Патувачки дневник: Осло - ноќен живот



Види претходно: Осло, дел 1

Ноќниот живот во Норвешка, онака како што ќе ти го раскажат сите норвежани и како што ќе прочиташ во сите водичи, магазини, артикли и написи за Норвешка, се сведува на следново: Собирање на друштвото по дома и пиење многу алкохол купен од продавница, и излегување во пабови-барови во подоцнежните часови. Не е тоа ни приближно слично на нашето ај да се собереме да се залиеме… Ние се подмачкуваме, они кога излегуваат од дома се веќе ќори пијани.

Немавме среќа со времето дента. Претпладнето не издува северен ветар на пристаништето, вечерта северни дождови лиеја. Баровите каде што се точи алкохол се на прв поглед малтене исти. Пред сите нив има ред луѓе што чекаат да влезат внатре. Не ред бидејќи има фејс контрол или праат сектор/станица шема па можеш да влезеш само ако си на список или со резервација, туку дека во локалот собира да речеме 200 луѓе, и они повеќе од 200 луѓе не пуштаат внатре. И треба да почекаш некој да излезе, за ти да влезеш. И пред сите нив има обезбедување кое што на сите без исклучок им ги проверува личните карти. Нема вчера напунив 18 жими шишкиве….

Застанавме на едно ќоше под стреа за да не киснеме како глувци. Барови насекаде околу нас. Секаде се чека ред за влез, и сите барови некако фенси изгледаат. Спротивно од она како се осеќавме и изгледавме. Океј, сега на каде? Видовме еден паб карши нас за кој што не се чекаше ред. Некој Хрват што живеел во Осло и го имаше препорачано тој паб на Ивана. Ем препорачан, ем не се чека ред за влез. Одиме.

Влеговме. Средно жалосно. Масите сите зафатени. Никој не стои. Океј, пиеме една пијачка, таман да се осушиме, па ќе идеме на друго место. Шо ќе пиеме? Не знам, мене ми се пие нешто шарено, нешто за девојчиња, не знам… Океј, ја ќе одам по пиво, вие кога ќе се одлучите идете купете си.
Здраво, едно пиво точено ве молам.
Какво?
Било какво, норвешко да е.
Мало или големо?
Ја на мал човек ли ти личам?
9 евра ве молам.

Вадиш картицата, плаќаш, плачеш. Таа е процедурата. Се враќам назад кај двеве што уште се мислат што да пијат. Ме гледаат со солзи во очите, маскарата разлеана. Кога разбраа дека пиво е 9 евра, се откажаа од куба либрето, и ко попчиња си викнаа и они по едно пиво.

Пиеме ние така и плачеме, ги осеќаме еврата во грло при секоја голтка, кога во локалот почна да станува интересно. На сцена стапи норвешкиот драган б со точка костиќ и почна да врти фанкови на плочи. Mестото се поднаполни со средно пијани норвежани, редиците пред другите локали стануваа се подолги а дождот не прекинуваше да врне. Бевме во норвешката Менада и мене ми беше убаво и некако не ми се мрдаше. Башка таа ефтиноќа кузнае во друг паб дали ќе ја начекавме.

Знаете она кога инстантно приметувате странци во Македонија? Поинаку изгледаат, поинаку се облекуваат, поинаку одат, едноставно на челото им пишува дека се странци. Епа и ние бевме такви. Рандом луѓе ти приоѓаат:
You’re from out of town.
Yes I am. How do you know?
You can tell…

Почнаа пијаните норвежани да стануваат се попријателски настроени. Од рандом ликови, до супер гикови, дури и правев муабет со една жена што тврдеше дека одела на турнеја далечната 70 и некоја со Iron Maiden. И кај сите истата реакција, сите фрапирани: Од Македонија? Па како? Па не ви е на вас овде скапо? Зошто ја избравте најскапата земја за шетање? Па објаснувај на сите дека летот беше 20 евра и дека бевме сместени кај пријатели.

Кога локалот затвораше, ние се најдовме сред муабет со две различни друштва кои што не канеа на афтерпарти. Пабовите им затвораат во 3, а они и онака излегуваат прилично доцна, и малку им е. Афтерпарти се случува:
на улиците – седат, дремат, пијат, јадат, се трезнат – она што кај нас се случува спонтано, кај нив има име и таму одиш со покана (so norwegian)
Кај некого дома

Нас не канеа и на двата типови на афтерпартис, кои што културно ги одбивме дека ни беше ладно и сакавме и утредента да видиме нешто од Осло, да не се разбудиме мамурни во 4 попладне. Следи трета покана за афтер, од тотално рандом лик што прв пат го среќаваме:
Вие не сте од тука. Ајде да одиме кај мене дома, јас ќе го платам таксито, немам никакви намери, сакам само да пиеме вино и да си збориме за животот
Супер си, фала, не.
Ама зошто…. јас многу патувам, и мене луѓе секогаш ми помагаат кога патувам, и сакам и јас да се дружам и да им помагам на луѓе што патуваат во мојата земја.
Чим си толку фин, ајде да ни помогнеш и да не испратиш до автобуската да си фатиме автобус до дома, бидејќи појма немаме кај се наоѓа.
Океј.

Се испостави дека типот на пролет ќе патува во Македонија. Па ако навистина дојде, ќе морам изгледа и јас да го испраќам до автобуски… Не испрати до автобуската каде што поминуваа ноќните автобуси, кои што доаѓаа на пола саат. Ние оддремавме саат време на автобуската, и откако видовме дека околу нас има многу нервозни луѓе кои што го чекаат истиот автобус што не доаѓа, ни текна што е работата: Ноќеска се менува времето. Проклетите автобуси возат по старо време, а информативните дигитални табли што кажуваат за колку време ќе дојде следниот автобус работат по ново. Минус за Норвешка. Што ќе правиме? Опциите ни беа или да одиме кај норвежанецов дома и да му спиеме на под или да фатиме такси до дома. Се плаќа такси со картица? Се плаќа. (Патувачки совет за во Норвешка: Не носете кеш. Не се менува кеш на многу места и земаат многу голема маржа. Ние не сменивме ниту едно евро. Буквално се се плаќа со картица) Ооооооокеј, такси ит из. Не пикна норвежанецот во такси и се разделивме. Кутриот дремеше со нас саат и кусур во едно јакнуле никакво тенко. Ама па тие сите одат такви облечени прољече је тринаестог децембра. Don’t get me started on голите глуждови. Сите со кратки чорапи, сите со тоа фармерките подвиткани до над глужд, хипстераана по книга прописно. Мислам да е мај, океј, ама надвор 3 степени. Со тоа голите глуждови, гарант и на цементо седат. Ќе отидам во Осло со полн куфер чорапи од пазар 5 за 100, ќе застанам негде сред центарот, и вака ќе им ги раздавам:

https://www.youtube.com/watch?v=j_bDlJ2L8NA

Ни се наклонија семафорите бар таа вечер, беа на наша страна. Ниеден на црвено не го фативме. Колку треба бате? 30 Евра. Плаќаш-плачеш. Стандард процедура.

Влеговме дома ко измрзнати глувци и се трупосавме да спиеме бидејќи утредента не чекаше повторно набиена агенда.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top