Macedonia vs. Germany

10 работи зошто ја сакам Македонија повеќе од Германија.

1. Кафана

Не само Германциве, цел свет не го знае и не го разбира принципот на кафана, ѓезме, целовечерно јадење и пиење, кое да се разбереме и не е така здраво на нашиот организам, ама ти прави таков ќеиф, што светскава рецесија ти се чини мал проблем во однос на "Да свртиме на вино или ќе продолжиме со ракија", или "Абе во Љуц е најубав џигерот, ама многу ќе се усмрдиме, нема да не пуштат во диско после" и сличните на нив проблеми. Овде кога пијат, пијат да се опијанат. Кога јадат, јадат за да се најадат. А после тоа, зависно од тоа каде јадат и пијат, стануваат и си ги мијат чиниите или ја плаќаат сметката. Не знаат да нарачаат кафе, да си помуабетат на тераса за да ти спадне јадењето, да заспијат пред телевизор после ручек.

2. Љубеѕноста им е фалш

Овде луѓето се љубезни само ако се платени за тоа. Или ако се пијани. Во продавница ме прашуваат дали било се во ред при купувањето, ми се заблагодаруваат што сум купувала кај нив и ми посакуваат убав ден, а при тоа не ме гледаат во очи. Во воз ми се извинуваат за 2 минутното доцнење и се надеваат дека повторно ќе патувам со Дојче Бан (а со кој друг???), а ако го прашам кондуктерот дали чекам на вистинскиот перон, цинично ми одговара - па пишува на таблата дали сте на вистинскиот перон или не (не е платен да одговара на моите прашања). Колегите од факултет на журка САМОСТОЈНО (ова е голем чекор за германец) ми приоѓаат и ми прават муабет. Тоа што вчера сме правеле муабет, не мора да значи дека и утре во клас ќе ми каже здраво кога ќе ме види.

3. Времето

Позната е темава. Да, не грее сонце како кај нас овде, се помирив со тоа. Но магла на 17 Јуни ??? Ова не се трпи! Добивам самоубиствени нагони!

4. Нашите баби и дедовци се покул

Со ретки исклучоци, нашите баби и дедовци не викаат полиција кога правиш галама. А кога се жалат, со право се жалат. Поминале низ многу и не им било најлесно. Кога ти раскажуваат како било порано, ги слушаш со очи ококорени. Сите преживеале војни, поробувања, бугарски затвори, турски зандани, благодети од комунизмот или протерувања поради несогласувања. И покрај тоа што преживеале многу, биле војници, затвореници, бунтовници, директори или обични работници, сега крпат крај со крај со своите пензии. Не возат коли дека бензинот имм е скап. На одмор одамна не биле. А сепак кога ќе се пожалат, секогаш мислата им завршува со "Туку деца, ние стари сме, вие да сте ми живи и здрави!" Свесни се дека на младите е светот!
Германските баби и дедовци викаат полиција. Секој пат кога ќе им се пружи шанса за тоа. И тоа ги прави многу среќни. Војна во вистинска смисла не преживеале. Тие беа нели поробувачите. Заради војни во затвори не завршувале, а благодети или протерувања од комунизмот не осетиле (ја изоставувам тука Источна Германија, не сум компетентна на таа тема :)) Со пензиите си приуштуваат кабриолети двоседи кои ги возат до супермаркет и назад, а на море одат два пати годишно. И ПАК МРЧАТ!!! ЗА СЕ ШТО ЌЕ СТИГНАТ! Неколку примери:

* Во овој супермаркет пастата за заби е 70 центи! Срамота! Во оној другион е 55!
* Комшијата некако брзо ми прошиша пред двор, овде е дозволено да се вози 30км/саат.

Добро бе, како може да вози кабриолет двосед и да мрчи за цената на пастата? Како може воопшто да му биде предмет на размислување со колку км на саат возел комшијата. Коси си ја тревата таму и бркај си работа!

