Оригинално планот беше друг, но времето ни ги помати плановите, па наместо 4 дневна тура во природа, овој продолжен велигденски викенд изгледаше вака - 2 дена седење по дома и упатување на молитви на секој пола саат дождот да прекине, и 2 прекрасни дена поминати на точак. Минатите два пати бевме низ северо-источна и југоисточна Македонија, овој пат фативме Повардарие.
Недела рано сабајле, митинг поинт - под на Букефал мадињата. 8 јавачи на апокалипсата - 6 антички воини и две партизанки. Петар ДајМалкуОдСникерсот, Дарко НеМеУмарај, Ваљон Каурот, Игор Зборлестиот, Медо ЕснафСумЧоколадотоСиГоЧувамВоПатика, Ѕуљо СоОперираноКоленоВозамМоноцикл, Сандра АјронЛејди и јас.
Уште од старт глупости, уште нетргнати - дупната гума. Таман. Да дрмнеме кафе да се освестиме дур расклапаат точакот. Тргнавме, кога ете ти на 20 километри од Скопје на истиот тој точак и втората гума ојде јабана. Не фати малерот си реков. За среќа ова беше последната дупната гума на ова патешествие.
Се отвори небото, запече сонцето, таман пред угорниците накај Велес. Кој возел точак по стариот пат натаму знае какво искуство е тоа. Прекрасни пејзажи со ич непрекрасен пат.
Истресовме целулити, камења во бубрези и слични естаблишменти и стигнавме на велешко езеро. И решивме: не правиме кафана во Велес, на плажа на езеро ќе ги дрмнеме сендвичите што ги носиме, вечерта во Неготино ќе го правиме еснафот. Во Велес застанавме на кратко на бензинска да си ги замиеме точаците и патиките.
Патот од Велес накај Градско е перверзија во боја. Неописливи пејзажи. Времето повторно почна да ни се мурти и ние немавме друг избор освен да застанеме во Градско и да испиеме по едно ѕидарско пред коперација. When in Rome, do as the Romans do.
Од Градско накај Велес, оп изненадување, никој од нас не знаеше дека поминуваме точно покрај археолошкиот локалитет Стоби. Задолжително застанување, бесплатна тура од страна на водичот на стража и фоткање на уметнички фотки - омот за идниот мој рокенрол албум. (fun fact - 3 век од наша ера, во стоби имале јавни вециња со ПИСОАРИ)
Во Неготино стигнавме околу 19.30. Како и секоја тура до сега, и во оваа имаше спиење по конаци. Манастир Св. Ѓорѓија. И манастирот немаше да биде манастир ако не е на врв на брдо, па после 100 и кусур извозени километри, уште 2 километри убава угорничка. Цел ден на две мини сендвичиња, кога стигнав во дворот на манастирот сакав да влезам внатре во црквата и да ги изедам свеќите. Е толку бев гладна.
А во манастирот фешта. Некој од гостите што спиеја исто по конаците ја запросил девојка му дента. 20 души седнати на свадбарска маса, ракии и салати што не се бројат на две раце и музиканти со неизбежниот 'Моји су другови' репертоар.
Поради недостаток на топла вода, туш кабини и пред се време, пристапивме кон старото добро замивање и за пола саат се нацртавме во Неготино каде што не пречека Иџи. Се најадовме, се напивме, и после отидовме на една туристичка прошетка каде што неминовно се сликавме со најголемата туристичка атракција во Неготино - СЕМАФОРОТ.
Утредента сите до еден станавме пред алармот. Утепани после 100 километри на точак, сите до еден станавме пред алармот. Дали дека манастир, дали дека планина и чист воздух, сите будни уште во 7 сабајле. Прекрасноќа.
Доручкувавме како прави господа, на скали пред супермаркет. Некој јадеше лиснАто со пица, некој упражњаваше багет, кашкавал, салама и мајонез. Господа човеци, бечка школа.
Патот Неготино - Демир Капија се одликуваше со еден ветар на кој што би му дала само еден епитет - мамата. Во животов не сум возела по удолница и да мора да педлам за да не успорувам. Стигнавме во Демир Капија и после 18 километри и борбата со ветрот веќе бевме мртви уморни. А не чекаа уште 50 и кусур километри.
Џандари на патот.
- Добар ден, стариот пат за Гевгелија?
- Низ Демир Капија ќе помините, низ клисуурта, и само право ве воде пато.
- Асфалт?
- А не, тампон. До Миравци, тоа ви се едно 25 километри, се е тампон.
Ајдееее, ватрено крштевање, прва подолга офроуд тура за мене и мојот нов точак. Тој 'офроуд' е уствари пат кој што Германскиот крал Вилхелм Втори го изградил во 1916-та. Дошле германски војници овде за време на Прва Светска Војна, и откако не поробиле, кралот им рекол на своите војници: Ајде сега на луѓево да им изградите пат. И од тогаш нели, апарентли, тој пат не е пипнат. (Ова е изгравирано во карпите над тунелот, каде што почнува патот)
И за разлика од офроудот накај Велес, ова беше прилично цивилизиран пат, без многу дупки без многу камења, и со многу живописна природа - возење низ клисура директ покрај пруга. Па налетавме на некој каменолом (или што и да е), па се пентаревме и буткавме и фрлавме и рипавме од едно на друго песочни брда. Детска радост.
И кога продолживме да возиме и во себе си рековме ејјјј патов е топ до сега, почна да ни врне, а на патот почнаа да се појавуваат езера, некои поголеми од Дојранско.
Откако ги поминавме овие 25 километри со вака врзани патики
и вака врзани шушкавци
по автопат (факдаполис) стигнавме во Гевгелија. Саат време пред да ни тргне возот. ти натоваривме точаците во воз ЕОВАКА
отворивме пивата и направивме ЖИВЕЛИ.
БОНУС 1: Видео репортажа Велес - Стоби
БОНУС 2: Видео репортажа Стоби - Неготино
1 comments:
Ќе настојувам од есен да ви се придружам :))
Post a Comment