Ме исполажа другарка една вечерва, ми вика сакаш ли да дојдеш во катедралата вечер, ќе има концерт на класична музика. Таа по религијата си е ептен, секој ден на миса, такви работи… И јас си викам, еј тоа интересно би било да се чуе, класична музика во црква како се свири. А и катедралата ми е на 3 минути од дома. Проверив и на веб, си пишуваше таму фино лепо, ќе се свират и пеат дела на Бах, Моцарт….
Се нацртав таму 8 саат точно, влеговме внатре, крцато, што да ви расправам. Само што седнавме (католичка црква нели, со клупи) ете ти од напред излегува хорот и се движи кон задниот дел на црквата, се поредуваат машки, женски и раз два три – почуваат да пеат. Јас си викам овде нешто не е во ред. Како прво ова не е класична музика, туку свират оргули, а како второ хорот ни е позади грб! И никој не се врти назад да го види хорот. Тие си пеат, а останатите гледаат напред во празно. Нејсе, пее хоров црковна музика, јас како Алиса во земјата на чудата се ѕверам наоколу, гледам сите мирни, си гледаат напред, тачкосани. Заврши првата песна, јас таман да почнам да плескам, гледам сите околу мене мирни, едвај да дишат. Си викам ахаааааа, таков тип на концерт е ова.
Ме фати сафра после 15 минути нормално, али за среќа тука беше еден тип кој што ја извади вечерта. Не знам дали беше издрогиран, или со блага ретардација, но додека хорот пееше Глориа, овој си ја трескаше главата во хеви метал стил од клупата пред него, а кога заврши песната се навали назад, и почна со главата да се мази од клупата позади него! И ироничното во целава ситуација, никој не го ферма 2%!!!! Да беше кај нас ова, одма ќе баталеа сите и хор и свети хор, ќе извадеа мобилните, ќе почнеа да сликаат, да снимаат, ќе го прикачеа на фејсбук, ќе го твитнеа…
И таман си помислив дека не може да биде боље, вади еден тип пред мене марамица и почнува да дува нос. Не знам дали сте имале прилика да чуете Германец како дува нос. Јас еднаш на работа ќе паднев од стол од што се извадив од памет заради тоа што колешка една ВО ДРУГАТА КАНЦЕЛАРИЈА си го дуваше носот. Значи толку се гласни, тоа е чудо невидено. Јас и да сакам, таа фрекфенција со носов не ја произведувам, па да се убијам. Е овој типов мртов ладен додека во позадина пее хорот, а оргулите хармонично го придружуваат, вади марамицата и ТРРРРРРРРРРРРРТТТТТТТТТТТ. И повторно (не лажам, жими се!) за малку ќе се превртев од клупа, а Хелгите и Фрицовите околу мене мртви ладни, не ни приметуваат. Пак си викам во мене, да беше ова кај нас, ќе излезеше попот, ќе го фатеше Фриц за врат и ќе го исфрлеше надвор од црквата, со порака дека може да се врати кога ќе научи бонтон!
Заврши концертот, за на крај рака на срце дадоа сите еден громогласен аплауз, и си отидовме дома.
0 comments:
Post a Comment