Имав намера овој пост да го напишам неколку дена подоцна, но ми пристигна во инбоксот еден маил, што сакаше да ми укаже дека не баш сум во право во врска со моите ставови и се инспирирав. Тие ставови се лично мои и крајно субјективни. Јас ценам кога луѓето што ми се обраќаат ме гледаат во очи, и се нервирам (многу!) кога бројат центи. Посебно кога бројат центи и возат кабриолети. Но од друга страна, затоа возат кабриолети - дека ги бројат центите, а јас одвај скрпувам за на одмор. Која варијанта е подобра? Веројатно некоја златна средина. Но тоа не е темата на овој пост.
Во овој пост: 10 работи зошто ја сакам Германија.
1. Paypal
Ова е ера на информатичко општество и тука ама баш се се купува преку интернет. Според мене дури и до некоја мера претерано, но буквално се што ќе ти падне на памет можеш да го купиш не ибеј, старо или ново, и обично 20 - 30% поефтино од продавниците. Ова мене се ми беше теоретски јасно пред да дојдам, ама уште не можам да се навикнам на фактот дека кога ми треба нешто прво треба да проверам на интернет, а после по продавници. И феноменално е! Утредента ти стига по пошта, пред врата, завиткано, стокмено, топ!
2. Колбасите
Најдоброто нешто што можел човекот да го измисли. Многу сум гурман, и ептен ми прави ќеиф што ги има на секое ќоше. За секој пат кога ќе ти се пријаде да ти се најдат.
3. Пивниците
Овде пивниците сами произведуваат пиво. Тоа дава таков шмек што уште не си до пола кај првата чаша, веќе ја нарачуваш втората. И во секоја пивница вкусот е различен. А кај оние што не произведуваат сами, можете да ги најдете сите можни брендови на пиво. Не се караат тука Скопска и Прилепска пивара. Локалното пиво во Фулда е Hochstift Pils. Незамисливо е во сред Фулда да не можеш да нарачаш Hochstift Pils, а во сред Скопје едните служат само Скопско, другите само Даб, и трети што се прават авангарда служат само Лашко. Ако сум пивница, тоа подразбира дека основната дејност ми е да продавам пиво. Не едно пиво, многу пива, различни пива, и луѓето да си изберат кое сакаат да го нарачаат. Пивница не е исто со продажен пункт на Скопска пивара.
4. Избор во продавниците
Има за сите. Ама буквално за сите. Ако си дебел, слаб, висок или низок, емо или металец, шмизла или панкерка - има за сите. Во Скопје ако си со средна висина и килажа и со неутрален вкус ќе се облечеш. Ако си емо, тогаш можеш само во онаа streetware продавницана да си најдеш партали (не ми текнува како се викаше), а ако носиш број поголем од 41 тогаш кондури само во Гуливер. Ај што има за сите, цените се ненормално ниски. И тоа за наш стандард. Можам да замислам колку им е на нив ефтино. Панталони чинат во Скопје 20 Еур само кога се на попуст. Овде тоа е нормална цена. Кога се на попуст, цените ненормално паѓаат. Така јас зимоска си купив зимски панталони за 99 центи, зимски капут за 9 Еур, а пред некој ден пролетни панталони за 4.99 Еур. Со 15 Еур направив шопинг за 2 сезони.
5. Германците се reliable
За жал немаме македонски збор за reliable, па морав вака. Кога ќе кажат дека ќе пратат маил до 10, праќаат маил до 10. Кога возот треба да стигне во 10.27, стига во 10.27. И неизмерно ме прави среќна што не мора да чекам академски четврт, секој пат кога се договарам со некого. Колку и да се вадам од кожа што задоцнување од една минута сепак го сметаат за задоцнување, многу ценам што го ценат твоето време.
