Никако не можам да го сфатам синдромот на отфрлање на традиционалното како заостанато и селско. Не спаѓаат тука се разбира сите традиции и навики што ги има македонскиот граѓанин, како на пример пружање постелнина на тераса при што му се попречува видикот на комшијата под тебе, фрлање ѓубре од тераса, неуботребување на дезедоранс, плукањето на сред улица и слично . Таквите и слични на нив традиции т.е. навики треба да се исфрлат. Ма не да се исфрлат. Да се искоренат и да се уништат сите докази дека некогаш постоеле.
Меѓутоа има традиции кои што лека полека изумираат, а се вкоренети во она што значи Македонија и македонско. На пример правењето ајвар. Се донесе некој глупав закон пред извесно време дека се забранува правење ајвар на јавни места. Јасно ми е дека тој закон се донесе заради превентивни причини, бидејќи еколошката свест ниту ни е вродена, а уште помалку развиена поради што цел град беше полн со лушпи од пиперки, но…
Замислете сценарио: Град Скопје (или било која друга институција која што би можела да биде надлежна за вакво нешто) објавува официјални ајвар викенди во Скопје. На официјалните ајвар викенди дозволено е да се прави ајвар на однапред одредени јавни површини во Скопје (разни паркови, плоштадчиња…). Град Скопје учествува на пример со спонзорирање на столчиња, ќумбиња и дрва со можност да се врши наплата за користење на ќумбе за да Градот не биде ептен зијан, а кој сака и има може да си донесе ќумбе сам. Народот се дружи, оние што немаат услови каде да прават ајвар нема да мора да јадат купечки (производители на ајвар, не ме сфаќајте погрешно, ама домашно си е домашно), а целиот град ќе го има препознатливиот мирис на скопска есен. Сето ова, откако неколку години по ред се спроведува успешно, се официјализира, се промовира по туристички понуди, се нудат ефтини летови за време на тие викенди од/до Скопје или некои си лудило ефтини пакет аранжмани (лет, смештај, туристички водич) од типот: Ajvar weekend in Skopje, come and feel the true smell of autumn. И не, ова не е идеа за ајваријада, ова не е предлог за 4 дневна манифестација на која што ќе пеат Гоце Арнаудов и Благица Павловска. Ова е идеа за како да се одржи традицијата на правење домашен ајвар и при тоа да биде во склоп на законот, да се одржи Скопје чисто и да се направи обид од сето тоа да се створи една нова туристичка атракција. Замислете ги само оние Јапонци, кои што деновиве во голем број се шетаат наоколу, како штракаат фотографии со брзина на светлината за време на овие “манифестации”. Па секој од нив со минимум 3 тегли ајвар има да се врати дома.
Замислете дополнително музеј на ајварот. Кога може Келн да има музеј на чоколадото, зошто ние да не може да имаме музеј на ајварот. Една куќарка, троа поголема во која што прво се објаснува што е пиперката, какви типови на пиперка има, кои пиперки се најпогодни за користење на ајварот, кратка историја на ајварот, негови варијации (лут, благ, со црн патлиџан, без…). Понатаму, во друга соба, неколку моми (или момци) во троа народни носии (не мора сега галички везови да носат, ама доста е по некој традиционален орнамент од народните носии и опинци да имаат) печат пиперки. Троа подолу прикажан процесот на рачно лупење на пиперките. Троа подолу пиперките се мелат. Не во некоја си автоматска машина. Рачно, на оние старине железни машини за мелење месо. Како што прави секој од нас што прави домашен ајвар. И на крај (пожелно, зошто се поснажни) момци со ќумбиња и тенџериња пред нив го мешаат ајварот. Една мома со ружа во косата, румени насмеани усни и бело грло дели кришки од француски багет со топол ајвар на нив и парче овчо сирење за дегустација. Истиот тој тазе произведен ајвар понатаму се пакува во тегли, и се продава во продавницата што е на излез од музејот по нешто повисока цена од онаа во продавница. Дополнително, мало бифе – ресторан, каде што може да се нарача кришка леб со ајвар и сирење за некоја минимална цена 20 денари. Верувајте, секој што ќе влезе во музејот ќе купи и барем една тегла и ќе нарача барем една кришка. А туристи со пари во џебот, ќе купат богами и повеќе. Кога излегов од музејот за чоколадо во Келн, фрлив 10 Евра на најобични чоколатца. Свесна бев дека супермаркетот е на неколку минути оддалечен и дека за тие пари ќе можам цел рафт чоколади да купам, но тоа во моментот не ми беше важно. Сакав да купам од ТИЕ чоколади.
Еххх замислете…
П.С. Идејата за музеј на ајварот ја сметам за лично моја. Немам намера да ја патентирам. Ако некој некогаш го спроведе ова, за возврат барам доживотно снабдување со ајвар на мојата фамилија. Ништо повеќе.
3 comments:
Постои Ајваријада во Струмица и нема идеја слично да се прави во Скопје. Зошто француски багет а не домашно лебче?
Ova e super ideja. Ajde od Ekonomski Fakultet biznis oddelot da napravat eden proekt, koj kako del od polaganje na nekoj od ispitite ovoj proekt -enterprise go napravat "LIVE". Ova e prekrasna ideja i jas znam deka ke donesam luge od nadvor posebno so ovaa cel.
ne e ajvArijada tuku ajvErijada vo Strumica. Te molam pravi razlika! Vo Strumica se vika ajvEr.
Da, so zakon se zabrani pravenje ajva(e)r na ulica i lugjeto se isplashija ili ednostavno sfatija deka vo grad ne se pravi hrana spored selski naviki i ne gledame vekje kjumbinja.No,so zakon e zabraneto i sred nokj da se derete po ulici ama tie shto gi voznemiruvaat gragjanite ne se isplashija od zakonot, a vprochem, i nikoj ne gi kazhuva. Razlichni arshini ili sfakjanja?
Post a Comment