Wiesenmühlestraße

Мислам дека е време да ве запознаам со мојот комшилук.

Улицата на која што живеам се вика Wiesenmühlestraße. Буквално преведено ова би било Мелница во ливада (нешто како индијанско име му доаѓа). И тоа не е случајно. Името оваа улица го добила по многу позната пивница која што се наоѓа, ако тргете надоле, на само една минута од домов. Пивото го произведуваат сами (како и многу други пивници во Германија) а струја за производство на тоа пиво добиваат од мелницата. Воедно, тоа е најстарата функционална мелница во Германија!!! А пивото... закон... кој пробал знае!

Одма после пивницата почнува еден голем парк, каде што од неодамна почнав (да се пофалам) да џогирам. Во паркот има од езера, до траки за возење точаци и ролери, лизгалици, базен и сл. до специјална трака за масажа на нозе. Тоа е една лента покриена со најразлични видови камења, песоци, треви и други тракатанци, каде што сабота и недела доагаат Германците со нивните жени, соблекуваат кондурите и се шетаат боси по таа лента. Наводно масажата што се добива од одење бос по тие камења отвара чакри... појма немам.

На крајот од тој парк има музеј. Знаете за што? За против пожарна опрема. Еден хангар со еден куп противпожарни коли и шмркови. Ама музеј си е музеј.

Ако тргнете на другата страна, нагоре, значи не накај пивницата, за 5 минути се стига до централната катедрала во Фулда. Fulda Dom е втората по големина црква во Германија, веднаш после катедралата во Келн, и во нејзе е погребан Светиот Бонифациус. Однадвор преубава, одвнатре одвратна. Класичен барок стил, со многу мермер и злато.



На десно, на 5 минути од мене има огромен супермаркет, каде што може да се најде од пиле млеко. И за тоа сум им многу благодарна. Зошто работи што мразам да ги правам најмногу на свет се:

1. Да фрлам ѓубре
2. Да купувам намирници

А замислете... контејнерите ми се одма под прозор!!! И не смрдат!!! Има зошто, случајните работи случајно не се случуваат...

Одма карши супермаркетот мојот омилен дел од населбата - ЗАТВОР. Вистински затвор со вистински решетки зад кои седат вистински затвореници. Ама од оние добрите. Со максимална казна до 2 години. И ден денес не ми е јасно како може да имаат затвор во центарот на градот, ама тие си знаат.

Карши домот, мал, но прилично елитен хотел, чиј што рецепционер неколку пати не има посетено да ни пренесе дека нивните гости се жалат на бучавата што доаѓа од домот. Во 22.00 навечер.

Ако тргете на лево ... таму нема ништо интересно.

CONVERSATION

2 comments:

Unknown said...

Јас си знам за пивото!!! :)))

Nada said...

luda si be jovano...

Back
to top