Збор два за #тераса

Тераса или бакон претставува архитектонски елемент во форма на испакнат, непокриен и заграден простор на катовите од згради. Таа може да биде квадратна, правоаголна а може да има и заоблена форма. Често е украсена со разноразни цвеќиња, растенија, а не ретко македонецот знае да одгледа кромид на истата.
Една од основните цели на терасата е овозможување на активноста излегување на истата. Имено излегувањето на момите на чардак е стара македонска традиција, опеана дури и во старите народни македонски песни.


Втора најбитна активност што терасата ја овозможува е пиење кафе на истата. Имено пиењето кафе на тераса (по можност во сенка) е исто така стара македонска традиција. Се одликува со споро шмркање на кајмакот од турското кафе и коментирање на тазе фарбаната коса на комшиката, незавршениот факултет на синот од вториот братучед на јатрвата, поскапувањето на маслото и целосен критички осврт на последната епизода од  ________ (вметни сапуница по избор) како и прогнози за тоа дали конечно ќе се замат децата во утрешната епизода.
Терасата исто така служи за за пружање алишта. Секој македонец има комшија чии што бели чаршафи му ја имаат попречувано глетката кон локалното гранапче.

Омилена активност на тераса за македонецот претставува секако играње табла на истата. Звукот на фрлање на зар во жешките скопски лета деноноќно се слуша. Ова традиција е опеана и во песната Скопје Сарај Матка на Игор Џамбазов. Лош момент е тука ако терасата е со решетки. Веројатноста зарот да падне од тераса е многу голем, и после тоа настанува општа потрага по истиот, при што во 80 % од случаите истиот не бива најден и активноста мора да биде прекината на лице место. Ова предизвикува лавина од препукувања меѓу лутите таблаџиски ривали (кој кого ќе скинел) и барање на резервни зарови од комшиите со ветување дека истите нема исто така да бидат загубени.

Омилена активност на тераса за некои Скопјани претставува фрлање на ѓубре од тераса. Активноста се изведува на тој начин што обично се зема тенџерето со остатоците од завчерашната манџа и се доаѓа до работ на терасата. Откако убаво ќе погледне лево и десно дали има раздвижена активност на пешаци околу неговата зграда, во моментите кога Скопјанецот ќе осети дека раздвиженоста е најмала, се пристапува кон превртување на тенџерето надвор од терасата и овозможување на остатоците (препорачливо сарма, како би имало можност за одмотување на истата) преку слободен пад да се плуснат на пешачката патека до зградата. Доколку сепак Скопјанецот биде виден како ја извршува оваа активност, тој најчесто со џиуџитсу потег пристапува кон клекнување и одење на сите 4 назад во дневната соба.

Македонската младина има една карактеристична активност што ја обавува на тераса, а тоа е полевање на случајни поминувачи со вода од истата. Чинот се остварува на тој начин што леген или кофа од произволна големина се полни со (обично) ладна вода и по полуклекната “ме боли кичмата” положба се чека првиот поминувач кој што ќе помине под нивната тераса. Важниот фактор за успешна реализација на оваа активност е познавањето на брзината со која што водата стигнува до земја. Имено многу деца прават почетнички грешки и ја истуваат водата кога поминувачите се точно под терасата, па додека да стигне водата до земја тие се веќе поминати.

Терасата во жешките скопски лета знае и да послужи како замена за спалната соба. Неретко скопјани своите слатки соништа ги сонуваат токму таму поради неможност да заспијат во затворен простор на +40 степени.

Во времето на немање мобилни телефони, времето за ручек беше означувано со асинхроно излегување на мајките на тераса и повикување на нивните деца кон пристапување на чинот ручање со семејството. Ова предизвикуваше на лавина од синхрони негодувачки реакции кај децата при што се пристапуваше кон приговори на релација земја – тераса во кои што прецизно беа договарани дополнителните минути во кои што децата мора да ја завршат партијата џамија. Откако (во најголем дел од случаите) децата не се придржуваа кон претходно договорените услови, мајките пристапуваа кон (повторно) асинхроно симнување од тераса и мануелно прибирање, нечесто пропратено со влечење за уши,  на нивните деца.

Некои Македонци пристапуваат кон рушење на ѕидовите од терасата и преградување на надворешните ѕидови на истата заради добивање поголема површина во стамбениот простор. Тие од многу македонци не се сфатени, бидејќи со самиот чин на уништување на терасата свесно си ги оневозможуваат сите претходно опишани привилегии.

Има и онакви што немаат тераса. Не би можела да кажам како се чувствуваат и не би сакала да сум им во кожа. Неможноста да излезеш на тераса како македонец треба да се истреби од оваа држава и еднаш засекогаш да замине во историјата. Тераса за секое дете!!!

CONVERSATION

2 comments:

Unknown said...

Морам да те дополнам дека „тераса“ има далеку повеќе и поразлични значење од оние што ти ги наведе http://at.azder.mk/p408yA

Anonymous said...

не македонец,скопјанец ,ние провинцијалците дворот го користиме

Back
to top