што дежураа луѓе и еден прожектор преку кој можеше да се прати тајмлајнот на #ТвитерАјвар. Можеше да се види кој кога ќе стигне, кој нема да дојде, на кој му е криво што не доаѓа, кој хејта настани од типот рурални и селски. За разлика од #ТвитерПиво (беше тоа збиранка на едно 40 души твитерџии во чаршија пред месец-два) каде што на никој не му текна ни апарат да извади и да сликне, а не па да твита од лице место како си поминува, овде се твитнуваше кога ќе приметеа дека на некој ова му е веќе 3-та кришка по ред, се пуштаа слики од моменталната атмосфера, а господинот @kuzevski дури и ја пренесуваше во живо атмосферата од местото на настанот со помош на својот телефон од типот смартфон.
Како второ, и покрај тоа што настанот беше отворен, за кој сака да дојде, поканите од типот уредни си го направија своето. Луѓето се почувствуваа привилегирани што се лично поканети на ваков настан. Поканата, ем духовита, ем официјална, ем со акцент на социјалната мрежа со помош на која се организира настанот. Од каде ви се домашните и адресите од работа на сите луѓе кои добија покани од типот уредни не знам, ама едно знам: Во овој случај на никој не му беше гајле за заштита на лични податоци! (за разлика на пример од спам акцијата на Јупитер, во која што ти ни претплатен нит бутур, тие праќаа – и се уште праќаат – жими мајка награди за 4 дена во Прага на личен мејл).
Како трето организаторите се погрижија да има name tags (не знам ова како се вика на македонски), секој да си го пише твитер никот и да знаеш со кого комуницираш. За да не му се случи на некој она што ми се случи на мене на #ТвитерПиво, кога му пишав на @kenzoawa дека ми е криво што не го запознав вечерта, за тој да ми врати дека тој бил тој со кој што сум правела муабет на тема планина.
Како четврто, тегли со custom твитер налепници со намера да бидат подарени од една на друга особа. И сето тоа нели се твита in real time, кој на кого му подарува тегла ајвар, кој на кого се заблагодарува, се постираа слики на гордите сопственици со поклонетите тегли… а за тие ко мене, што не се модерни и немаат телефони од типот смартфон, беше обезбеден и еден мини лаптоп од кој што секој можеше да се логира на Твитер и да твитне што му лежи на душа. Феноменална замисла за давање на примерок од производ при промоција, а да не е клише од типот две стројни моми на излез да делат тегли ајвар на секој што ќе излезе и да му викаат благодариме што дојдовте, ни беше чест.
Како петто, не беше само ајвар работава. Сирења, ракии, слатки, палачинки… Човек навистина требаше гладен да дојде. И немаше воопшто срамење. За настанот беше замислено луѓето да јадат, и тие тоа и го правеа. Не беше тоа напувана промоција со дами со високи штикли и урбани господа во одела кои што боцнуваат по едно две парчиња од понуденото, пијат cabernet souvignon и дискутираат за тема економската криза во Грција и нејзиното влијание врз нашето стопанство. Беше тоа една многу опуштена промоција, со фино поддотерани млади луѓе кои што не се срамеа да си земат тањирче и во него да си стават по неколку кришки и по неколку мезиња, а потоа и да споделат со останатите. Се правеше муабет на тема Топ Листа Надреалиста, кој стои позади лажните профили на @BlagicaPavlovska и @AmdiBajram, серии, патувања…
And last but not least, имаше феноменален избор на музика. Најмалку од се очекував Лед Цепелин да рокаат на #ТвитерАјвар. Не рокаа баш, сепак беше тоа social event каде што во преден план беше муабетењето, а не играњето и пеењето, но сепак.
Фирми, компании, гледајте и учете. Ова да ви е буквар за тоа како да ги користите социјалните мрежи ако сакате да се испромовирате. Постирањето на вицеви на вашиот Фејсбук акаунт нема да заврши работа. Ниту пак посакување на пријатен работен ден, постирање на песна за развеселување, потсетување дека денес е петок, а најмалку па организирање на глупави наградни игри во кои што добитниците се тие што добиле најмногу лајкови на постираната слика/видео/статус.
П.С. #ТвитерАјвар го организираа Дием-ГП. И не, не ми платија за да го напишам постов. Се е ова на своју вољу, ризик јак бидејќи си поминав супер!
1 comments:
Јована, абе споредуваш баби и жаби: кои се поубави?
Кога одиш на официјална ствар како #ТвитерАјвар ОЧЕКУВАШ да биди толку супер организирано како што беше.
Кога одиш на лежерна собиранка на народ ОЧЕКУВАШ никој да не ти се упика в лице да те слика ала „каде вечер“, како што и беше.
Не се собравме в чаршија за да го популаризираме твитер меѓу твитерџиите, туку „да се видиме како тролови“ шо се вели :)
А и да, јас барем си ја чуствувам должноста да ги испофалам ДиемГП, но планирам да биде пред нетвитерџии и неблогери ( па и тие се луѓе да му ибам бељата :) )
Post a Comment