Урбани сељаци


Се е урбано во државава. Урбани телевизии, урбани радија, урбани локали, урбани дискотеки, урбани кафани, урбани списанија и секако нели урбани луѓе. И што сега, јас ако сум сељак од Малешевијата не треба да го слушам вашето урбано радио на мојот ганц нов ајфон (стриминг секако преку 3Г) додека си ги пасам овците, зошто живеам на село? Не треба на мојот 72 инчен флетскрин телевизор да ја гледам вашата урбана емисија за најновата колекција на младиот македонски дизајнер Ојле Дојле само затоа што преку ден носам гунче? Кога ќе дојдам во Скопје, не треба да ги посетам урбаните локали туку правац Вивенди (или како и да се викаше тоа курварникот под Нова Железничка) само затоа што потекнувам од село? Не треба да го читам вашето урбано списание на мојот ајпад бидејќи не сум урбан?


Ај приберете се малку. Таа вообразеност на градските фаци и желбата на луѓето од село да бидат како нив само го зголемува јазот. Урбаните фаци уште повеќе ги презираат провинцијалците и им се смеат бидејќи не виделе семафор во животот (па не виделе! И што? Што се тие криви што во нивното село нема семафор? Впрочем не му ни треба.) а провинцијалците се повеќе ги презираат урбаните фаци заради нивната вообразеност, и си држат до слушањето турбофолк, облекувањето како за пасење овци и строга употреба на нивниот дијалект, дури и за време на сериозни службени состаноци. Јас сум огромен фан на македонските дијалекти, посебно на кумановскиот, ама “Ти мислиш ли да га завршујеш работу на време или да покрену постапку за отпуштање?” не е муабет на место. Колку и да си манга, специјалист, стручен и одговорен, ако ми го направиш овој муабет, јас ќе ти кажам: “Ќе гa завршују од сг па на даље шефе, жими све!” и ќе те оговарам и исмејувам каде стигнам. И работа пак на време нема да га завршују.


Не е битно човек од каде потекнува и каде живее. Битно е како се прилагодува кон околината во која што е моментално.


Ако си Конопиште и во град фрлаш остатоци од ручекот од тераса зошто сето тоа е органски распадлив материјал, заслужуваш да бидеш наречен сељак. Не заради местото од кое потекнуваш, туку заради навиките кои ги практицираш. Во село можеби е сосема нормално од прозор да ја истуриш манџата од вчера, бидејќи ќе помине некое од прасињата што ги чувате, и ќе го мафне тоа додека да кажеш субпериостален абсцес, но во град не шетаат наоколу домашни животни. Па така таа храна се расипува, почнува да смрди, ја валка околината и шири зараза.


Ако си од Долно Дупени, и насабајле пред да излезеш џапнуваш по една домашна, а работиш во банка, заслужуваш да бидеш наречен сељак. На село, на свеж воздух со работа во садници е супер здраво за циркулација да џапнеш една домашна жолта насабајле. На работа во банка да дојдеш како да те извадиле од казан ракија од друга страна не е баш културно.


Ако си домаќинка од Чешиново Облешево, и заедно со домаќинките по потекло од овчеполијата секој ден седите пред зграда и коментирате кој во колку саат се прибрал дома, заслужуваш да бидеш наречена сељанка. Во град луѓето помалку се замараат со туѓите животи. Не е дека не се замараат, и во град се оговара кој на кого му должи пари, кој кого прељубил, кој на кого му е лут и слично. Но не е тоа целодневна преокупација.


Ако си од Скопје и во село по цел ден се жалиш дека смрди и кукаш дека ти се извалкале новите кондури од 100 Евра исто така заслужуваш да бидеш наречен сељак. Во село има свињи, кокошки, овци, кози, коњи и уште многу други различни домашни животни. Насекаде има лепешки кои што намерно не се отстрануваат бидејќи служат како природно ѓубриво. Во село нормално е да смрди. Ако си уцапал во лепешка со новите кондури, кој ти е крив што за на село си се облекол како за на корзо.


