Вевчански карневал 2014 - лудо племе

Лани бев прв пат, и кога се вратив малку бев како шлакната, ми требаа неколку дена да се стабилизирам. Годинава знаев веќе што ме очекува. 

Секогаш смешни, секогаш сатирични, секогаш без пардон. Но карневалот не е само маските. Низ нетов искружија одлични галерии, многу добри кадри. Но за разлика од другите карневали, овие не само што се маскираат, туку и ги живеат маските. 

Хит годинава ми беа пензионерите скијачи. На пример батево не само што беше пензионер отиден на скијање туку ладно си се качи на скиите и си скијаше на сув асфалт надоле по улицата. Мртов ладен си скијаше надоле. (запази детаљ штеки и маска за скијање)

Фото: Томислав Георгиев (линк)
Ова батево, дел од тајфата СКЕРШИ КИЧМА - Проект за намалување на бројот на пензионери на владата на РМ, на пример ми дојде и ми рече: Дај ми малу од пивото, пензијата не ни е стигната, сите пари на скијање ги потрошивне. (запази детаљ скршена глава и ролетна)


Ова батево, дел од истата тајва, си го скршил "алатот“ на скијање. Бабата жива нервозна, вика урла, се дере. Кај го скрши, кај го запусти, сега шо ќе прајме. (на алатот му тураа вино, за да оздрави побрзо) 

На трета баба, од истава тајфа, Тофиле и умрел горе на стаза, го остајла. До година здравје боже, ќе скијале навода, во Охрид. 

Субрата Рој ми даде паре. Да сум си купела сладолед. Обезбедувањето го чува (запази детаљ спирала од аналоген телефон околу врат), а тој со турбанот до него раздава пари и се дере: „Земајте народе, земајте дур има, оти од утре взатвор ќојт.“


И не само што делеа пари, имаа магаре (вистинско магаре) преправено во слон и деца со транспаренти: ВОЛОЈ ИМАТЕ, КРАВИТЕ ВИ СЕ ОД МЕНЕ ГРАТИС, туку царињава го имаа од претходно цело село облепено по бандерите со написи за отварање на нов ексклузивен хотелски комплекс во Љубаниште, на 14-ти Јануари.

Иван Исцелител ми рече да си стиснам желба во шољата. (запази детаљ кукла во џебот)


Убавината на карневалов, според мене е во детаљите. На пример, НА ПРИМЕР, овие ако знаат зошто им е чадорот, ја главата ќе си ја исечам. 


Овие „со фискална во рака до стап без мака“ ми ветија дека ќе ми го наместат станот, ама на крај се го наместија. Се си беше регуларно.


Ама они не ги праат партал само власта. Или опозицијата. Или другите, туѓите. Вевчани без пардон се мајтапи и со своите.


Овој доле е ФУНКЦИОНЕР. Не министер, не претседател, не директор. Функционер. И функционеров со гол мев низ село како дел од маската шеташе печено прасе наденато на кол, а горе висат печени кокошки и колбаси. Утредента на 14-ти сабајлето кога се палат маските прасето беше изедено, а колбасите место горе, му висеа околу врат, кокошките не ми текнува дали беа таму. И кој помине замине, овој од вратот скини колбас, дај му за честито за Св. Василија. (запази детаљ батево што му свири со кавал)

Фото: Томислав Георгиев (линк)
Есма, не знам зошто, не нашол материјал за фустанот. Па ги откорнал пердињата од дома. Од неговата дома си ги откорнал завесите за да направи маска!!! И голи пенџериња оставил низ куќа. А вечерта пред Василица учел како да врти со рачињата ко Есма. (овој до него е антички ѓуптин)



Еве дел од тајфата свирачи што ја придружуваа Есма. (Колата беше облепена со слики од Есма, а од звучниците цел ден ечеше Мангава Ту)

Тие глупите августи и ѓаволите, стандард шема. Ви текнува лани како бев избезумена од нив со кожите? (цело село ме памтеа, кој по лик, кој по белиот капут, кој по блог постот) Е, само што лани беа страшни, годинава беа упичкуматер страшни. Ѓаволите на вилите имаа наденато кокошки. Вистински кокошки со вистински пердуви што летаа наоколу и вистински органи кои се откинуваа дел по дел и паѓаа по улиците и си стоеа така. Еден од нив имаше наденато цела свинска глава на вилата. (кожата од главата). Со уши, со нос, со се. А глупите августи немаа кожи од свиња, туку кожа од ЦЕЛА свиња, распарана кај стомакот. Секако дека и годинава го изедов. Ме пернаа по глава со магарешки опаш, колку и да изигравав кул и мирна и дека не ми е страв, ме знаат дека не сум од таму. 

Фото: Томислав Георгиев (линк)

 Во најмила, најпозитивна и најпрекрасна смисла на зборот, вевчанци се лудо племе. Едвај чекам да дојде следната Василица.

П.С. Шлагот. ОД СЕГА НАПЛАШТАМ НЕМАТ ЗАЕБАНЦИ ПОЌЕ! По-бе-да!!! Еве веќе други дан се смеам, ишијас фатив од смеење. 


П.П.С. Разговор меѓу двајца вевчанци:
- Абе ние сме ти ендемски вид.
- Ау немој докторе со такви зборој, затвор ќе не клаат.

CONVERSATION

3 comments:

Anonymous said...

в'затвор че не клет*

Anonymous said...

pozz od bateto so "roletnata" ... tie skite mi bee hahaahhah

Јована Тозија said...

Фала за лектурата. Поздрав батиња :)))

Back
to top