Велигденска тура #НаТочак

Традиционално веќе трета година по ред, велигденските празници наместо со прејадување и дремење дома ги користиме за да киднеме од градов и да си ја истражиме милата ни земјичка наша со точак. Останати ни се уште многу малку градови каде што немаме ставено знаменце дека сме ги прошле со точак, па решивме овој пат таа бројка уште повеќе да ја намалиме.


Екипата: Дарко, Сандра, Боби, Искра, Sуљо, Томи и јас
Времето: феноменално


Ден 1: Прилепско


Тој ден беше еден од најдобрите родендени кои што сум ги имала до сега. Стигнавме сабајлето во Прилеп, не пречекаа Прилепчани домаќини, и откако го испивме првото шошемана кафе, се упативме накај манастирот Св. Ѓорѓија, што се наоѓа после езерото, на стариот пат од Прилеп до Велес. Нити сум знаела дека кај Прилеп има вештачко езеро, нити дека има стар пат од Велес накај Прилеп. Во тоа е убавината на овие наши истражувачки тури.


Манастирот не беше толку блиску колку што мислевме, и беше прилично угоре. Откако се стациониравме кај Мајка Васе, тргнавме во офроуд авантура. Нашите планови за круг околу езерото не се исполнија. Снеговите се топеа наголемо, никнуваа реки на сите страни





Решивме да скршнеме по друга рута, бидејќи не можевме да ја преминеме реката до колена со точаците. Тргнавме по непозната офроуд мини патека. Налетавме на некоја куќа, кои што ни кажаа да одиме надолу, имало мост. Доброоо, мост звучи ветувачки… Кхм…





Ниту еден кукавица, ниту еден антиавантуристички расположен, еден по еден сите го поминавме мовчето со точаците и продолживме да го истражуваме крајот околу Прилепското езеро. Вечерта, роденденски, замезивме по некој спанаќ со печурки, дрмнавме по некое винце, и се напикавме 7 души во 5 кревети ко сардини, бидејќи имаше само една соба со ќумбе.


Видео репортажа од ден 1:





Ден 2.


Станавме на прекрасен сончев ден и се упативме кон Прилеп. Ни се приклучија еден куп прилепчани, сите ентузијасти и среќни што возиме заедно. Ние уште посреќни. Локална поддршка. Целта: Зрзе.



До Зрзе бев еднаш со точак лани есента. До горе немаше асфалтиран пат, и беше невозможно да се вози заради тоа што тркалата ми шлајфуваа во место од што беше стрмно, а мушичките беа толку многу на број, што гладен да тргнеш, горе најаден ќе стигнеш. Си реков овој пат ќе го извозам, има асфалт до горе, колку сака нека е стрмно, 3 километри се, ќе ги извозам. Аха важи. Си го избуткав точакот поштено, од доле до горе, и после 18 паузи, стигнав. Погледот од милион долари беше се уште тој, чајот берен во рајот што го служат монасите беше истиот од лани. Какво место е тоа….





Спиевме во село Слепче, во манастирот свети никола, каде што се здруживме со овчарите, бивши затвореници и со стопанката која што ни продаде домашно овчо сирење за 200 денари кило. Не ни стигнав да го дочекам Велигден. Заспав ко заклана во 11.


Видео репортажа од ден 2:





Ден 3.


Најсериозниот ден од турата. Целта: Крушево. Еден од ретките градови каде што немаме ставено знаменце дека сме прошле со точак. Радоста беше голема. Ама и предизвикот. После поминати неколку села, неколку коперации со пиво пауза на гајба и неколку свадби, стигнавме до Кривогаштани, каде што направивме посериозна пауза бидејќи не чекаше убав предизвик.


Sуљо беше многу гладен и си купи печена кокошка. Ама толку беше гладен што не можеше да издржи, па почна да ги јаде копаните дур ја плаќаше кокошката на каса.





Не знам дали мене формата ми бешее полоша од лани, или сонцето печеше многу јако, или успонот е екшуали сериозен потфат, но мене качувањето до Крушево ми се виде тешкичко, за разлика од лани на пример качувањето на Галичица. Со поприличен број на паузи, за кои што не жалев бидејќи природада е ФЕНОМЕНАЛНА стигнавме попладнето во Крушево.


ЈЕАААААА. Крушево на точак - чек!


После скоро цели три дена, имавме туш, топла вода и пристојно веце. Повторно цивилизација. Мирисот на шампон никогаш не бил поубав.  


Видео репортажа од ден 3:



Ден 4.


Доручек со поглед, повторно од милион долари. Монтана, мој добар друг. Не ни се тргаше од убавини. Сунце пичи ми роштиљамо.


Откако се наканивме некако, искачивме уште малку што има за искачување и го почнав еден од најдолгите спустови во мојот живот. Патот Крушево - Демир Хисар. Почна да дува, надојдоа облаци, почна и да роси па едно време се тркавме со дождот, и сето тоа допринесе да јас во еден момент изгледам ко авиомува:





Во Демир Хисар веќе беше друго, сонцето повторно грееше, па повторно се опашавме по кратки ракави, да фатиме подлога за тен уште во Април.


Крајната дестинација дента беше Дихово. Некоја си мини домашна пивара. Кога стигнавме во Битола и кога сконтав дека Дихово е всушност по патот за накај Пелистер, ќе умрев. Не ми се возеше веќе нагоре. Сакав само да пијам пиво.


Меѓутоа се исплатеше. Пивото е феноменално, амбиентот е лудница, а и се заљубив дур кажеш точак, Леон ме ќари на ендватри:



Во еден момент се мислевме дури и да преспиеме во Дихово, и утредента рано сабајле да фатиме воз за Скопје, меѓутоа надвладеа разумот кај повеќемината. Двајца останаа. И супер си поминаа. Се накрцавме на воз веќе со планови за следната тура: Првомајска.

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top