Ако си од Скопје, и не не му посакаш добар ден на човекот со кој што тукушто си се разминал, само бидејќи за тебе не е нормално на непознати лица да им посакуваш добар ден, заслужуваш да бидеш наречен сељак. На село секој на секого му посакува добар ден, без разлика дали се знаат или не. Не се чуди што стариот чичко ти рекол добро утро млади, господ здравје да ви даде. Покажи му почит и посакај му и ти на него убав ден.


Ако си од Скопје, а во село пиеш тетрапак млеко а не домашно, тогаш немам зборови… сељак е преблаго за тебе.


А урбан си кога овие горенаведени сељаци заради твоето прогресивно влијание ќе сменат барем една од своите сељачки навики и кога ТИЕ на себе си ќе си признаат дека се сељаци, а ти урбана градска фаца. А НЕ обратно.


Ко за крај, еден урбан македонски видеозапис од еден од најурбаните Македонци воопшто 



CONVERSATION

10 comments:

Внукот said...

Го заборави најважниот медиумски изум во историјата на човештвото - урбана мафија.

(Не кажувај, ама јас се плашам од руралната мафија!)

Јована Тозија said...

Лиј батооо, како можев да ја заборавам!

Anonymous said...

што е тоа гунче?

Anonymous said...

Мислам дека си грешка и не се согласувам со твојов текст. Не, не мислам дека луѓето треба да се прилагодуваат и притопуваат во толпата во зависност од местото во кое се наоѓаат.
Свеста на човекот (македонски) треба да дојде до тоа ниво да без разлика дали живее во град, село, приградска населба или во шупа тој треба да се однесува културно и морално.
Без разлика од каде си и каков си има работи кои се прават и работи кои не треба да се прават. Simple as that.
Не санува збор за урбано или сењачко, станува збор за култура во секој смисол и значење на истиот (збор)
Земи ја за приер една Словенија и какви се луѓето кои живеат тамо по села. Се ќе ти биде јасно.
Не е до местото до главата е.

Јована Тозија said...

oiderne@Anonymous1 гунче е волнена наметка во (мислам) форма на елек што на носат овчарите

@Anonymous2 Ок. Твое право. Јас сметам дека луѓето треба да се прилагодат на средината во која што живеат/која што ја посетуваат и дека немаат ексклузивно право луѓе што ете, по некоја случајност се родиле во Скопје, да се нарекуваат САМИТЕ СЕБЕСИ урбани господа плукајќи по се она што не ги дели истите вредности и ставови како нив. Како што веќе напишав, урбана и авангардна фаца ја сметам онаа која што ќе биде оквалификувана како таква од сељаците, а не од останатите самопрогласени урбани фраери.

Anonymous said...

ОК, тоа е на ниво на култура а до колку треба да се интегрираат луѓето во општеството во кое доаѓаат поради Х причини? Што е со религијата, што е со ритуалите, што е со традициите што ги практикувал цел живот? Треба да ги промени и да се откаже од нив само затоа што се преселил?
Не е прашањето кој е сељак а кој фраер. Прашањето е дали сме со доволно отворени очи и умови да препознаеме и прифатиме дека има различни луѓе, табиети, навики и сл. и тоа да го прифатиме без драми.
Тргајќи по твоето, јас ќе мора сега да се променам и да ги прифатам сељачките наезди на барокната урбана мафија само затоа што сум одлучила да живеам тука. Yeah right!

vldmrk said...

Ја сеуште не можам да го кажам „субпериостален абсцес“ :)

Јована Тозија said...

Нели! Оторинголарингологија е гола вода во споредба со субпериостален абсцес. И помагав еднаш со една презентација на мајка ми, 2 саати изгубив на дотичниот слајд обидувајќи се да го ПРОЧИТАМ.

Goran Penov said...

Не им чувецте спуред потеклото...Не са сите од Струмица.

Anonymous said...

Хахаха На село секој се поздравува со секого иако не се знаат и свињите шетале покрај куќа како да се кучиња.
Мислам дека никогаш не си била на село.
Текстот ти е преполн стереотипи и појма немаш што збориш.

Back
to top