5. Немаат бело сирење

Може да најдете од пиле млеко во супермаркетите, ама бело сирење не. Не знам зошто, може им е некоја државна стратегија. Или Заговор!

6. Весниците им се досадни

Ќе ви издвојам два ударни наслови за да сфатите колку им се досадни весниците.
- Од 15 Март во бирото за туризам може да купите Фулда ранец за само 14.99 ЕУР (на насловна страна)
- Од 2012 распоредот на автобуси во Фулда ќе биде почест (на насловна страна)

Хех, каква информација. За 3 години автобусите ќе доаѓаат почесто. Е фала ви што ми кажавте, сега спијам помирно.

7. Го немаат Амди Бајрам

Господ здравје да му даде! Го нема го нема, ама кога ќе се појави и кога ќе тресне нешто смеата ме држи многу долго. Тука политичарите знаат како да кажат 00.20h, знаат да сметаат проценти, не прават цигански работи и не ги обвинуваат новинарите дека се агенти на ЦИА. Од една страна признавам, понижувачки е да имаме неписмен пратеник во парламентот. Но од друга страна, ако тој пратеник е причина за насмевки на лицата на 2.000.000 Македонци нека седи таму! Нека зема плата. Во овие времиња не е баш лесно од срце да се изнасмееш.
Од друга страна, најинтересниот политички момент што го доживеав овде е дека еден германски кандидат за во Европскиот парламент се вика Томас Ман(!!!), а паролата му беше екстремно инвентивна:"... и Европа е така близу!" Работава од дрвата не ја гледам шумата. Колку близу бе бате? Ако вие не сте близу, не знам кој е....

8. Нашите штрајкови имаат смисла

Кај нас се протестира дека се затворила фабрика, дека нема место за 5000 студенти туку само за 500, дека плата од 13000 денари за лекар е понижувачки ниска, дека на децата преку глава им е од експериментирање во школскиот систем додека сфатат во Министерство кој е најдобриот. Ќе ги изоставам штрајковите за ослободување на Љубе или Агим Красниќи, бидејќи политиката е друга категорија и не ми е многу омилена.
Овде протестираат неонацисти! Две светски војни започнаа и двете ги изгубија. И се уште имаат структури кои што веруваат во таа идеологија.
Протестираат хомосексуалци! Сакаат повеќе права. Само не знам какви.
Протесираат студенти со професорите заедно. Не сакале факултет што трае 3 години да бидат обврзани да го завршат за 6. Сакале сами да можат да одлучат колку време ќе студираат. A тоа што факултетот им нуди услови за рекордно завршување на студиите тоа нема врска. Универзитет од 7000 студенти има над 30 лаборатории со компјутери, некои од нив со два монитори. Сите од нив ЛЦД нели. Пола од времето тие лаборатории се празни. Неискористени! На ЕТФ и ПМФ вкупно има 5 лаборатории, па ние пак станавме компјутерски и софтверски инженери. Некои со време, некои со година до две задоцнување. Има лаборатории за експериментирање со глувци, за готвење ананаси и за што уште не. Има безжична мрежа со бесплатен интернет на целиот кампус. Прожектор и видеобим во секоја училница. Принтери во секоја втора училна каде што може да се принта за без пари. Онлајн систем каде што можат да се најдат материјали за секој предмет. Не ги копираат белешките од Боби во копирница (фала Боби, да ти се позлати раката!). Онлајн пријавување семестри и онлине пријавување испити. Тетките на студентски ги посетуваш само ако те снајде некоја беља. Имаат менза со среден квалитет на храната и супер цени. И пак се бунат дека немале нормални услови, дека им било тешко, дека не може нив државата да ги принудува колку ќе студираат. А се им е на тацна сервирано. Треба само да го изџвакаат. Им се нуди перфектна можност уште на 22 години да се осамосталат, да завршат факултет и да се вработат. Ама не! Сакаат да бидат студенти.
Тоа е принцип што не ми е јасен. Намерно студираат 9 наместо 5 години. Одвај крпат месец со месец, имаат 26-27 години, живеат во изнајмени соби и абер немаат да завршат. И супер им е. Да, стварно им се нуди супер прилика на факултет, ама кога тогаш веќе прекинува да ти биде забавно да одиш на лабораториски вежби и да правиш презентации.

