Час по историја

Во Фулда има многу Руси. Ама ептен многу! На каса во супермаркет, до мене во автобус, во паркот... ги има насекаде. И до пред некое време ич не ми беше јасно што мајка бараат толку руси во Германија, дека мислев дека најголемото малцинство во Германија се Турците. Се распрашав наоколу, прочитав по некои статии на интернет и дојдов до многу интересни факти за кои што сум немала појма, а кои што датираат од малку поодамна.

Катерина Велика (не групата... хехе) како што знаете била Германка. Во 1762 се мажи за Петар III. После 6 месеци се дига револуција против него, тој кутриот умира и на тронот, и покрај тоа што не е по потекло русинка, стапува Катерина Велика. Во 1763 година Катерина Велика потпишува декларација за отворена имиграција на луѓе што сакаат да живеат во Руското Царство. Зошто? Во втората половина на 18 век Централна Европа била пренаселена, имало војни, револуции, бунтови, расни и верски нетрпенија и слично... А од друга страна, руското царство било многу послободно општество со многу повеќе слободен простор за живеење од се уште феудалната Европа. На сите тие имигранти и доселеници им биле доделени политички права кои што не би ги имале во Германија, ослободување од воена обврска, земјишта за обработување... итн...

И така тие Германци си живееле 200 години во Русија. И покрај тоа што многу не се мешале со Русите, бидејќи ги имало многу, си останале чисти по крв Германци, но Руси по менталитет, говор, начин на размислување, воспитување и слично.

1939 година. На светот му се случува Втора светска војна. Хитлер, како што го дал Господ, сакал да ги обедини сите Германци на една територија. Откако ја нападнал Полска, во договор со Сталин, прво протерува едем куп Полјаци од западна Полска а потоа врши насилна и масовна преселба на сите тие руски Германци во становите и куќите на протераните Полјаци.

1945 година. Германија ја губи војната. Црвената армија маршира накај Берлин. Преку Полска нормално. Преплашени рускиве Германци да не го попапаат од Русите, бидејќи биле сметани за предавници на земјата која што пред само 200 години им учинила толку многу, бегаат на запад и се населуваат низ цела Германија.

1991 година. Се распаѓа Советскиот Сојуз. Остатокот од руските Германци, кои што не се вратиле во меѓувреме во Германија, биле пратени по наредба на Сталин насекаде низ Советскиот Сојуз, а посебно во Казахстан, да работат. Откако се отвораат границите на Источниот Блок, по законот за право на враќање во родната држава, најголемиот дел од тие руски Германци се преселуваат во Германија.

Овие луѓе се уште не можат да се интегрираат во општествово. И покрај тоа што по крв се Германци, по менталитет и начин на размислување се комплетни Руси. Се движат во затворени ограничени кругови и зборуваат само на руски. И ете, затоа кога одам во супермаркет слушам само Руси како пазарат...

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top