Соживот for dummies

Пред нецела недела Германскиот министер за одбрана даде оставка. Зошто? Заради плагијаторство во својата докторска дисертација. Цела Германија се крена на нозе. Фејсбук групи, студентски протести, пародии на Јутјуб, дебати во академските кругови… ама не знаете. А тој кутриот па, за да биде срамот уште поголем, да ти бил со плава крв – наследник на бивши принцеви и кралеви. Но срам, не срам си даде поштено оставка за да нема дипломатски имунитет и јавно објави дека на сите можни органи ќе им биде на располагање дење ноќе за што побрзо да се заврши работата.

Како нов министер за одбрана беше назначен стариот министер за внатрешни работи и со тоа се отвори празно место за министер за внатрешни работи во владата. И таман си викам секое чудо за 3 дена, ете ти нов скандал. Новиот германски министер за внатрешни работи 5 минути откако седна во фотеља излегува со следнава изјава: “Исламот не припаѓа во Германија”.

Ааа, си викам сад му је мати. Кругот е малечок а во него сме сите, и бате Јане и бате Миле, и бате Гутенберг и бате Фридрих. Пред само 10 години истите тие гомнари не учеа нас што е соживот, што е мултиетничко општество и ни даваа инструкции како да го практикуваме. НАС!

Кога во крушевскиот манифест 1903 Никола Карев повикуваше на бунт против отоманската тиранија без разлика на вера и националност, Германија го има извршено првиот геноцид на 20 век во Намибија убивајќи приближно 60.000 цивили. И кога велам убивајќи, не мислам на стрелање. Не. Кутрите цивили биле однесени во сред пустина и оставени да умрат од глад и жед. А за да не им промакне некој Итар Пејо, германците имаат наредено и систематско труење на оазите.  Додека Гоце Делчев проповедаше за културни натпревари меѓу народите, Германија ја обогатувала својата ризница со крвави дијаманти.

Си викам која нечовечност еј! Да оставиш при чиста и мирна совест некого да умре од жед, во сред пустина. Искрено размислувајќи вака, гасните комори ми се чинат во овој момент како похумана варијанта. И нормално, сега кога треба заедно да живеат со истите тие луѓе, кои што пред само 100 години ги експлоатирале, кога треба да ги уживаат истите права и привилегии, сето тоа им доаѓа малку неприродно. Ние од друга страна со нашите малцинства заедно се боревме против империјалистите.

Драги мои Германци, соживот не се учи преку ноќ. Тоа е долготраен процес кој што се пренесува од генерација на генерација. Не си завршил работа ако му се јавиш на Хасан за Бајрам и му пожелиш среќа и бериќет. Не. Треба Хасан да те викне кај него дома за Бајрам, да те почасти чај и баклава. А после тоа ти да го викнеш кај тебе за Велигден и да му дадеш по едно вапцано јајце за секого дома. Е тоа е соживот. А нашите гомна од политичари може да се само среќни што до сега не добиле по едно вапцано јајце по глава. Зошто многу е тажно и несреќно за една земја која со векови знаела да го цени туѓото исто колку и своето да добива инструкции за мултиетнички соживот од земја која што никогаш до сега го нема ни практикувано.

 

CONVERSATION

2 comments:

Anonymous said...

Одличен текст.
Да се навратам на дебатата што ја имавте денес- издвоените случаи се тие што се важни, што прават промена. Мартин (за жал) е издвоен случај.
Статистиката важи за луѓето, ама не и за поединецот, веројатноста да сум Кинез е дефинитивно поголема од таа за Македонец, ама било кој со здрав разум не го гледа тоа така, туку ги гледа издвоените случаи, баш како што правиш ти :)

Јована Тозија said...

Точно, кога издвоените случаи можат да ги редефинираат законите на природата, зошто да не можат да ги сменат и општествените случувања?

Back
to top