9. Немаат смисол за естетика

Опседнати се со тоа што го носат да им биде удобно. Тоа резултира со екстремно грди и за модата понижувачки комбинации и испади.
* Сандали и чорапи - удобно и практично, ем си си ги луфтирал нозете ем не ти било ладно.
* Шушкавци - Ги носат зиме, лете, дење, ноќе само зошто им се практични. Дека во секој момент може да заврне. Ако имаат чадор во ранецот, шушкавецот и ги штити од ветар.
* Ранци - Ги обожаваат, повторно зошто се практични. Ние ранци носиме на школо и на излет. Геманциве ранци носат кога одат на шопинг, кога одат на кафе, кога одат на работа и секогаш носат литарска флаша вода пикната од страна на ранецот, да не им се припие вода ме разбираш... И заради тоа постојано изгледаат како туристи. Во споствениот град.
* Crocks - no comment
* Карирани кошули пикнати во фармерки. Филувано со брк и зулуф. Фриц од Источен Берлин. Ги има многу, верувале или не, и горди се на тој стајлинг.

10. Седат сами во кафич

Тука ќе се референцирам на татко и на Ирина: "Немој сине! Јас маж толкав со толку години, сам во кафана никогаш не сум седел. Немој сине, шта че жена сама у кафани?"

Ин д некст поуст: Germany vs. Macedonia. До тогаш бидете поздравени и ценете го она што го имате. Колку и да ви се чини мизерно, глупаво или бесмислено се си има своја убавина. Некогаш само тешко се согледува.

CONVERSATION

3 comments:

Unknown said...

Алал ти вера за постов! Супер кажано, а верувај се согласувам со се'. :)))

Поздрав од ДОМА :D

Georg said...

vo najgolem del ne se soglasuvam so tvoeto mislenje vo vrska so 10-te tocki no sepak sakam da ti pisam vo vrska so
5. kvazi belo sirenje feta mozes da najdes vo sekoj supermarket, a ako sakas bas kako naseto belo sirence onda probaj vo turska ili grcka prodavnica.. gi ima najcesto vo okolinata na hbf. oni imaat skoro se sto ima kaj nas vo makedonija. vo vrska so
6. bi ti preporacal da gi batalis tie lokalni fulda vesnici kako fulda anzeiger i sl. zemi der spiegel, focus, WAZ, süddeutsche itn. 100% sum siguren deka ke najdes pointeresni natpisi i statii od tie so ranecot za 15 eur i za fuldashkite avtobusi.

pozdrav
bojan, DUS

Ѕуница said...

е не им е јасно како може да ти дојдат дома и ти со насмевка да им кажеш: Влези внатре.
Ќе пиеме кафе.
А добиваш одговор: не сакам да ти трошам од времето.
не знаат што е лезет.
Кога доаѓаа странци кај нас, ме нервираа кога се трудеа да ја запазат агенсата и цело врме гледаа на саатот, па им викав: Рилекс. Дис ис маседониа анд д тајм дазнт игзист.

точка 2. колку пари-толку музика. точка.

во австрија не налетав на супермаркет во кој немаат ситно. и слободно купуваш чоколадо од евро и 20 и плаќаш со 100 евра сабајле у 9. и ти враќаат кусур.
ама у Македонија, особено у маалско дуќанче, може и д ане платиш, па после да донесеш.
Нема проблем.

во мојот роден град има една Геманка и бутикџиките ги фаќа језа кога ќе ја видат со зелени чорапи и САНДАЛИ, беж пантолони, розева маица и плав шешир, сето купено од секнд хенд., како се осмелува да се појави на чаршијата.

јас брзо сфатив зошто без да проговорам дума, ме прашуваат од кај сум. Јас сум тип-трпи бабо за гиздис.
remen

Back
to top