6. Не си зависен од кола
Во Македонија ако немаш кола си хендикепиран. Секако тука е секогаш старото добро такси, но тоа не е тоа. Овде јавниот превоз е толку добро организиран што дури и да ви кажам право не ми е јасно зошто воопшто купуваат коли. Метроа, трамваи, автобуси, ... толку се чести и прецизни што НАВИСТИНА не ти е потребна кола. Од еден до друг крај на град (Франкфурт на пример) се стига за максимум пола саат без нервози за семафор и паркирање. Во Скопје насабајле од ново лисиче до карпош се потребни минимум 30 минути. А да се разбереме, Франкфурт е многу поголем од Скопје.
За возовите да не правам муабет - заљубена сум во нив
7. Новинарите им се писмени и непристастни
Сите од нив имаат високо образование, знаат да читаат од идиот и не пристрастни се при информирањето. Го нема Латас, го нема Геро и сите останати новинарски поддржувачи на позицијата/опозицијата. Мерак ти е вести да гледаш. Телевизијата на која гледаш вести ја бираш во однос на тоа колку е саат, а не во однос на тоа дали Биљана Секуловска го води дневникот денес или не.
8. Емисиите на телевизија се интересни
Со ретки исклучоци, имаат многу интересни телевизиски шоуа. Ги има и од оние ретардираните, каде девојка си го сменила полот и после се оженила за својот прв братучед кој е инвалид, и доаѓа на телевизија да се жали зошто општеството ја осудува, ама тоа е дел од прогресивноста на Германија. Генерално покриваат интересни теми, а кога се ток шоуа модераторите се навистина на ниво, не заземаат став и знаат како да се снајдат во ситуација кога избувнуваат работите. Не викаат едноставно "Прекини го овој гледач и дај ми го следниот" само затоа што им се јавил некој во емисија да им каже дека е недолично да се пцуе во етер.
9. Концерти
Германија е попатна станица на буквално секоја музичка ѕвезда што прави турнеја. А јас ногу љубам да одам на концерти. Тие што ме знаат, знаат колку навистина љубам да одам на концерти. За жал мојот студентски стандард не ми дозволува да си приуштам 80 евра за карта, но да работам овде минимум еднаш месечно би одела на концерт. Ма секој викенд би одела! Ич, ни диско, ни паб, ни ресторан ни бутур.
10. Weinachtsmarkt
Почнувајќи од 1 Декември до 24 Декември не само во Фулда туку и низ сите градови имаат божиќни панаѓури. Сите се надвор, масовно се пие греено вино, се јадат колбаси, палачинки, печени јаболка и разни други мезал'ци а во позадина свират божиќни песни. По улиците врие од луѓе а градот свети како еден голем лампион. Имав прилика да работам на панаѓурот во Декември. Фантастично е. Сите одат по продавници и купуваат подароци, и кога ќе се уморат застануваат на некои од штандовите и се греат со греено вино. Она што мојот штанд всушност го продаваше не беше класично греено вино, туку огромен казан греено вино и врз кој што висеше една огромна коцка шеќер. На секои два саати, се гасеа светлата се снижуваше музиката и газдите мавтаа со едно звонче. Запален рум се истура врз коцката шеќер, таа се топи и карамелизирана паѓа во казанот вино. Тоа чудо што го продававме беше ненормално вкусно но и ненормално јако. Го пробав еднаш. Од што беше вкусно и топло го дрмнав за 15 минути. Едвај останав сконцентрирана да враќам кусур точно, а комбинацијата на тој топол алкохолен пијалак во мене и температура под нула надвор резултираше со треска, така што морав да се покријам со два јоргани вечерта. Од наредниот ден пиев само овошен пунч.
CONVERSATION
Subscribe to:
Post Comments
(
Atom
)
2 comments:
живеев 3 години во Австрија. тие не се така прецизни како Германците, Балканот е сепак до Виена :)
И многу се изненадив кога видов колку лесно се живее во таква држава!
цените ме шокираа!
И на храна и на облека! поевтино е од кај нас, а платите им с евртоглаво големи(и јас бев како студентка таму, па не знам како се живее со 2000 евра плата).
нема импровизација-ако нешто тргне наопаку, одма викаат мајстор да го порави тоа. ама ако си го подметнеш грбот, никој не вика не.
Вљубена сум во возовите.
Great post, thanks
Post a Comment