Германските деца…

Абе како да не се чувствуваш испровоциран после ваков текст. Понекогаш дури си викам, Јовано будало ниедна, во ниедно време седиш на компјутер и јадеш трици само за да си олесниш на душата, а види го овој, го прави истото, ама за пари. За многу пари.

Дојде време Латас да се жали како тоа децата ни биле отруени со политика. Тоа ти е исто како Милка да излезе со став дека чоколадото дебелее, за одма утредента да извади нов тип на чоколадо, и тоа по промотивна цена. Децата мили Латасе ни се отруени со политика од корумпирани медиуми како твоите. Многу ме интересира со каква ли колкумна ќе излезеше да беше полтрон на Берлускони, после оној испад кога тој и чешкиот министер си правеа пул парти со еден куп топлес 18 годишни манекенки. Како ли во таа ситуација ќе ги окривеше СДСМ, соросоидите, героидите, предавниците и душманите.

Но добро. Ај што се отруени, па и биле ретардирани. Не биле така едуцирани како децата во Германија и Холандија. За Холандија не знам, ама за Германија со полна одговорност тврдам дека нивото на општа култура во оваа напредна земја е на многу ниско ниво. Баш пред некој ден во воз седев карши двајца дечки што беа тргнале на факултет (!). Беа околу 22 – 23 години. Разговорот меѓу нив се одвиваше вака:

Фриц: Пред недела дена се вратив од Париз.

Ханс: Еј, како беше? Каде беше?

Фриџ; Многу беше убаво. Леле какви музеи имаат да видиш, огромни се. Во Лувр на пример има слики што се големи од подот до таванот. Замисли, на цел ѕид!!

Ханс: Лувр? Што беше тоа?

Фриц: Абе Лувр, не ти текнува? Од Кодот на Да Винчи?

Да не беше Ден Браун и неговиот бестселлер Ханс и Фриц немаше и ден денес да знаат што е Лувр и што се има во него. За Мона Лиза дали чуле не знам, не падна муабет на таа тема.

Германските деца не знаат кој е Лав Толстој, не знаат кој кажал раздели па владеј. Особено па не ако им го кажеш на латински. Кога ќе им кажеш дека си православен, понекогаш не се сигурни дали православен значи дека си христијанин. Школскиот систем им е таков што уште во 7 - 8 одделение во однос на претходно покажаниот успех им се предодредува дали ќе може да студираат или не. И тие што немаат добар успех одат во Hauptschule или Realschule каде што не добиваат средно образование со квалитет на гимназиско образование. Се насочуваат или кон изучување на занает или некакви високи стручни школи. И затоа 2/3 од нив не знаат кој е Толстој. А кај нас и тие што сакаа литература и тие што не сакаа мораа да знаат каква била бојата на фустанот на портретот на Ана Каренина. И затоа мене сега ми е јасно зошто во средновековна Русија аристократијата низ дома зборувала на француски.

Германските деца и те како се делат на џамии и цркви. Воопшто не се среќни што во сопствената држава се чувстуваат како странци. Ич не им прави ќеиф што кога ќе влезеш во воз/трамвај/автобус можеш да слушнеш се, само германски не. Но тоа не смеат да го покажат. Пред 60 години еден чичко со смешни мустаќи направи таков зулум низ целиот свет што тука само некој да покаже нетолерантност према друга вера, нација или боја на кожа ќе биде распнат на кол на сред плоштад. Во германските факултети има дури посебни простории каде студентите од муслиманска вероисповед можат петочки да се молат, за да не отсуствуваат од часови. Е до толку толерантни мораат да бидат! Во студентскиов дом живее еден дечко од Камерун кој што пред 3 месеци ја истепа неговата девојка (моја цимерка). Ама не тепање шамар два – тепање со клоци и боксови! Да не стигнев на време да викнам полиција кој знае до кај ќе дотераше. Што мислите, го избркаа? Јас лично мислев дека уште утредента ќе се најде со парталите на улица, ама фраерот се уште си живее во неговата соба, и замара други девојки, додека оние од управата на студентскиот дом мудро ќутат и се прават на три и пол зошто им е страв да го избркаат, да не им рипне овој со тужба за расна дискриминација. А мене од друга страна ми стигна опомена дека сум правела многу галама. А имаш право на 2 опомени. После третата те бркаат без пардон.

Нашите деца немале македонска енциклопедија. Па нормално дека ќе немаат. Кога во се живо и диво се меша политика, Обсе, Мобсе, Буш, Фуере и остала компанија никогаш нема ни да имаме македонска енциклопедија. Германските деца од друга страна сите до едно имаат енциклопедија. Може да се најде во секоја Galeria Kaufhof за 10 Евра. А сепак, нашите деца знаат се за Систинската капела, за Мона Лиза и степенот на перфекционизам со кој е нацртана нејзината рака, за тоа кој кажал I have a dream, за Сизиф, за ...

Германските деца ги здоболе за Гете и Бизмарк. Нити им причинуваат некој фактор во животот, нити па се нешто посебно горди на нив дека оставиле некаков печат во светската историја. Нити ги слават, нити ги величат. Живеат во сегашноста.

Германските деца не ја делат ужината со своето другарче. Дури и кога другарчето ќе ги замоли да ја поделат со него ужината, дека тоа си ја заборавило својата дома. А ние од друга страна во прво одделение ја имавме првата лекција дека секогаш треба да ја поделиме својата ужина со другарчето, во случај тоа да нема понесено сендвич со тебе. Учевме дека не е културно да јадеш, а да не им понудиш на пријателите. Овде ги учат дека нити треба да даваат на некого, ниту да очекуваат да им биде дадено нешто. И затоа се многу индивидуални. За мој вкус преиндивидуални, но тоа е друга тема. На 18 години се иселуваат од дома, работат и се издржуваат самите за време на студиите. Не доаѓаат дома после работа и викаат мамо стави ми за јадење.

На германските деца ич не им е гајле што нивната канцеларка, и воедно една од најмоќните жени во светов, тотално нема осет за естетика и во нејзините палта изгледа како да не ја извадила закачалката. А кај нас Грујо да излезе со кравата која што не му одговара на кошулата, ќе се јави утредента опозицијата со став: Ете, кај не знае држава да води, ни една кравата не знае да искомбинира со кошула. Ќе се јават модни дизајнери со совети како да се комбинираат бои и материјали. Ќе се направат 200 Фејсбук групи од типот: Ајде да му купиме кравата на Грујо за роденден….

Германските деца се инженери. Три пати мерат, еднаш сечат. Планираат. Многу планираат. Зошто од мали учат дека 80% е планирање, а 20% егзекуција.

Германските деца се деца на земја која што во рок од 30 години започна две светски војни, кои што ги изгуби, земја која што беше срамнета со земја, земја која што беше опустошена – природни ресурси, економија, индустрија, човечки фактор… Земја која што 40 години беше поделена на политичко-идеолошка основа. Земја која денес е економија број еден во светот!!!

И додека ние градиме катни гаражи во барок стил, овде градат патишта и пруги. Додека ние глумиме ренесанса, тие го создаваат новиот правец.

Германските деца живеат во земја во која што можеш да најдеш буквално се. И од тој аспект, можеби се посреќни од нашите деца. Но попаметни не се! Само се дисциплинирани и научени да функционираат по план. Ако нешто тргне наопаку, секогаш постои план Б. Ако тој план не успее постои план Ц… и така до бесвест. И затоа се функционира беспрекорно во оваа држава. Зошто не можеме и ние нашите деца да ги научиме да планираат?

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top